Достапни линкови

Уште илјада вклучувања во живо и решение за дивоградбите и во Охрид


Уривање на дивоградбата кај Мавровка

Речиси и да нема туристичко место во Македонија кое не е преполно со дивоградби. Тие во Охрид, Шапка, Галичица, Струга, Матка никој не ги чепка. Ако секое уривање се пренесува во живо, ќе треба да се отвори посебен телевизиски канал само за тоа, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Уривањето на дивоградбата кај трговскиот центар Мавровка е медиумски настан на неделата. Тоа беше прва вест на сите национални телевизии, а голем број медиуми го пренесуваа почетокот на уривањето во живо на социјалните мрежи. Како едно обично спроведување на законот стана вест која се пренесува во живо, прашуваат едни. Ако спроведувањето на законот е реткост, тогаш нормално дека таков „инцидент“ ќе предизвика огромен интерес, одговараат други.

За трети, пак, тоа што владата морала директно да се вклучи во решавање на комунален проблем како уривање на бесправно изграден објект е доказ дека во државата ништо не функционира – од инспекторати до локални самоуправи.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи бараат ова да не биде само претстава за замачкување очи, туку почеток во конечната пресметка со градежната мафија и волунтаризмот.

По неколку месеци молк, кога почна уривањето на објектот, се појави и досега „анонимниот“ инвеститор. Тој тврди дека неговиот објект не е дивоградба и оти ги има сите дозволи за градење. Дел од луѓето велат дека во случајот има повеќе вклучени, оти не може некој сам да почне да гради среде центар, а никој од надлежните да не знае ништо.

Кога веќе механизацијата ви е на терен, може да ги подберете и другите дивоградби во околината, велат дел од граѓаните.

Кога владата покажа дека може ако сака, почнаа да се засилуваат барањата за расчистување на дивоградбите и во Охрид, кој беше во опасност да го загуби заштитениот статус на УНЕСКО. Уште 1000 вклучувања во живо и ете решение за дивоградбите во Охрид.

Но, не се само Скопје и Охрид. Речиси и да нема туристичко место или заштитено подрачје кое не е преплавено од дивоградби.

Оние, кои, живеат во другите градови реагираат дека ако не се случува во центарот на Скопје или во некое познато туристичко место, тогаш медиумите воопшто не се заинтересирани.

Некои, пак, се мајтапат користејќи фудбалски метафори.

Драмата со дивоградбата на основа од 330 квадратни метри кај Мавровка трае два месеци месец. Прво, општинските инспектори не знаеле кој е инвеститор на објектот, па потоа решението за уривање до непознат сторител го објавија во весник, па откако не се најде сопственикот Општина Чаир објави два тендери за уривање, на кои не се пријави никој заинтересиран. На првата седница по формирањето на нова влада беше донесена одлука објектот да го урне Јавното претпријатие „Македонија пат“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG