Достапни линкови

Театарот како сон и нов креативен набој


Сцена од театарска претстава - илустрација за пораките напишани за Светскиот ден на театарот

Хелен Мирен, прочуената британска театарска и филмска ѕвезда, е авторка на Светската, а нашата Сузан Акбелге, актерка во Н.У. Турски театар – Скопје, на македонската порака за 27 март – Светскиот ден на театарот.

Ова време е многу тешко за изведувачките уметности; тешко е за многуте уметници, техничари и занаетчии; за жените кои се борат за своето место во оваа професија, која бездруго е обележена со несигурност.

Можеби оваа постојано присутна несигурност, ги направи театарџиите поспособни да ја преживеат оваа пандемија со мудрост и храброст.

Нивната имагинација како да самата се преведува и пренесува, во овие нови околности, во овие инвентивни, забавни и трогателни начини на комуникација, благодарејќи на насоките кои интернетот претежно ни ги наметнува.

Луѓето меѓусебно си раскажувале приказни откако постојат на планетава. Убавата култура на театарот ќе живее додека ние опстојуваме на неа.

Креативниот нагон на писателите, дизајнерите, танчерите, актерите, музичарите, режисерите, никогаш нема да биде потиснат, а во блиската иднина тој повторно ќе процвета, со една нова енергија и нови разбирања на светов, кој сите ние го делиме.

Едвај чекам!

Ова ќе го напише Хелен Мирен, една од сјајните ѕвезди на британското уметничко небо, во својата порака за 27 март – Светскиот ден на театарот. Со тоа таа и во оваа пригода наново ќе го изрази сопствениот оптимизам дека и покрај замавот на пандемијата не е далеку времето кога театарот наново ќе се воздигне и ќе донесе нова енергија, нови размисли за светот околу нас.

Хелен Мирен

И, кога сме веќе кај неа чисто за потсетување дека Хелен Мирен е една од најпознатите актерки со меѓународна кариера, со широко искуство во театарот, филмот и телевизијата. Таа зад себе има многу домашни и светски награди за нејзините сестрани улоги, вклучувајќи ја и наградата Оскар во 2007 година за најдобра улога во филмот „The Queen“ („Кралицата“).

Кариерата ја почнала со улогата на Клеопатра во Националниот младински театар, но за неа клучни биле четирите години поминати во прочуената „Ројал Шекспир Компани“. Сепак, успехот и се насмевнал кога ја почнала соработката со Питер Брук и неговата компанија, со која што настапувала на долгите турнеи и гостувања по Африка и Америка.

Оттогаш Мирен била учесник на бројни театарски продукции на Вест Енд, Фринџ, во Ројал Шекспир Компани, Националниот театар и Бродвеј во САД. Притоа за улогата во претставата „Месец на село“, ја добила номинација за наградата Тони, успех што го повторила и во „Танцот на мртвите“ на Бродвеј со Ијан МекКелен како партнер на сцената.

Била номинирана и за наградата Оливие за најдобра актерка, за улогите во претставите „Симнувањето на Орфеј“ и за „Ноќта ѝ прилега на Електра“, во продукција на Националниот театар.

Посебно интересен е историскиот момент кога Хелен Мирен во 2009 година му се враќа на Националниот театар за да ја одигра Расиновата „Федра“, во режија на Николас Хајтнер. Со тоа, за првпат една театарска продукција беше филмувана и потем прикжувана во кината низ целиот свет.

И кога сме кај нејзините театарски улоги да кажеме и тоа дека во 2013 година, во Лондонскиот Вест Енд, таа ја репризираше својата улога на Кралица Елизабета II во „Прием“ на Питер Морган, режирана од Стивен Далдри.

За ова остварување Мирен ги доби наградата Оливие и онаа насловена What’s On Stage за најдобра актерка, а во февруари 2015 година истата претстава се пресели на сцената на театарот „Џералд Шоенфилд“ во Њујорк, за Хелен беше овенчана и со наградата Тони за најдобра актерка.

И, кон ова а без идеја да се расфрламе со фактографија, со бројот на исклучителните филмски и телевизиски улоги, за значајни моменти од нејзиниот активизам и живот, само уште како значајна дополна дека во 2003 година Хелен Мирен беше прогласена за Дама на Британската империја.

Сузан Акбелге, фото: Ана Лазаревска

А, Сузан Акбелге, актерка на Турски театар и авторка на македонската порака за Светскиот ден на театарот, своето послание го почнува со прашањата: Дали животот е сон? Дали сонот е живот?
Зарем битисувањето на сцена не е сонување со очи ширум отворени?

И, потем вели:

Меѓу просторот кој магично се протега помеѓу актерот и публиката, сега и тука, пореално дури и од самите себеси, е она што ја исполнува суштината на театарот. Зарем не звучи како љубовта која е интимна, бескрајна, безвремена... Дадена само и само по своја волја... слободна.
Само љубовта може да ја смени неговата душа и само вистинската љубов може да го смени светот, да го оттргне волчјиот замав од патот на алчноста и кукавичлукот кон оној на честа, охрабрен.

Потсетува и на Бертолд Брехт кој своевремено прашал: „Во мрачните времиња ќе има ли пеење ?“ и потем си одговорил: „Да, ќе има пеење за мрачните времиња.“

И, не само на него туку и на тоа дека во далечната 1606 година, кога во Лондон за време на големата чума театрите биле повеќе затворени отколку отворени, Вилијам Шекспир во самоизолација ги создал двете култни драми „Кралот Лир“ и „Магбет“… Дека тогаш актерите ги напуштиле големите градови додека претставите се изведувале на отворено во помалите места.

Деновиве додека чувствуваме дека отсекаде не демне невидливиот тиранин, водени од палката на неговиот ритам, тој кој не присили да се прибереме не само во своите домови туку пред сѐ во себеси... за првпат после долго време какафонија... (пауза)... монолог.
Толку тивок, а толку гласен, толку слободен, а заробен.
Кризите секогаш се шанса за преобразба. Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата сѐуште не знаеме, но она што со сигурност го знаеме е дека светот во којшто човечката жед за консумирање го достигна врвот, наспроти битисувањето и креирањето, човечката рамнодушност кон сѐ околу него, општествената матрица која на сила втурнува политички чиновници кои уништуваат институции и цели генерации луѓе... актери, е неодржлив и дека промените се неминовни и нужни како на општествено, така и на социјално, економско, човечко и културолошко ниво.

Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативности истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина, ќе рече Сузан Акбелге.

И, во продолжение на македонската порака за годинешното одбележување на 27 март - Светскиот ден на театарот таа со покана и натаму да се сонува со очи ширум отворени:

Денес на светскиот ден на театарот, во време на голема криза
кога во изобилие го имаме само времето... Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме.
На крајот, ве поздравувам со зборовите на бардот на македонската драма, Горан Стефановски,
„Ќе зборуваме или ќе работиме?“.

Инаку, родена 1974 година во Германија, Сузан израснала следејќи го немирниот и авантуристички дух на нејзините родители кои често патувале и трагале по нови култури. Детството и поминало на релација Германија, Турција и Македонија. Основното училиште го започнува во Истанбул за да подоцна го заврши во Скопје. Во 1995 година се запишува на Факултетот за Драмски уметности во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Додека студирала паралелно започнала да чекори по штиците што значат живот во тогашниот Театар на народности во Скопје, подоцна Турски театар.

По неколку одиграни улоги 1998 год. добива прилика да блесне во улогата на Аглаја Ивановна во „Идиот” од Достоевски за која подоцна на фестивалот „Војдан Чернодрински“ ја добива наградата за најдобра млада актерка.

По дипломирањето во 1999 година нејзиниот немирен дух ја води да истражува и на другите сцени паралелно со турскиот театар, при што остварила бројни улоги во проекти како „Вон колосек “, „Идиот “, „Мемоарите на Сара Бернард”, „Плеј Шекспир”, „Маcedoine Одисеја 2001”, „Лудиот Ибрахим”, „Собрани дела од Шекспир”, „Антигона” и други.

Од 2007 година е член на ансамблот на Турски театар – Скопје, а во 2010 година за улогата на госпоѓица Јулија во истоимената претстава од Аугуст Стриндберг, е наградена на камерниот фестивал „Ристо Шишков“ за најдобро актерско остварување.

Кон ова само уште и информацијата дека организатор на дигиталното одбележување на 27 март - Светскиот ден на театарот е тимот на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG