Достапни линкови

Трнлив пат до правда за жртвите од Јавна соба


Протест за Јавна соба во Скопје

Малкумина дочекаа правда за случаите Јавна соба. Жртвите се соочуваат со многу проблеми, додека законските измените кои треба да им помогнат на жените, остануваат заглавени во Собрание.

„Драга моја, победивме! Никој не смее да објавува ништо пратено во доверба! Сите што ќе се обидат,ќе бидат казнети! Ти се воодушевувам на истрајноста што издржа до крај.“

Вака адвокатката Катерина Котевска ја објави пресудата поврзана со т.н. битолска Јавна соба, каде без дозвола на нејзината клиентка, на интернет биле споделувани експлицитни фотографии кои таа ги испратиле во доверба, на нејзин поранешен партнер.

Ваквите пресуди според Котевска значат многу во заштитата на правата, пред се на жените, кои во одреден момент, ставиле нешто на интернет или го испратиле во доверба, макар тоа биле и експлицитни фотографии. И покрај позитивната пресуда, вели дека процесот воопшто не бил лесен за жената која ја претставувала.

„Случајот Јавна соба во Битола беше пеколен за жртвата. Таа остана без пријатели, беше отфрлена од средината, јавноста ја познаваше, се споделуваа скриншотови од објавите и сето тоа допринесе до еден пекол за жртвата која патеше, патеше целото нејзино семејство, целата околина. Наместо да и се даде поддршка, таа беше отфрлена“, вели адвокатката.

Низ пекол поминуваа и многу други жени, кога пред две години во јавноста за првпат се дозна за Јавна соба, каде во затворена група на апликацијата Телеграм се споделуваа слики и видеа од девојки - некои пратени во доверба, други преземени од социјалните мрежи, дополнувани со Фотошоп, со недолични коментари, но и контакти од девојките. Дел од нив беа малолетни.

Скопскиот кривичен суд досуди по четири години затворска казна за креаторот и модераторот на групата, но само за делото производство и дистрибуција на детска порнографија. Односно бидејќи дозволиле да биде споделено видео со сексуално злоставување на дете не постаро од пет години. Изостана казната за споделувањето содржини без дозвола од илјадници жени и девојчиња.

Меѓу нив беше и Ана Колева, една од ретките кои решија јавно да проговорат за случајот. За групата дознала откако почналa да добива повици од многу непознати броеви по телефон. Подоцна разбрала дека некој и земал слика од Инстаграм и ја постирал во групата заедно со нејзиниот телефонски број, по што следеле бројни коментари, повеќето недолични. Исплашена отишла во полиција, каде како што вели, удрила со глава во ѕид. И рекле дека има многу вакви групи, и ништо не можат да сторат. Затоа и се радува за пресудите како онаа во Битола.

„Мислам дека некои луѓе се освестија за тие работи, не сите. Но во секој случај добро е да знаат дека нема да поминат така лесно. Затоа што еве веќе има луѓе кои што се сносеа со последници. Претходно никој немаше никаква последица за таков прекршок и такво нанесување штета некому“, вели Колева.

Но многумина не го делат овој оптимизам. Прво поради тоа што изостана правдата за скоро сите жени кои досега беа споделувани во вакви групи, но и бидејќи измените во Кривичниот законик се заглавени речиси една година. Дел од нив беа најавени како „решение“ за случаите Јавна соба.

Измените на Кривичниот законик заглавени во Собрание

Во „пикот“ на случајот министерoт за правда Бојан Маричиќ изјави дека ќе се имплементира Истанбулската конвенција и законски ќе се допрецизира заштитата на жените, меѓудругото и со внесување ново кривично дело „Демнење“. Притоа најавени беа строги казни за вознемирување преку интернет, но и за секој кој неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во нечиј личен живот.

Демнењето како дело беше воведено во новиот Закон за насилство врз жените донесен на почетокот на 2021 година, каде се препознаени разните видови насилство. Но, за тие да се препознаат како кривични дела, неопходни се измените во Кривичниот законик.

Елена Димушева, од Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство го следеше овој процес од самиот почеток. Потсетува дека уште во 2017 година беше усвоена Истанбулската конвеција, која предвидува криминализирање на сите форми на насилство врз жени. Планот бил до крајот на 2019 година да бидат усвоени сите законски измени. Пет години подоцна, процесот е стигнат до Собранието и е „жртва“ на тековните политички процеси.

Таму во моментов се случува активна блокада од страна на опозицијата, со што е закочено носењето на голем број закони.

„(Ако) Кај нас се случува дека самото носење на измените е тежок чекор, тогаш што можеме да очекуваме понатаму? Она што нас ни останува цело време како отворено прашање е дали нашата држава и сите релевантни институции, вклучително и Владата, навистина сакаат да ја променат состојбата со жените. Некако само како декларативно да излегуваат со некакви изјави, а кога ќе дојде ред навистина да се направат промените, затајуваат со преземање чекори“, децидна е Димушева.

Здруженијата на граѓани не го добиле на увид ниту законскиот текст, за да видат колку од нивните забелешки се усвоени. Од Министерството за правда потврдуваат дека во текстот е вградено новото кривично дело „Демнење“, како и дека за него предвиделе парична казна или затвор до три години. Ако се работи за дете, и до пет години затвор.

„Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик е во собраниска процедура. Во него, меѓу другото, се врши усогласување со Истамбулската конвенција. Имено, се инкриминира демнењето како ново кривично дело со одредби преку кои ќе бидат предвидени и санкции за сторителите, а истовремено ќе се обезбеди заштита за жртвите“, велат од Правда.

Но ова не е доволно за Бојана Јовановска, од Платформата за родова еднаквост која беше меѓу предводниците на протестите за Јавна соба, барајќи правда за сите жени жртви кои го изгубија својот мир, за нарушеното здравје, распаднатите односи во семејството, прекинатите врски и бракови. Потсетува дека ова е само еден чекор, потоа ќе дојде потешкото, имплементацијата на она што е ставено на хартија.

Жртвите од Јавна соба не ја добија својата правда, вели таа потсетувајќи дека голем број жртви на родово базирано насилство со години се заплеткани во правните лавиринти. Задоволна е од исходот во Битола, но потсетува дека ова е редок случај, кој повторно не бил препознаен како родово-базирано насилство.

„Ние се уште како општество, во прв момент го вперуваме прстот кон жртвата, дека сигурно има нешто што е направено за што е таа виновна да биде злоупотребена. Така што е потребна сериозна промена на тие родови наративи, стереотипи, кои секако не одат во прилог на жртвите кои поради тоа се обесхрабрени и да пријавуваат и да водат постапки“, вели Јовановска.

И адвокатката Котевска е свесна дека се потребни промени на наративите во општеството, но и од оние кои треба да ги штитат жените, како судот, полицијата, институциите.

„Во ред е утврдување на секое сторено дело, се гледа т.н придонесот на жртвата, меѓутоа придонесот во некои дела е незначителен со оглед на сторувањето на делото. Како на пример ако имате силување со тешка телесна повреда или со смртна последица, не е воопшто битно дали жртвата била провокативно облечена“, завршува Котевска.

Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11 мај 2011 година, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата со семејното насилство. Ова е и првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените.

Македонија ја потпиша конвенцијата неколку месеци по нејзиното донесување, но потребни беа шест години за таа конечно да биде ратификувана, на почетокот на 2018 година. Ратификацијата подразбира низа обврски за владите како преземање конкретни чекори за спречување на сите форми на насилство врз жените - од демнење и сексуално вознемирување до домашно насилство, принуден брак и женска генитална мутилација. Притоа, правата на жените што поминале низ насилство треба да се во центарот на сите мерки кои се спроведуваат по пат на ефективна соработка и координација со сите надлежни органи, институции и организации.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG