Достапни линкови

Власта го „форсира“ законот за попис, опозицијата ќе го „урива“ со петиција


Собрание на Република Северна Македонија

Пратенциите денеска дебатираат за донесување за законот за спроведување на пописот. За опозицијата овој попис ќе биде само политичка операција затоа што не биле прифатени нивните забелешки и најави дека ќе го „собори“ со собирање потписи. За власта пописот ќе биде исклучиво статистичка операција.

Опозицијата бара да се повлече законот за попис од собраниска процедура или ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира за да се поништи законот за попис кој ќе се донесе. Пописот на населението ѝ е потребен на државата, но тоа треба да биде статистичка, а не политичка операција како што ја подготвува власта, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Ќе има иницијатива за собирање потписи во Министерството за правда, предлог закон во Собранието за поништување на овој закон кој по насилен пат владејачкото мнозинство се обидува да го донесе“, рече Мицкоски.

Во меѓувреме, подготовките за пописот чекаат на потписот од пратениците на новиот закон. Со него ќе треба да се спроведат активности, за кои веќе се доцни, затоа што предлог законот беше заглавен година и пол во Собрание.

Пратениците од опозицијата на денешната седница во Собранието прашаа зошто за работа која 20 години до сега не била решена се брза во скратена постапка да се реализира и тоа како политичка операција, а не статистичка. Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска која на колегите пратеници им се обрати со драги студенти, од говорницата посочи дека законското решение за кое денеска се дебатира е противуставно и е правна небулоза.

„ Замислете драги студенти, ќе ви дадам пример, ова би значело дека на Претседателот на Собранието му е потребен субпотпис од Потпрестедателот, или на Премиерот му е потребна согласност од првиот заменик премиер или нема да важат неговите акти, или на директорот му е потребен субпотпис или согласност од заменикот директор, ова е правна небулоза. Ова е неуставно, надвор од границите на правото, ова не постоело ни во конзулскиот систем“ изјави Силјановска.

Пратеникот на ДУИ Арбер Адеми на ова одговои дека двоен потпис не е неуставна категорија.

„ Двојниот потпис не е нешто непознато за нашата држава, ова беше предвидено и со Пржинскиот договор. Министерот и заменик министерот имаа двоен потпис. Ова е од приоритетит на ДУИ каде што се овозможува доверба во резултатите од овој попис. Така што двојниот потпис не е нешто неуставно. Не знам зошто сте против попишувањето на населението надвор од нашата држава“, изјави Адеми.

Пратеничката од владејачката СДСМ Снежана Калевска Ванчевска вели дека однесувањето на опозицијата е контрадикторно.

„Два дена се водеше амандманска расправа за 37 амандмани и вие сакате да кажете дека тоа не била суштинска расправа. Два дена на кој што беше присутен заменикот министер за правда и директорот на државниот завод за статистика. И сега, за да биде контрадикторноста поголема велите дека доколку се усвоиле амандманите тогаш ќе може да кажеме дека законот заслужува европско знаменце и треба да биде донесен. Па јас попарадоксано од тоа не сум слушнала“ изјави Ванчевска.

Заев - Пописот беше одложен по барање на опозицијата

Пописот ќе трае од 1 до 21 април, во кој попишувачи (анкетари) со лаптоп на кој има податоци за граѓаните од 6 различни бази на податоци, како што се Катастарот, МВР, Министерство за труд и социјална политика, Фондот за здравствено и пензиско осигурување, образование, УЈП, агенција за вработување дополнителни бази за проверки на податоците. Податоците кои ќе ги даде граѓанинот за себе и за членовите на семејството, ќе бидат внесени и проверени компјутерски.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. До сега се спроведени осум пописи, а последниот успешен е во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но тогашната власт ја прекина под сомневање за фалсификат. Поранешното Специјално јавно обвинителство отвори и истрага за пописот во март 2018 година, а лани во септември со останатите предмети, оваа истрага премина во рацете на редовните обвинителства откако бившата специјална обвинителка Катица Јанева даде такво овластување. Еден од главните осомничени во оваа истрага беше лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешниот премиер Никола Груевски. Тие беа осомничени за злоупотреба на службена должност. Неодамна во дел од медиумите беше објавено дека истрагата е прекината затоа што не биле собрани доволно докази од една страна а од друга дека со новиот закон кој стапи на сила на 30 јуни годинава, таканаречените „бомби“ не може да се користат како докази.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG