Достапни линкови

Судбини на украински бегалци - ни на небо, ни на земја


Стојана Семенова со синот, среде реновирање на домот во Харкив
Стојана Семенова со синот, среде реновирање на домот во Харкив

Украинската професорка со македонски корени, беше меѓу стотиците Украинци кои спас од војната побараа во Македонија. Една година од почетокот на руската инвазија, таа е вратена назад во родниот Харкив. Лошото македонско образование, го победило стравот од бомбите.

Кога пред една година, Русија почна да фрла бомби во Украина, Стојана Семенова, Украинка со македонски корени, заедно со синот и мајката најде прибежиште во Македонија, во селото Негорци каде живеат нејзините роднини. Една година подоцна, таа е вратена во родниот Харкив. Под постојани ракетни напади, го реновира својот дом и се обидува да има, колку што е можно, понормален живот.

За изминатата година вели дека била вистински ролеркостер. Прво, морала да се соочи со идејата дека во нејзината земја има војна, за потоа да дојде во Македонија. За време на посетата на РСЕ во Негорци, лани во април, Семенова како професорка по англиски јазик, онлајн им ги држеше часовите на своите украински ученици.

„Бевме очајни“: Украинско семејство најде мир во Негорци
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:17 0:00

Првичниот план беше тука да останат неколку месеци, дури заврши војната. Идејата за подолг престој во земјава ја отфрлиле, поради малите можности за образование на нејзиниот деветгодишен син.

„Јас сум многу благодарна на Македонија, бидејќи кога бев апсолутно скршена, немав идеја што да правам, ме прифати, ми даде место, време, ми даде се. Но, прво, дома си е дома. Второ, образовните програми се далеку поразвиени, дури и во Украина, која е во војна. И не сакам никој да навредам, но така е. Јас не видов можности. Мојот син е причината зошто се вратив“, децидна е Семенова.

Бројот на луѓе кои избегале од Украина од 24 февруари, почетокот на руската инвазија врз земјата, се проценува на скоро 19 милиони. Нешто над 10 милиони сепак се вратиле назад, меѓу кои и Семенова со семејството. Во моментов има над 8 милиони украински бегалци низ Европа, што е околу 20% од украинското население.

Кај нас, едвај 400 Украинци побарале привремен престој во земјава, од хуманитарни причини. Во Министерството за образование и наука, ниту еден од нив не се обратил за школување на своето дете во македонскиот образовен систем.

Враќање дома

Назад во Украина, Семенова и синот одат на западот на земјата, во малото гратче Черновци. Сметаат дека е безбедно, затоа што е близу Полска, а далеку од Русија. Но и тука се појавува проблем. Русија во ноември почнува со гаѓање на енергетската инфраструктура во земјата, оставајќи без струја и греење милиони граѓани.

Малото Черновци, неподготвено за вакви ситуации, со денови е во темница и станува невозможно да се учи и работи. Истовремено, Харкив иако цело време е под руски ракетни напади, и лоциран само 30-тина километри од руската граница, скоро и да нема рестрикции. Причината за ова е подготвеноста на градските власти, и фактот што се работи за вториот најголем град во земјата. Па така, и покрај стравот, семејството носи нова одлука, да се вратат дома.

„Толку е страшно, што првите две недели мислев како ќе останам овде, бидејќи искрено, рацете ви се тресат, не можете да си ја соберете главата, смртно застрашувачки е. И потоа се разденува, живот продолжува, и си велиш- ако другите можат, можам и јас“, искрена е Семенова.

Обнова на разрушена зграда во Харкив, во руската инвазија
Обнова на разрушена зграда во Харкив, во руската инвазија

За Харкив таа вели дека е град на херои. Ракетни напади има на секои 3-4 дена, но нејзиниот син таму оди на базен, посетува специфични спортски тренинзи, има посебни лекции по цртање и професори кои му предаваат онлајн. Како дел од учителско семејство, овие нешта на Семенова и даваат привид на нормалност, заедно со забрзаната обнова на градот.

Па така, во целата таа атмосфера, таа си отвори и нова работа, реновирање на сопствениот дом. Низ смеа забележува дека веќе нема потреба да го чека вистинскиот момент за тоа.

„Место тоа, дојде војна. Затоа ако сакаш да направиш нешто, направи го сега“, додава професорката.

Желба за победа

Конфликтот во Украина е практично најголемата војна во Европа по Втората светска војна, која веќе остави десетици илјади загинати, го уништи украинскиот инфраструктурен систем и ја оштети глобалната економија. Според статистиките на Обединетите нации, руската војна предизвикала повеќе од 21.000 цивилни жртви од нејзиниот почеток, од кои 8.006 луѓе се убиени, а 13.287 ранети. Околу 90 отсто од цивилите, загинале во експлозии предизвикани од артилериски ракети и гранати.

И по една година, на Семенова и е тешко да прифати дека среде Европа, во 21 век, се случува војна. Затоа, најголема желба на Украинците е запирање на војната, но не под руски услови, децидна е таа. Така, вели, ќе остане ризикот Москва пак да почне војна во Украина.

Откако ја започна војната, Русија окупираше големи делови од украинската територија, додека Западот ѝ помага на Украина да се одбрани, меѓу другото и со воведување жестоки економски санкции против Москва.

Во меѓувреме, со генератори и под артилериски напади, животот во земјата продолжува. Семенова вели дека секој Украинец, потајно се надева дека Украина може да победи.

„Ние живееме на работ. Имаме надеж, но мора да се научиме да живееме во реалноста, без да мислиме на тоа. Само, ден по ден. Секогаш си кажуваме довидување, ама веќе не правиме планови. Си кажуваме - ќе се видиме, ако се е добро“, додава таа.

Професорката со македонски корени не размислува за враќање во Македонија, барем не за живеење тука. Можеби како турист, во Негорци, од каде се нејзините претци.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG