Достапни линкови

Последни подготовки за враќање на спортот во Македонија


Илустративна фотографија.

Ракометарите на Вардар во септември го почнуваат европскиот пат во Лигата на шампионите, кошаркарите на МЗТ и Работнички ќе играат во втората АБА лига, одбојкарите квалификации за европско првенство. По запирањето на спортот поради кризата со Ковид -19, следната недела ќе биде одигран првиот фудбалски натпревар во земјава како најава за почетокот на новата сезона во август.

По неколкумесечна пауза поради здравствената криза предизвикана од новиот коронавирус, следниот вторник се очекува да биде одигран првиот фудбалски натпревар во земјава од баражот за влез во втората македонска лига, откако Владата на 30 јуни ја укина забраната за одржување на натпревари во колективните спортови, но без присуство на публика. Останатите бараж натпревари за втората лига се закажани за 10 и 13 јули.

Новото првенство во Првата македонска фудбалска лига е планирано да започне на 9 август, една недела подоцна и натпреварите во втората лига. Вардар беше прогласен за шампион во прекинатото првенство од сезоната 2019-2020, но клубот нема да игра во квалификациите за Лигата на шампионите, бидејќи втора година по ред не успева да добие лиценца во УЕФА поради неисполнети критериуми.

Наместо Вардар, квалификациите во Лигата на шампионите ќе ги игра екипата на Силекс како второпласирана. Квалификации за Лига Европа ќе играат тимовите на Шкендија, Ренова и Шкупи.

„Првиот вистински тест за клубовите, за Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и за спортот во нашата држава, ќе биде 7 јули кога ќе се одигра првиот натпревар според изработениот Протокол со сите мерки и препораки коишто ги потврди Министерството за здравство“, вели за РСЕ портпаролот на ФФМ Златко Андоновски.

Протоколот за мерки за заштита од коронавирусот што го изработи ФФМ, меѓу другото, предвидува натпреварите и тренинзите да се играат без публика, сите учесници да потпишуваат изјава за одговорност и да бидат тестирани на Ковид – 19 најдоцна 72 часа пред почетокот на натпреварот.

Во однос на фудбалската репрезентација, полуфиналето во Лигата на нациите меѓу Македонија и Косово е закажано за 8 октомври на Националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје. Евентуалното финале би се одиграло на 12 ноември против подобриот тим од натпреварот меѓу репрезентациите на Белорусија и Грузија, вели Андоновски.

Продолжуваат ракометните возбудувања

На есен ќе се играат и натпревари во ракомет. По вчерашното одржување на жребовите за Лигата на шампионите, ракометниот клуб Вардар во септември повторно ќе биде во фокусот кога ќе ги започне натпреварите во Лигата на шампионите од сезоната 2020 -2021 година во група со ПСЖ, Киелце, Порто...

Откако Вардар беше одржан во живот со повторното негово преземање од страна на стариот сопственик Михајло Михајловски, клубот донесе и нови засилувања и со тоа очекувањата се дека ќе биде компетитивен во Лигата на шампионите, но останува да се види дали ќе се бори за европската титула.

Ракометната репрезентација на Македонија, пак, во ноември треба да ги започне натпреварите во групата 7 против Данска, Швајцарија и Финска во квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се одржи во периодот од 13 до 30 јануари во Унгарија и Словачка.

Македонската одбојкарска репрезентација ќе игра квалификации за Европско првенство по нов формат во група со Данска, Турција и Босна. Ќе се играат два турнири: првиот во Данска од 7 до 10 јануари, а вториот во Скопје од 14 до 17 јануари. Првопласираната репрезентација добива директен пласман и пет второпласирани со најдобар скор.

Кошаркарите на МЗТ и Работнички ќе играат во АБА 2 лигата која ќе почне на 23 септември и ќе трае до 14 април 2021 година.

Кошаркарската федерација на Македонија поради пандемијата донесе одлука тековното првенство да биде прекинато без да прогласи шампион, со што беше направена и отстапка да нема испаѓање и влез на две екипи во Првата лига.

Со тоа, одлучено е следната сезона да испаднат четири екипи и да влезат две за повторно да се врати во нормала стариот формат од 10 екипи.

Потврдени три вајлд карти за Олимпијадата во Токио

Во однос на учеството на македонските спортисти на Олимписките игри во Токио, засега квалификуван е само борачот Могамедгаџи Нуров кој освои трето место на севтско првренство во Минск. Сите други спортисти треба да се квалификуват за настап на Игрите.

Од Олимпискиот комитет на Северна Македонија за РСЕ велат дека Меѓународниот олимписки комитет потврдил дека за земјава ќе обезбеди една вајлд карта во атлетика и две вајлд карти во пливање. За квалификациите во сите спортови, меѓународните спортски федерации треба допрва да испланираат термини за нивно одржување.

„Останува нашиот Комитет да види кои и колку спортисти ќе се квалификуваат па да одлучи дали ќе бара дополнителен број на вајлд карти“, велат од Олимпискиот комитет.

Во однос на поединечните спортови за настап на Олимпијадата во Токио, од Олимпискиот комитет соопштуваат дека квалификацискиот систем за учество на Олимписките игри останува непроменет и дека се уште немаат добиено информација од Меѓународниот олимписки комитет за датумот на одредување на списокот на спортисти кои ќе добијат покана за учество на Олимписките игри во Токио без освоена „А“ Олимписка норма.

Меѓународниот олипмиски комитет во соработка со националните олимписки комитети, меѓународните спортски федерации и јапонските власти одлучија Олимпијадата во Токио да се одржи во периодот од 23 јули до 8 август 2021 година, додека параолимписките игри од 24 август до 5 септември следната година.

Летните Олимписки игри Токио 2020 беа одложени во март поради избувнувањето на пандемијата на Ковид-19.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG