Достапни линкови

Старите вредности - адути на новиот поход на Кинотека


Раде Шербеџија како Ѓорѓија во филмот „Ослободувањето на Скопје“

Со прикажување на одбрани дела на старите добри мајстори на филмскиот занает од домашната, регионалната и од светската кинематографија и со дигитализација на „Кинотечните месечници 1977 - 87“, Кинотека го започнува својот нов засилен февруарски филмски поход .

Сеќавања на старите добри мајстори на филмскиот занает од македонската, регионалната и светската кинематографија, увид во поновата домашна и странска продукција, новите остварувања за тинејџерите и најмладите гледачи, потсетување на некои по малку подзаборавени вредности кога филмот во светот, посебно на периодот кога Холивуд и независните продукции трагаа по новите естетски изрази… се само некои карактеристиките на планираната програма со која Кинотека ќе го стори актуелниот февруарски филмски поход.

На почетокот од месецот планирано е оддавање почит на неодамна починатите Душан Јовановиќ и Мустафа Надаревиќ, уметници можеби малку присутни во македонската кинематографија, но кои сепак оставиле убав белег. Режисерот, сценарист и драмски писател Душан Јовановиќ имаше еден од позначајните опуси на театарските сцени на просторот на некогашна Југославија во втората половина на минатиот век. Неговиот драмски текст „Ослободувањето на Скопје“, пишуван како горчлив и суров „амаркорд“ на неговото детство поминато во градот за време на Втората светска војна, беше амблематичен наслов на тогаш актуелниот и популарен југословенски „политички театар“. Претставата на театарот во Суботица, во режија на Љубиша Ристиќ, и скопската на Драмски театар на Слободан Унковски во 1970-те години „беа политичко-естетски настани par excellence“.

На почетокот на 1980-те Ристиќ го основа КГПТ (Казалиште, Гледалишче, Позориште, Театар) како сејугословенски проект, и со новото видување на „Ослободувањето на Скопје“ како заштитен знак на театарот во 1982 заминаа на турнеја по театрите во САД. Според „легендата“ - трошоците за турнејата ги платил Бранимир Џони Штулиќ, родениот скопјанец и водачот на групата АЗРА од првите поголеми заработени пари. Музиката на претставата беше на легендарниот македонски бенд ЛЕБ И СОЛ и тие тогаш ја одработија својата голема американска турнеја од која како сведоштво остана албумот „Live in New York“. Децении подоцна, во 2016-та, текстот на Јовановиќ беше конечно филмуван во македонска продукција, од актерот Раде Шербеџија, кој патем улогата на Ѓорѓија ја смета за животно остварување во театарот, и неговиот син и режисер Данило.

Од Кинотека нагласуваат дека „второто сеќавање“ во ваквиот поход е за исклучителната улога на Мустафа Надаревиќ во филмот „Илузија“ на македонскиот режисер, сценарист и продуцент Светозар Ристовски. Надаревиќ беше еден од проминентните актери на ексјугословенскиот филм во 1970-те и 1980-те, и штета што го немало повеќе во македонски остварувања.

Не помалку возбудлив е натамошниот тек на планираната програма во кој најнапред ќе бидат прикажани раните филмски дела на американскиот режисер Френсис Форд Копола. Оние снимени пред да стане планетарно познат по култниот филмски серијал „Кум“, остварувања како неговиот хорор-трилер „Деменција 13“. Згора на тоа љубителите на филмот ќе имаат можност да го видат и класичното вестерн-остварување „Одметникот“ на холивудскиот „чудак“ Хауард Хјуз, па класиката „Пресметка кај О.К. коралот“ на Џон Стерџис, а тука се и „Улица на гревот“ на големиот мајстор на визуелниот израз Фриц Ланг, овој пат во холивудско пакување, почетоците на „новиот Холивуд“ со „Човекот со златна рака“ на Ото Преминџер, неколку остварувања од некогаш популарниот жанр „филм-ноар“, а на програмата е и „Глен и Гленда“, филм на „најлошиот режисер на сите времиња“ Ед Вуд, за кој од Кинотека појаснуваат дека „оваа титула, сепак, треба да се сфати само метафорично, бидејќи Вуд со сите негови мани одамна има култен статус кај филмофилите“.

Тука е и малку потценетото остварување „Интервју“ на италијанскиот колос Федерико Фелини од неговата зрела фаза во творештвото со кое, како што велат, „ќе имате можност да ги преиспитате критичките ставови околу него“, а овој избор за февруари ќе ги потсети љубителите на седмата уметност и на .најдоброто европско остварување за 2020-та според Европската филмска академија, „Уште една тура“ на режисерот Томас Винтерберг.

Конечно кругот за овој месец ќе биде затворен со македонските остварувања „Стела“ на Стојан Вујичиќ, првиот домашен долгометражен игран филм од детскиот жанр, и „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски.

Кон оваа „програмска“ информација, особено е значајно и тоа што Кинотека деновиве ги објави дигиталните верзии на изданијата „Кинотечен месечник“, кои излегуваа од 1977 до 1987 година. Ако порано ги читавме прелистувајќи ги ваквите и други изданија, сега филмофилите се во позиција да „сурфаат“ низ своевидната хроника на кинотечната дејност во Македонија од тој период.

Инаку, „Кинотечните месечници“ се еден вид претходници на кинотечните изданија од кои понатаму се издвојуваат месечните кинотечни филмски програми и „Kинопис“ – списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности. Потребата за нивно издавање се појавила како нужност за вреднување и анализирање на филмското творештво.

Од таму, не случајно уредниците на првиот број на „Кинотечен месечник“, автори како Илинденка Петрушева, Ѓорѓи Василевски, Благоја Куновски, Мартин Панчевски и Дубравка Рубен, во своето обраќање до културната јавност во однос на естетската идеја-водилка ќе напишат: „Кинотечен месечник“ се појавува во моментот кога решавањето на потребата за вреднување и анализирањето на филмското творештво кај нас стана неизбежно, и кога недостигот од континуирано стручно следење на кинематографската проблематика се заканува да забави некои од највиталните процеси во создавањето на филмското дело и филмската мисла. Затоа очекуваме неговото појавување да биде прифатено и оценето – не само како институционално регистрирање на активностите на Кинотеката на Македонија, туку и како можност да се поттикне една – колку нова, толку неизбежна публицистичка дејност во нашето кинематографско искуство. На соработниците на „Кинотечниот месечник“ им падна должноста и честа – максимално да се мобилизираат врз одгледувањето на филмската култура и на нејзините општествени функции. Отворајќи им ги страниците за соработка на сите оние што ги интересираат идејно естетските, социолошките, историските, организаторските и воопшто сите аспекти што имаат извесна стручна важност за филмот, редакцијата верува дека, со поддршката која секако ќе ја заслужи, ќе се воведе една нова вредносна традиција, а македонскиот филм ќе добие свој изворен толкувач и поттикнувач, свој строг и природен придружник.“

На првата редакција подоцна ќе и се приклучат и звучни имиња од домашната културна и филмска сцена како Илија Пенушлиски, Љубиша Георгиевски, Томислав Османли, Милан Ѓурчинов, Владимир Георгиевски, Вјекослав Мајцен, Кирил Темков, Костадин Танчев –Динка (воедно и автор на логото и дизајнер на првите насловни страници), Коста Крпач, Љупчо Тозија, Богомил Ѓузел, Стево Црвенковски и многу други, и, секако, кинотечните филмолози Мирослав Чепинчиќ, Игор Старделов, Павлина Гргуревиќ, Павле Константинов, Мартин Панчевски...

Филмолозите од Кинотеката и останатите филмски критичари и теоретичари на филмската уметност оставаат сведоштво за филмската мисла во тој период од десет години и 35 броеви на „Кинотечен месечник“. Иако реализирани во скромни издавачки услови и печатени на шапирограф, овие историски четива некогаш „втиснати в хартија“, сега се преформатирани во дигитализирани изданија: кога ги читате четири децении подоцна, не може а да не се отргнете од впечатокот дека и ваквите бледи копии се патината на македонската филмска публицистика.

Познавајќи ги авторите и квалитетот на текстовите во „Кинотечните месечници“ од тој период, можеме да кажеме дека се работи за своевидна македонска верзија на списанието за филм на француски јазик „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“), кое започнало да излегува од печат во 1951 година во Париз, а еден од основачите е Андре Базен, филмски критичар и теоретичар со светско реноме. Историјата на францускиот, европскиот, но и светскиот филм вели дека „Cahiers du Cinéma“ имал превратничко влијание и е директен ментор на „новиот бран“ во кинематографијата, појаснуваат од Кинотека.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG