Достапни линкови

Образовен (распад) систем


Образованието е рефлексија на целокупното (не)фунцкионирање на сите сфери во општеството. Учениците не се виновни за резултатите од тестирањата кои укражуваат на загрижувачки состојби во образовниот систем. Причините треба да се бараат на друга адреса, сметаат некои професори.

„Професорке колку треба да научам за двојка и онака ќе си одам во странство или ќе се запишам во приватно училиште“, ова вели професорката Елизабета Секирарска е ставот кај дел од нејзините ученици.

„Млад прекрасен човек, му велам знаеш ли ти колку можеш, тој ми вели - што ќе ми е тоа. Децата се веќе демотивирани. Не гледаат потреба да учат. Стануваат се повеќе апатични и пасивни“, вели професорката.

Според неа, тоа е резултат и одраз на целокупното (не)фунцкионирање на сите сфери во општеството.

Младите се опкружени со изместен систем на вредности. Корупцијата, партизираноста, „“фаќањето врски“ за да се заврши некоја работа, сите овие појави во општеството се рефлектираат и кај нив, затоа вели професорката ова е општествен, а не само образовен проблем.

Дека и самиот систем на образование потфрла во градењето на тој систем на вредности, тоа го потврди и последниот случај со резултатите од квалификациониот испит во скопската гимназија „Орце Николов“ кој покажа дека само мал број од тестираните кои во основно завршиле со сите петки покажале одличен успех на квалификациониот тест.

На испитот биле тестирани 292 ученици, сите одлични, со просек 5,00. Тестот по математика носел максимум 100 поени, а по мајчин јазик максимум 70 поени. Од нив, одличен успех (над 129 бода, т.е. над 76 отсто) покажале само 11 ученици, или 3,76 отсто од тестираните.

Многу добар успех покажале 39 ученици, односно 13,36 отсто од тестираните. Добар успех покажале 133 ученици, односно 45,55 отсто од тестираните. Доволен успех имаат покажано 70 ученици, односно 23,97 отсто од тестираните. Недоволен успех – 39 ученици, односно 13,36 отсто од тестираните.

Образованието да не биде прибежиште на кадар кој не се пронаоѓа

Оттука се поставува прашањето како се пишувале петките, каков е системот и критериумот за оценување, но и какви генерации продуцира образовниот систем во земјава.

Професорката Секирарска причините ги лоцира не само во системот, кој со години наназад подлежи на експериментални реформи, туку и кај родителите, но и во самиот наставен кадар.

„Прашањето е многу сложено. Прво лично сметам вината е во системските грешки кои три децении се и повеќе ова не е од сега сега е видливо се исфрли податок со кој се соочуваме како со пораз. Проблем кој трае многу долго, секоја гарнитура почнува со нови реформи од почеток и никако не завршуваат до крај, значи систем кој мора да биде ревилатизиран и мора да застане на нозе, грешката е и на адреса на родителите кои се поамбициозни отколку нивните деца и не разбираат дека со таков пристап и малтретирање на наставниците уште од основно и во сите други образовни нивоа при што го буткаат дететето, а не го оставаат само да се снајде. Секако тука не би се амнестирала и со одговорност како наставник. Ако зборуваме отворено нештата се измешани. Критериумите за влез на луѓе кои треба да се закитат со најблагородната професија се погрешни, многу политика во образованието, многу малку образовни политики. Има вина и кај нас. И ние мора да се преиспитаме. Не смее образованието да биде прибежиште на кадар кој не се пронаоѓа тука во оваа сфера затоа што прават „утки“ и ако ги надворзме со системските грешки и родителите, резултатите се тие“, вели профеосрката.

Резултатите не треба да не чудат, туку треба да бидат аларм за конечно да се преземат чекори запромена на состојбите, додава професорката.

Митот за целосно одлични мора да се победи

Од Бирото за развој на образование признаваат дека проблеми има.

Резултатите од тестирањето во скопската гимназија „Орце Николов“ покажаа дека имаме генерално проблем со оценувањето во основно образование, вели директорот Зекирија Хасип.

Според него, наставниците често се соочуваат со притисоци од родители бидејќи оценката е поважна од знаењето со кое детето ќе излезе од образовната установа.

„Митот за скроз одлични ученици мора да се победи, а со тоа да се избегне моментот кога наставниците се ставаат пред свршен чин, на крајот на секоја учебна година и на наставничките совети да потврдуваат петки по секоја цена. Ние возрасните и одговорните за образовниот процес треба да им помогнеме на учениците да се пронајдат во полето кое ги интересира а не да им вршиме притисоци за постигнување на нумерички успех кои многу често се суштински неоправдани“ ,вели директорот на бирото.

Додава дека дополнително негативно влијание во изминативе две години имала и ковид пандемијата како и потешкотиите кои ги донесе онлајн наставата.

Очекува дека со новата Концепција за основно образование, која меѓудругото, содржи и стандарди за оценување кои ги конкретизираат очекуваните резултати од учењето на секоја содржина вклучена во секој предмет одделно ќе даде резултати во иднина.

Од септември бирото за развој на образование на наука ќе почне и со теренски активности.

„Во тек се обуките на наставниците за новите наставни програми, тоа сукцесивно ќе продолжи, освен тоа од месец септември, од стартот на новата учебна година планираме нашите советници да ги посетат училиштата, да направат увид, и да подготват извештаи за тоа што имаат да кажат и наставниците, што сметаат дека е потребно. За жал поради пандемијата изминативе две години немавме можност за тоа , но сега во план се такви активности“, вели директорот на бирото за развој на образование.

На образовниот систем му е потребно ресетирање

Професорката Секирарска пак порачува дека нема време за губење и состојбите мора да почнат да се менуваат веднаш.

„Времето поминува продуцираме маса луѓе кои не знаат ништо, а тоа се млади луѓе кои потоа се вработуваат некаде и не можат да го дадат својот максимум затоа што ние сите заедно не сме им го создале“, заклучува Секирарска.

Во меѓувреме се чекаат резултатите од меѓународното тестирање ПИСА кое го мери квалитетот на образованието и прави проверка на јазичната, математичката и научната писменост, односно знаењата на учениците во областа на природните науки,

Последниот пат кога Македонија учествуваше на ова тестирање во 2019-та ги рангираше македонските средношколци на дното на листата за математика, наука и читање. Послаби во регионот беа само учениците од Косово.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG