Достапни линкови

Томислав Османли со „Стрип – Деветтата уметност“како трето издание на еден сон


Насловната страница на книгата „Стрип - Деветтата уметност“ на Томислав Османли , автор Ѓорѓе Јовановиќ

„Стрип – Деветтата уметност“ е насловена капитална теоретска објава на Томислав Османли посветена на медиумот, уметничкото творештво, општествените влијанија и естетиката на стрипот што како издание на книгоиздателството „Бегемот“ од Скопје се појави деновиве.

Книгата „Стрип - Деветтата уметност“ на новинарот, писател, преведувач и над се* долгогодишен стрип вљубеник и теоретичар Томислав Османли претставува ново, изменето и опсежно, речиси двојно дополнето издание на првата македонска теоретска книга во доменот на „деветтата уметност“, првично објавена под насловот „Стрип - запис со човечки лик“. Делото најнапред беше публикувано во 1987 година како во издание на весникот „Млад борец“ каде Османли беше уредник, за да потем во 2002 година, збогатено и на 199 страници, го објави и книгоиздателството „Култура“. По скоро две децении оваа капитална објава збогатена со голем број нови теми, содржини и илустрации на 346 страници, еве ја пред вљубениците на стрипот овој пат со знакот на книгоиздателството „Бегемот“ од Скопје. Со тоа, како што ќе биде забележано, се несомнено се дополнува празнината која настапи по веќе дамнешното исцрпување на оваа книга за која не престанува интересот меѓу генерациите автори, проследувачи и љубители на деветтата уметност“.

Инаку, студијата на Томислав Османли која феноменот на стрипот го разгледува „од развојот на медиумот до актуелната идеологија и типографија на деветтата уметност“, го носи теоретскиот поднаслов „Антропоморфизмот на стрипот“, според тезата на овој наш македонски автор, дека стрипот е фигуративен и како таков – антропоморфен медиум и уметност. Тој нив подробно ги претставува во воведниот теоретски текст на својата книга насловен „Белешки за медиумската еманципација на стрипот: Пледоаје за современиот стрип“, низ 17 тези извлекувајќи мноштво релевантни теоретски заклучоци за карактерот и својствата на стрипот како медиум и како уметност. На трагата од овие свои постулати, Османли ги истражува медиумските граничници и експериментални стрипови и отаде „човекообраната фигурација“, во стрип-творбите што се стремат да донесат „чисто графичка динамика“ на непредметни или апстрактни форми...

Книгата која што сега се вика „Стрип – Деветтата уметност“ практично е едно теориско интересирање што ме држи од млади денови, од пред 34 години, и таа е трета верзија на едно продолжено интересирање на една книга и еден проект што јас ги нарекувам дијахрониски. Ова е трето издание на еден сон, на едно теориско интересирање и на едно занимавање со еден специфичен драмски заснован медиум многу популарен и се попопуларен и многу особен и на различни начини сега веќе присутен по збогатен медиум каков што е стрипот денес. Значи, се работи за едно искуство и за едно продлабочено интересирање на една книга којашто доживува своја обнова во едно двојно поголемо, поопсежно и верувам попродлабочено и теориски и информациски издание, вели Томислав Османли.

Инаку, појава на „Стрип – запис со човечки лик“, Дарко Марковиќ, легендарниот македонски стрип автор, карикатурист и аниматор, ја пречека со зборовите: „Ако досегашните дострели во истражувањето на стрипот кај нас ги означиме со восочна свеќа, тогаш истражувањата на Османли претставуваат ласерски зрак во оваа област...“. Проф. Д-р Борис Петковски, пак, за овој капитален труд и за авторот ќе напише: „Томислав Османли грижливо ги разгледува проблемите на временската, просторната и динамичка компонента на безбројните обиди, човековата мисловност да се овековечи во различните форми на ликовно-визуелното искажување, сѐ до филмот и фотографијата: за потоа да посочи дека, веќе од мугрите на стрипот, на ‘деветтата уметност’, сите белези што него го одликуваат се воедно и врсници со други инструменти на денешната цивилизација...“.

А, авторот на поговорот кон актуелното издание, кон „Стрип – Деветтата уметност“, Александар Стеванов ќе воскликне: „ ...Со квалитетот кој ги надминува границите на нашата земја, во оваа импресивна студија за уметноста на приказните во слики, чие што објавување со нетрпение го очекував, верувам дека би уживал секој еден стрипољубец. Впрочем, моја цврста убеденост е дека нејзиното објавување ќе биде прибележано како најзначајниот македонски стриповски настан и тоа не само на оваа туку и на претстојните години, барем од неговата деветта декада.

И, кога сме веќе кај значењето и далеку видливоста на овој труд не треба да се заборави дека студијата „Стрип - запис со човечки лик“ своевремено беше прогласена за книга на годината според изборот на сараевскиот младински неделник „Наши дани“, и за втор настан во годината на нејзината појава (1987) на југословенската стрип сцена. Таа стана неодминлив наслов во сите порелевантни објави на значајни наслови на поранешниот југословенски простор, а нејзината појава ја регистрираа повеќе информативни гласила низ регионот. За овој свој пионерски и капитален труд, авторот Томислав Османли доби две високи признанија: државната награда „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ за публицистика во 2004 и „Признание ’Љупчо Филипов’ “ на Стрип центарот на Македонија, за особени заслуги во афирмацијата на стрип културата и уметноста во Република Македонија“, во 2009 година.

Кон ова уште и информацијата дека оригиналното решение на кориците на актуелното издание на „Стрип – Деветтата уметност“ на Томислав Османли е дело на македонскиот стрип автор Ѓорѓе Јовановиќ, а книгата финансиски е подржана од Министерството за култура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG