Достапни линкови

Заев со притисок врз ЕУ поради страв од губењето поддршка дома


Брисел- Премиерот Заев на прес конференција со претседателот на ЕК Жан Клод Јункер и еврокомесарот Јоханес Хан, 04.07.2019
Брисел- Премиерот Заев на прес конференција со претседателот на ЕК Жан Клод Јункер и еврокомесарот Јоханес Хан, 04.07.2019

Изјавата на премиерот Заев дека недобивањето датум за преговори летово би значело политичка нестабилност во Македонија и можни предвремени избори кои би ги засилиле националистичките и популистичките сили, дел од аналитичарите ја толкуваат како стравување за политичката поддршка, а дел како притисок врз ЕУ.

Стравување за политичката поддршка или обид за притисок врз членките на ЕУ е изјавата на премиерот Зоран Заев дека ако земјава не добие датум за преговори владата може да падне и да има предвремени парламентарни избори. Аналитичарите со различни ставови дали недобивањето датум може да ја урне владата.

Премиерот Зоран Заев вчера во Брисел ги предупреди земјите членки и институциите на ЕУ дека недобивањето датум би значело политичка нестабилност во земјата, а не се исклучени ниту предвремени избори кои би ги засилиле националистичките и популистичките сили во земјата. Заев додаде дека Македонија направила сѐ што е побарано од неа, и дека неиспорачувањето од страна на Европската унија во најбрз можен рок го става во опасност кредибилитет на Унијата на Балканот.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека доколку датумот за преговори изостане, барем во јули, Македонија ќе влезе во нови политички тензии и можна политичка криза.

„Причината поради која може да падне владата е, не заборавајте дека на почетокот на својот мандат Заев имаше помалку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Тој сега има стабилно мнозинство, меѓутоа со дел пребегани пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и дел од оние осуммина кои ги поддржаа уставните промени. Тоа мнозинство може да се растури, тоа е прво. И второ, имајќи предвид дека изостанува дел од наградите за жртвата која ја направи владата во смисла на политика, а и гласачите, мислам дека тој ќе сака да ја провери поддршката на тој курс на евентуални избори, барем да се ослободи од притисокот дека тој испорачал, а Европската комисија не му испорачала“, вели Арсовски.

Од друга страна, аналитичарот Џељал Незири ја толкува изјавата на Заев како притисок врз членките на ЕУ и потсетува дека слична стратегија има и албанскиот премиер Еди Рама, кој се заканува со обединување со Косово. Тој вели дека Заев има стабилно мнозинство во парламентот, па и да нема датум за преговори летово, владата нема да падне. Во случај, пак, земјава да не добие датум за преговори ниту во октомври, притисокот врз владата ќе се зголемува, вели тој.

„Тоа може да биде искористено од страна на опозицијата за да почне протести, критикувајќи ја владата дека немала визија кога го склучила договорот со Грција, така што врз таа основа да изнуди предвремени избори. Тоа би било еден вид пенал за опозицијата“, вели Незири.

Граѓаните скептични за датумот за преговори со ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:42 0:00

Сепак, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред два дена во Берлин побара граѓаните да не бидат казнети поради неспособноста на владата и оти Македонија треба да добие датум за преговори.

Со оглед на тоа што на претседателските избори, над 300 илјади гласачи, кои вообичаено излегуваат на избори, останаа дома, се отвора можност и за некоја трета партија да им ги помати сметките на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Сепак, Арсовски вели дека времето е кратко за некој нов субјект да може да се профилира, но оти исходот е целосно неизвесен.

Аналитичарите велат дека добивањето датум за преговори во јуни е речиси невозможна мисија, поради процедурата која треба да помине во германскиот парламент, но се надеваат дека земјава може да добие датум за преговори во јули. Дел од германските пратеници изјавија дека пореална опција е датумот да се одложи за октомври.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG