Достапни линкови

Вера Коцо: Судскиот совет го стави судскиот систем на тапет


Судиите не покажаа целосна професионална храброст
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:49 0:00

Судиите не покажаа целосна професионална храброст

Случувањата во Судскиот совет се аномија, непочитување на закон и отсуство на морални норми, вели поранешната врховна судијка Вера Коцо во интервју за Радио Слободна Европа. Таа вели американската амбасадорка со право реагираше за Апелициониот суд, а оправдувањето на Апелација не „држи вода“.

Судијке, за помалку од пет месеци се сменија две претседателки на судскиот совет. И двете претседателки и Павлина Црвенковска и Весна Дамева обвинија за политички притисоци, а Црвенковска дури обвини за судско-бизнис елита. Што зборува тоа за Судскиот Совет?

Ова сега што се случи во Судскиот Совет некако како да беше очекувано дека ќе дојде до такво нешто. Не дека таа ( претседателката Весна Дамева) покажа неспособност во извршувањето на нејзината функција, меѓутоа за да се менаџира еден таков Совет, едно такво тело кое треба да се грижи за самостојноста и независноста на целокупното судство во нашата држава е навистина тешка и комплицирана работа. Ова што сега последно се случи, јас ќе кажам еден грчки збор што значи аномија.

Што претставува аномијата? Тоа значи непочитување или непостоење на законски одредби и изостанување на морални норми или вредности. Напротив она што се случуваше за мене претставува аномичен настан. Да се реагира на таков начин, независно дали таа ја исполнувала солидно нејзината функција во овие 4 и пол месеци, е навистина голем предизвик. Како успевала да ги менаџира состојбите во Советот, јас не знам.

Но, ова што се случи e недозволено. Не е дозволено од страна на нејзиниот заменик, да си земе за право во нејзино присуство да го преземе водењето на седницата, да нафрлува работи кои не се испитани и наједноставно ги повика присутните да гласаат за нејзино разрешување. Со кое право? Немаше такво право, од причина што со Законот за судски совет не е предвидено разрешување на претседател на Судски Совет.

Има постапка за разрешување на член на Судски Совет. Има постапка за разрешување на член на Судски Совет, но претходно треба да се води дисциплинска постапка, па потоа додека се утврдат оние потребни околности во однос на некакво непочитување на законот или неспроведување на работа на СС, во ред, но во случајот се прерипнаа сите тие работи. Прво, немаше законска одредба во таа смисла, второ самата седница како што беше изведена беше сосема непристојна и надвор од сите законски решенија.

Се очекуваше да биде сменет судијата од Апелација Енвер Беџети кој 9 месеци во фиока го чуваше предметот за една од најголемите афери со преслушување Таргет-Тврдина. Но наместо тоа, се случи друго, ја разрешија претседателката. Дали ова може да се толкува дека е причината за овие случувања, дека тоа е заднината?

Во поглед на овој факт, дали постоела некаква ситуација да се превземат мерки за расправање околу одговорноста на судијата Беџети од Апелациониот суд има доста зборувања, дали е така или не јас не знам, меѓутоа Судскиот Совет покрена постапка за испитување на неговата одговорност во Апелација, изврши проверка на сета ситуација околу предметот и тој извештај од таа трочлена комисија требаше да биде разгледан на седница.

Најверојатно, сега шпекулирам, било предмет дали да се стави на разгледување тој извештај или не и се поделиле членовите на Судски Совет на две страни. Едни биле за разгледување на тој извештај, други најверојатно не. И од тие причини се дојде до прекин на седницата и наеднаш се пристапи кон разрешување на претседателката што е нон сенс.

Не може така да се постапува. Како и да е и каква и да била состојбата, дали имало некакво ненавремено постапување од страна на претседателката или пак се вршел притисок да се стави на разгледување ова прашање околу тој судија, не може да се постапува незаконски. Мора да се спроведат сите работи коишто се предвидени со Законот за судски совет.

Во тој контекст, кога за судијата Беџети е отворена постапка и се разгледува дали има потреба од негово разрешување или не, што мислите дали може и и натаму тој да биде во игра за избор на врховен судија ?

Точно тоа е проблемот кој што произлегува од сите овие околности. Се слуша во јавност дека тој имал некаков предлог, дали е официјален или така е кулоарски само, да оди во Врховниот суд. Не смее да се занемари тоа што тој го направил во Апелациониот суд. Факт е дека во Апелациониот суд предметот е држен повеќе од 9 месеци, иако имало расправа која што укажувала на укинување на предметот, што значи дека можеле да го укинат предметот навремено, доколку така ценеле, и потоа да се пристапи што е можно побрзо во работа од страна на понискиот суд.

А во случајов предметот е држен повеќе време, па вратен иако беше јасно и за јавноста и за професионалнците во таа струка дека му прети застарување на ова дело. На тој начин не може да се избега од одговорноста дека има некаква цел или намера која требаше да се утврди токму на оваа седница со членовите на Судскиот совет.

Но, на овој начин само се избегна и се доведе во една ситуација, не само судскиот совет туку целиот судски систем се стави на тапет и на оцена на јавноста, која знаеме дека нема доверба, особено граѓаните немаат доверба во судскиот систем од овие причини кога остануваат нерасчистени и замаглени полно случаи и ситуации.

Американската амбасадорка во Скопје изрази разочараност од одлуките на Апелација за поништување на пресуди. Како гледате на тоа што Агелер ѝ го пиша на судската и на извршната власт?

Нашата држава е под мониторинг, не само заради пристапот кон оние најавувани преговори за влез во ЕУ, меѓутоа од поодамна се врши мониторинг од страна на повеќе амбасада, не само на американската амбасада: што се работи во земјата, како и на кој начин се работи, бидејќи и тие имаат многу проекти што ги финансираат во однос на проекти поврзани со остварување на судската функција. Во овој случај американската амбасадорка со право реагираше.

Таа не се мешаше во оценувањето на предметите, туку наједноставно изрази загрижувачки став - што се случува со предметите коишто се од висок профил криминал, дали навремено се решаваат или истите тежнеат кон застарување, што во случајов се случи.

Вие имате големо искуство како судија во Апелација. Дали е реално оправдувањето на Апелацискиот суд дека ажурноста зависи само од бројот на судиите ?

Бројот на судиите е проблематичен во тој суд подолго време. Точно е дека работата со многу мал капацитет на судии, дури во последниот избор не беа избрани некои судии, но како и да е,Апелациониот суд морал да постапува малку повнимателно и сите оние предмети коишто ги јавноста ги знае, којашто е заинтересирана за побрзо решавање на овие предмети, морале да добијат приоритет во решавањето визави другите предмети, што значи оправдувањето дека немаат доволно кадар, не држи сосема. Тоа е точно, меѓутоа затоа се прави план во работата. Секој суд, секој судија, мора да постапува според план, не може така непрофесионално и волонтерски да се постапува.

Покажуваат ли судиите професионална храброст за високо профилните случаи?

Па, не сосема. Нешто се обидоа да направат, одредени предмети се завршија, меѓутоа тоа не беше до крај така. Одредени предмети во Основниот кривичен суд не беа навремено решени, се решаваа по неколку години. И сега што очекувате кога ќе дојдат во Апелација? И таму ќе бидат задржани и неколку предмети пропаднаа, два или три: Таргет-тврдина и кои беа другите, сега во моментов не се сеќавам, меѓутоа неколку предмети пропаднаа.

Целото интервју со поранешната врхован судијка Вера Коцо може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG