Достапни линкови

Филхармонија и НОБ со модерни техники за „подмладување“ на публиката


Илустрација - Фотографија од концерт на Македонска филхармонија

Културните институции се свесни дека новото време бара нов пристап на презентација на програмата, со цел таа да биде поатрактивна за младите генерации

Пандемиските услови наложија празнење на салите на Македонска филхармонија и Националната опера и балет, концерти и претстави со посебни протоколи и повеќе празни столчиња во сала од вообичаено. Но, невообичаените околности ги мотивираа институциите да бараат алтернативни решенија за тоа како она што е на репертоарот да стигне до љубителите на класичната музика, дури и кога тие не се физички присутни на концертот, како и да привлечат сосема нова публика.

Културните институции се свесни дека новото време бара нов пристап на презентација на програмата, со цел таа да биде поатрактивна за младите генерации.

„Мораме да го смениме пристапот кон пласирање на информациите, за да ја привлечеме новата, но и младата публика. Намерата ни е, а тоа веќе го правиме во изминатиов период, да делуваме побудно и во сферата на маркетингот и дизајнот, фотографијата или мултимедијалните форми на изразување, дигиталната уметност, за да најдеме заеднички јазик со новите генерации слушатели на музика“, вели за РСЕ в. д. директорка на Македонска филхармонија, Тина Иванова.


Во време на пандемија, дојде природно дигиталните медиуми да станат ефикасна алатка, преку која класичната музика поедноставно го „пробива“ патот до ушите на нова, млада публика.

„Трендот дека публиката старее е глобален тренд, и секоја институција како нашата се соочува со предизвикот на привлекување на помладата популација која ќе ги посетува класичните оперски и балетски претстави. За време на пандемијата се приклучивме кон трендот на дигитално прикажување на нашите продукции на официјалниот „YouTube“ канал на Националната опера и балет, и можност секој да ги гледа нашите претстави дигитално од своите домови“, ни изјави Васо Ристов, директор на Националната опера и балет.

„Да се ангажираат млади уметници, но не во споредни улоги“

Дино Имери, како еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари, со бројни домашни и меѓународни настапи, може да се пофали со генерациски разновидна публика која ужива во неговите концерти. Но, ја препознава важноста на „подмладување“ на публиката. Неговиот личен впечаток е дека младите се генерално „гладни“ за класична музика, а институциите треба да го искористат тој потенцијал и да сервираат нешто квалитетно на „чинијата“, на соодветен начин.

„Постои подмладување на публиката кое се случува спонтано, односно без предодредена културна стратегија. Тоа покажува дека во нашата земја постои голема волја кај младите генерации да бидат активен дел од светот на класичната музика. За жал, не само што не се прави ништо во насока на зајакнување и инволвирање на младите, туку и воопшто не се препознава дека тој потенцијал постои и дека треба да биде главен фокус на сите активности на културните чинители“, изјави Имери.

Дино Имери
Дино Имери


Имери вели дека не треба да се комерцијализира содржината, туку да се модернизира начинот на кој таа е претставена.

„Амбиентот се создава и гради постепено. Сè почнува однатре, односно во внатрешната политика на институциите. Најпрво, ангажирање на млади уметници - не во споредни улоги, туку во најважните и најекспонираните проекти од програмите. Токму младите носат во себе нови и свежи идеи, го носат духот на новата генерација, енергичноста и иновативноста. Покажете им на младите дека вистинските вредности може да бидат препознаени и наградени, дека има простор за да ги искажат своите чувства, ставови и идеи. Потоа, презентацијата. Новото време носи нови предизвици и бара нови решенија. Да се доближи класичната музика до младите не значи да се комерцијализира содржината, туку да се модернизира начинот на кој таа содржина е претставена. На крај, достапност и инклузивност. Билети со достапна цена, клуб на млади, директен контакт со гостите уметници, отворање на катчиња за млади во самите институции, организирање на работилници, семинари, дебати, силно присуство во медиумите и конечно едно вистинско отворање на институциите кои за жал се најчесто затворени дури и за најеминентните уметници од оваа сфера“, истакна Имери.

„Времињата малку се променија, па сега класичната музика е мејнстрим“

Од Македонска Филхармонија велат дека во последно време во нивните редови може да се сретне публика од сите генерации љубители на музиката, а тоа особено ги радува.

„Се сметаше дека класичната музика во животот на човекот настапува кога тој е повозрасен, позрел, помудар, па така и подлабоко, попроникливо може да ја следи музиката, поискусно да го разбере нејзиниот потконтекст. Тоа се теории со кои јас не се согласувам. Времињата малку се променија, па сега класичната музика е мејнстрим. Секако, зависи и од тоа што ние нудиме. Ако на програмата имаме и малку попрогресивни дела, помлади изведувачи, поатрактивна програма, дела кои се фузија и со помодерните струења, тогаш неизбежно е да гледаме нови и млади ликови во концертните сали. Иако и тоа не е правило. Нашата тенденција е да привлекуваме нова публика, без разлика на возрасната граница. Да ги натераме луѓето да немаат аверзија кон класичната музика, да не мислат дека таа е вештерка, да ја запознаат, да се едуцираат, да уживаат...“, истакна в.д директорката Иванова.

Архивска фотографија
Архивска фотографија

И во Националната опера и балет се бележи пораст на бројот на млади посетители. И кај нив, како и во Македонска Филхармонија, континуирано се бараат нови стратегии за овој тренд да продолжи.

„Достапноста на социјалните мрежи како Facebook, Instagram,YouTube, воведување на атрактивна програма за помладата популација, детските претстави кои претставуваат еден вид на едукација на најмладата популација и доближување кон класичната музика, запознавање со инструментите, запознавање со начинот на работа и реализација на еден проект се алатки и дел од стратегијата за привлекување на млада публика. Одреден број на претстави од алтернативен и популарен карактер, организирање на посета на ученици од основните и средните училишта, посета на генералните проби на претставите се важен дел од едукацијата на младите кои што се наша потенцијална публика во иднина, а воедно се дел од стратегијата на привлекување на помладата публика“, нагласува Ристов.

Младите имаат желба, институциите имаат што да понудат, а наоѓањето на заеднички јазик се очекува да им помогне да се најдат „во средина“ за трендот на „подмладување“ да остане актуелен.

Автор - Емилија Бунтеска Нацоска

XS
SM
MD
LG