Достапни линкови

Стратешки дијалог со САД - импулс кога ЕУ интеграцијата е во криза


Архивска фотографија - Државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Архивска фотографија - Државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Регионална соработка, одбрана и безбедност, енергетиката, економски теми, културна соработка, образование, демократски развој, борбата против корупција се на агендата на Стратешкиот дијалог на Македонија со САД. Со ова односите меѓу двете земји се подигаат на повисоко ниво и тоа во време на нејасна европска перспектива на државата.

Македонија и САД почнуваат Стратешки дијалог, што е повисоко ниво во меѓусебните односи и продлабочување на соработката. Стратешкиот дијалог се случува во време кога Македонија се соочува со бугарското вето за почетокот на преговори за влез во Европската унија, во време на економска криза и руска воена агресија во Украина.

Од Министерството за надворешни, кои се координатори на процесот за Стратешкиот дијалог, велат дека разговорите се фокусираат на регионалната соработка, одбраната и безбедноста, економските теми, културната соработка, образованието, демократскиот развој, борбата против корупција и сл. На агендата ќе се најде и интеграцијата на Македонија во ЕУ, идното претседавање на земјава со ОБСЕ, како и актуелните безбедносни предизвици и нивните импликации врз трансатлантската безбедност.

Професор Васко Наумовски, кој е и поранешен амбасадор во САД и екс вицепремиер за евроинтеграции за РСЕ вели дека дијалогот ќе значи и нови можности во областа на економијата, енергетиката и другите области за кои ќе се разговара.

Наумовски: Економската соработка во фокусот на Стратешкиот дијалог со САД
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:54 0:00
Директен линк

„САД на некој начин со ова го потврдуваат својот интерес за продолжување на процесот за стабилизација на Балканот, особено кога европската перспектива на регионот не е најјасна, имено во периодот кога постои опасност целосно да запре проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, САД сакаат да демонстрираат дека билатералните односи, конкретно со Македонија, ќе бидат подигнати на повисоко ниво. И на тој начин, иако не можеме да кажеме дека ова е замена за почетокот на преговорите, на тој начин да се потврди стратешкото партнерство за кое имаме потпишано декларација пред петнесетина години“, вели професор Наумовски.

Тој вели дека на настанот во Вашингтон веројатно ќе се отворат можности за соработка во области за кои досега имало симболична соработка.

„Верувам дека фокусот ќе биде пред сè на зајакнување на економската соработка, охрабрување на американските компании да продолжат со инвестиции во нашата држава, како и зајакнување на размената во областа на образованието, што ќе значи вложување во ресурсите на државата на долг рок. Потоа продлабочување на соработката во енергетиката, одбраната и во оние традиционални форми на соработка меѓу нашите институции, со што ќе се зајакне билатералното партнерство ви ќе се отворат можностите за во иднина“, вели Наумовски.

Стратешкиот дијалог не е замена за преговорите со ЕУ

Стратешки дијалог со САД македонските власти го најавија како голем дипломатски успех. Со овој дијалог билатерална соработка се носи на повисоко ниво, по договорот за стратешко партнерство потпишан пред 14 години, непосредно по грчкото вето за влез на земјава во НАТО.

Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз во мај појасни дека Стратешки дијалог е процес кој е почнат уште поодамна и не претставува никаква замена за членството на Македонија во ЕУ. Таа изјави дека Северна Македонија ја одработила својата задача во однос на зачленувањето во ЕУ и додаде дека смета оти процесот треба да продолжи што е можно поскоро. Амбасадорката рече дека зајакнувањето на соработката меѓу двете земји сега се одвива и во насока на тоа што Северна Македонија е полноправна членка на НАТО.

Средби со политичари, генерали, граѓански сектор

Македонската делегација ја предводи министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во Вашингтон се и министрите за економија Крешник Бектеши, за одбрана Славјанка Петровска, и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Преку видео-конференциска врска на Стратешкиот дијалог ќе се приклучи и вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Домаќин пак е помошникот секретар, Карен Донфрид, која неодамна ја посети Северна Македонија, рече амбасадорката Брнз. Освен со Денфрид, министрите се среќаваат со други државни претставници на САД, со генерали, со личности од граѓанскиот сектор и со тинк-тенк организации.

Министерката Славјанка Петровска денеска положи венец на Гробот на незнајниот војник на Националните воени гробишта „Арлингтон" во Вашингтон.
Министерката Славјанка Петровска денеска положи венец на Гробот на незнајниот војник на Националните воени гробишта „Арлингтон" во Вашингтон.

Американската амбасадорка вели дека намерата за Стратешкиот дијалог е да се разгледаат областите коишто сѐ уште ги немаат потполно истражено.

„Стратешкиот дијалог нуди интересни можности за во иднина и испраќа сигнал дека САД сакаат уште повеќе да вложат во него. Тоа може да е добар патоказ двете земји да продолжат да го градат своето партнерство“, изјави неодамна амбасадорката Брнз, одговарајќи на новинарско прашање каква порака би и испратила на својата наследничка во Скопје.

Американскиот претседателот Џо Бајден ја објави својата намера за номинирање на Анџела Прајс Агелер како кандидат за вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Северна Македонија, соопшти Белата куќа.

Илија Џугуманов од Евроатлантскиот совет на Македонија за РСЕ вели дека дијалогот почнува во клучен момент, кога има безбедносни случувања на истокот и економската криза.

„Сите можеби очекуваат ваква меѓувладина конференција со ЕУ за време на француското претседателство, што е сè поизвесно дека нема да се случи, затоа од друга страна сметам дека ова е клучен момент бидејќи со ова ниво на дијалог се покажува посветеноста и поддршката на САД во критичните моменти на земјата, уште од самото осамостојување“, вели Џугуманов.

Тој очекува меѓуресорските групи кои беа формирана за водење на дијалогот веќе да имаат конкретни проекти за кои ќе соработуваат, за да може, како што вели, граѓаните да очекуваат резултати на среден, па и на краток рок.

„Може да сметаме на директна помош, но нас ни требаат уште едукација и уште памет, затоа верувам дека ќе разговараат за конкретни предлози и проекти во секои од областите- енергетика, економија, култура, како да се спречи миграцијата“, вели Џугуманов.

По завршувањето на Стратешкиот дијалог ќе биде донесена Заедничка изјава со која ќе бидат реафирмирани заедничките заложби за понатамошно надградување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.

Политичкиот аналитичар и новинар Џелал Незири вели дека Стратешкиот дијалог ќе ја надополни празнината што се случува во земјава со закочената евроинтеграција поради бугарското вето.

„Тоа ќе придонесе во земјата да се зацврсти безбедноста и таа безбедност да придонесе земјата да биде имуна на странски малигни влијанија“, вели Незири.

Тој додава дека Дијалогот доаѓа во прав момент.

„Во момент кога европскиот процес е во криза, оти поради тоа што европскиот процес е во криза и во момент кога треба стимул, треба поддршка на институциите да ги продолжат реформите“, вели Незири.

Од кабинетот на Османи велат дека земјава е прва држава од Западен Балкан што отпочнува ваков процес со САД.

Од Министерството за економија соопштија дека министерот се сретнал со Ендру Лајт, помошник секретар за енергетика. Главна тема на состанокот бил развојот на пазарот на енергија во Северна Македонија, енергетската транзиција, безбедност и диверзификација во снабдување со енергенси како и инвестиции во зелена енергија.

Министерот за економија, Крешник Бектеши во рамките на официјалната посета во Вашингтон, САД оствари работна средба со Ендру Лајт, помошник секретар за енергетика
Министерот за економија, Крешник Бектеши во рамките на официјалната посета во Вашингтон, САД оствари работна средба со Ендру Лајт, помошник секретар за енергетика

Министерката ја одбрана Петровска вели дека одружвањето на Дијалогот е особено значајно не само за земјата, туку и за целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни закани.

Македонија очекува и средства за заштита на културното наследство. Ќе се разговара и за тоа што е потребно за земјава да спречи нелегалната трговија на уметнички дела и артефакти. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека според проценките, над 1000 артефакти се водат како украдени од Северна Македонија. Земјава веќе користи пари од Американскиот фонд за зачувување на културата, од каде се обезбедени 1,5 милиони долари за заштита на културното наследство во земјава. Досега пари од САД се дадени за Стоби, црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид, објектите Даут-пашин амам, Чифте амам и црквата „Свети Спас“ во Скопје, Шарената џамија во Тетово, манастирот во Вељуса кај Струмица, локалитетот Хераклеја Линкестис кај Битола и други.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG