Достапни линкови

Трајкоска: Топлината и душата секогаш ќе ми бидат во Македонија


Христина Трајкоска - авто портрет
Христина Трајкоска - авто портрет

„2 Соби, Пандемија и Јас“ е насловена изложбата на македонската фотографка и графичка дизајнерка Христина Трајкоска што во текот на изминатиот месец се одржа во Галерија „Рудиќ“ во Скопје. Уметничката којашто живее и работи во Словенија за прв пат кај нас претстави 23 свои авто портрети.

Дваесет и три авто портрети, концепти и емоции со кои се соочила за време на Ковид пандемијата ја чинат фото изложбата на младата македонска фотографка и дизајнерка Христина Трајкоска, што во текот на изминатиот месец и нешто повеќе се одржа во Галерија „Рудиќ“ во Скопје. Нејзините дела се фотографирани во две соби - спална и тоалет и тоа всушност бил обидот на Трајкоска, во едни поинакви услови, во Словенија, цели две години оддалечена од своите најблиски, од семејството, пријателите, од она што најмногу сака да го работи – потретното фотографирање, да и се врати на уметноста.

Од таму, Христина не случајно знае да каже дека на почетокот била оттуѓена од себе и присиленоста да креира сама во тие две соби го гледала како пречка. Со надминување на ваквите нејзини изговори, си ја вратила самодовербата, решила да биде ранлива и за промена самата да застане пред објективот. Се вљубила во самиот процес на креирање авто портрети и ја потврдила лекцијата - „единствена пречка до успехот, се нашите мисли“.

Родена на 6 август 1997 во Скопје, Христина Трајкоска како полнолетна се сели во Словенија , каде што димпломирала на Факултетот за електротехника и компјутерски науки - ФЕРИ во Марибор. Наедно таа таму го проширила и знаењето во областа на фотографијата, видео продукцијата и дизајнот.

По завршените студии за медиуми и комуникации, ги сплотува своите вештини и ја отвора сопствената компанија - HTR Studio и работи како фотограф, видеограф и графички дизајнер а најмногу ја исполнуваат портретната и модната фотографија.

Досега свои фотографии изложувала на неколку фото изложби, а „2 Соби, Пандемија и Јас“ е нејзината пра самостојна поставка.

За својата работа добитничка е на повеќе награди – во 2013 била второпласирана на Денови на македонска фотографија во младинска конкуренција, а потем освоила и прво место во рамките на проектот "THE BEST 4 EU – 2013" организиран во чест на Денот на Европа. Следната 2014 освоила прво место за фотографија на тема „Зелен раст и климатски промени – 2014“, манифестација поддржана од Здружението на граѓани ОХО, четири години подоцна освоила две сребрени плакети на Денови на македонска фотографија, во младинска и во сениорска конкуренција, и лани се закитила со диплома за поединечна фотографија во сениорска конкуренција на истата манифестација.

Неодамна во Галерија „Рудиќ“ во родното Скопје се одржа вашата фотоизложба „2 Соби, Пандемија и Јас“. Изложивте ваши автопотрети, фотографирани во 2 соби - спална и тоалет, во кои се обидовте да ги доловите емоциите со кои сите ние во изминатиов двегодишен период се справувавме. Од каде потребата за ова претставување? Колку тоа во некоја рака беше лековито за вас?
- Ќе бидам искрена со вас, првично идејата не беше да се направи изложба од овие фотографии. Концептот произлезе едноставно кажано од мојата желба да продолжам креативно да се изразувам и во пандемијата, односно да го правам она во кое што уживам најмногу - портретното фотографирање. Со оглед на тоа што бевме дигитализирани, антисоцијализирани и затворени дома, немав друг избор освен да ги преминам моите изговори и да застанам сама пред објективот. Се случија чудни работи благо кажано, научив многу интересни лекции и почувствував од прва рака како им е на моите клиенти. Верувам дека со облекувањето на туѓите чевли, се добива нова перспектива и стекнуваат нови знаења од дотогаш неистражени области.

Колку храброст, па ако сакате и инает, ви беше потребна за да се справивте со себе и од сето тоа да креирате уметност? За каков процес всушност се работеше?
- Да не би била пандемијава, процесот веројатно ќе течеше многу помазно, полесно. Дури и во деновите кога се чувствував убаво во својата кожа, енергично и инспирирано, самата лоша енергија што владееше наоколу ме туткаше во ќебе. И дефинитивно најголем предизвик во тие моменти ми беше да се претставам вистинската јас. На многу од изложените фотографии гледам маани во себе и не си се допаѓам, но емоцијата била таа, а тоа ми беше и главната цел. Се останато се решава во мислите, тие ни се единствена препрека до успехот.


Колку сте задоволни од поставката во Галерија „Рудиќ“? Од атмосферата што со своите фотографии и со видеата, со одбраната музика, ги креиравте? Дали така ги замислувате своите творечки претставувања во јавноста?
-
Без мојот ментор, искрен критичар и пријател Боро Рудиќ, овие фотографии немаше да мрднат подалеку од инстаграм. Тој го препозна потенцијалот во тематикава, и ме поттикна да се претставам како прв автор во Македонија што изложувал автопортрети. Ги избра фотографиите и ја постави изложбата беспрекорно. Засекогаш ќе сум му благодарна! А од атмосферата на отворањето, сеуште сум шокирана колку беше убаво. Покрај сите планирања и измислени сценарија во глава, така совршено не можев ни да си го претставам. Видеото додаде трета димензија, а Полина и Иван се мојот број 1 избор за секоја пригода. Прекрасни музичари и луѓе. Горда сум што ми се пријатели.

Со диплома од Факултетот за електротехника и компјутерски науки - ФЕРИ во Марибор и проширени знаења од областа на фотографијата, видео продукцијата и дизајнот, во Словенија каде што сега живеете ја водите сопствената фирма HTR Studio. Што ве натера на таков еден исчекор? Колку сили и само откажувања ви беа потребни за еден таков след на настаните? Сметате ли дека сте успеале ако ништо друго барем да се исправите во полето на делување што сте го одбрале?
- Отсекогаш потсвесно верував дека еден ден ќе имам нешто мое, креативно, што ќе шири инспирација и поттик секој да е свој. Да верува дека се е возможно, цврсто да стои зад своите цели и да работи на својата среќа. HTR studio настана многу природно, без големи планирања и препреки. Нормално, како и сите, и моите родители и пријателите си имаа свое мислење и желби за тоа каде би сакале ЈАС да продолжам понатака. Едноставно кажано, не беа луди по идејата да отворам фирма на 24 годишна возраст, без никакво претходно искуство во бизнис светот. Меѓутоа едноставно знаев дека морам да останам доследна на себе. Регистрирав компанија и со тоа официјално ги преточив моите пасии во работа. Во ниеден момент не се покајав. Наеднаш ми се отворија многу врати и моментално соработувам со партнери од Чешка, Италија и секако Словенија.

Генерално се бавите со фотографија и со графички дизајн, а за себе велите дека најмногу ве исполнуваат портретната и модната фотографија. Кон што се стреми Христина Трајкоска како уметничка и реално постојат ли услови за што поголем интернационален професионален исчекор? Кои ви се амбициите?
-
Знам дека ништо не знам. Звучи клише, меѓутоа баш оваа Сократова мисла ме турка напред, ме тера да размислувам во нови насоки и да се надградувам. Пред пет години ќе кажев дека сакам да патувам на рурални места и да ја документирам суровата реалност. Денес имам драстично поинакви планови, визијата константно ми се менува. Она што остана е желбата позитивно да влијаам врз луѓето со секој нов разговор. Сакам барем за момент да се почувствуваат убаво во сопствената кожа, без разлика дали е тоа во текот на фотосесија или не. А што се однесува до интернационалниот успех, сметам дека со развојот и можностите на социјалните мрежи шансата за успех од вакви размери е подостиглива. Верувам дека со многу љубов кон работата, добар маркетинг и професионален пристап, можеш се* да постигнеш. Да се истакнеш.

Различни се културните прилики во Словенија и во Македонија, но сепак има ли моменти кога ве победува носталгијата? Кога си пожелувате да се вратите дома. Ако ништо друго, барем и вака на кратко – со изложба.
- Топлината и душата секогаш ќе ми бидат во Македонија. Условите за живот во Словенија се несомнено подобри меѓутоа нашата топлина е нешто незаменливо. Нешто што дефинитвно треба повеќе да го цениме. Токму затоа одлучив мојата прва изложба да ја претставам во родното Скопје, пред моите најблиски кои ми се неизмерна поддршка од самиот почеток на ова патешествие со фотографијата.

Конечно, какви се натамошните планови за претставувања на изложбата „2 Соби, Пандемија и Јас“ ? Ќе се осмелите ли да ја одведете во други галериски простори во регионот, оти нели сите ние бевме жртви на еден глобален проблем каков што е пандемијата?

- Многу би сакала „2 Соби, Пандемија и Јас“ да и ја претставам и на охридската публика. Мојата втора дома, од каде што ми се корените. Изложбата ќе биде отворена до 7 јуни во Рудиќ Галерија во Скопје, но постојат големи шанси во текот на летото да ја види и публиката не само во нашата земја туку и во оние од регионот.

И, за крај, кога и со што повторно ќе ја предизвикате македонската публика?

- Тоа не би сакала да го откријам, се уште е многу рано. Во секој случај знам дека ќе бидете позитивно изненадени :)

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG