Достапни линкови

Соочување со Жмијевски и со реалноста во МСУ - Скопје


Сцена од видео инсталацијата „Демократии“ на полскиот уметник Артур Жмијевски

„Демократии / Реализам“ е насловена самостојната изложба на реномираниот полски уметник Артур Жмијевски, еден од најзначајните европски уметници од неговата генерација, што од 1 декември годинава до 30 март 2022 ќе се одржи во Музеј на современа уметност – Скопје.

Точно по две години од неговото учество на меѓународната групна поставка „Сè што ни е заедничко“, каде што се претстави со своето видео дело „На отворено“, во Музеј на современа уметност – Скопје повторно ни доаѓа Полјакот Артур Жмијевски, еден од најзначајните европски уметници од неговата генерација. Овојпат со самостојната изложба во чии рамки ќе бидат претставени две видео инсталации, кои се составени од селекција на филмови од неговите капитални дела, инсталациите „Демократии“ ( 2009-2012) и „Реализам“ (2017).

Овие два значајни циклуси, иако се создавани независно еден од друг, како што информираат организаторите на оваа несекојдневна поставка – МСУ, уметникот и Галеријата и фондација „Фоксал“ од Варшава, во изложбениот простор на нашата градска културна установа „ќе бидат ставени во специфична директна релација“. Или, така што „силниот контраст помеѓу двата циклуси на дела, на интересен начин да открие една чудна комплементарност и длабока поврзаност на нивната содржина“.

Од таму, Владимир Јанчевски во своето кураторско обраќање за ова претставување на Жмијевски, кое патем ќе може да се проследи до крајот на март следната 2022 година, не случајно пишува: „Спротивставувањето на овие колекции од подвижни слики, кои се избрани како составен дел од инсталацијата во МСУ-Скопје, како што најдиректно е сугерирано преку насловите, го отвораат пред нашиот поглед просторот помеѓу колективната ефорија и пасивното учество, одлучната акција и индивидуалното страдање, помеѓу вревата на улиците и плоштадите и тивкиот приватен простор и изолацијата“.

Кураторот и со појаснување дека „еден од главните фокуси во истражувањето на Жмијевски е врската помеѓу уметничките практики и реалноста, особено политичката реалност во која што се наоѓа некое одредено општество“. Тој и со дополна дека „иако важи за еден од најрадикалните современи европски уметници кој е познат и по големиот број интервенции, Полјакот во оваа поставка е претставен со дела кои немаат експлицитен критички фокус кон современата реалност, на глобалниот подем на конзервативните наративи, туку тој преку камерата ни овозможува светот да ни биде предочен на најдиректен начин, без режија, без шминка, без коментар“.

Притоа Јанчевски констатира дека неговите дела „немаат намера да се допаднат, ниту да фасцинираат, туку да нѐ соочат со реалноста“.

А, потрагата по суштините од биографијата на реномираниот полски и европски уметник го вели следното.

Роден 1966 година, Артур Жмијевски е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава. Тој е автор со богата уметничка кариера кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео.

Жмијевски има изложувано на некои од најважните европски уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското биенале во 2012 година.

Неговите дела се привилегија на колекциите на некои од најзначајните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен... и така со ред.

Инаку, освен видео инсталациите, во рамките на изложбата „Демократии / Реализам“ ќе биде печатена и двојазична публикација, во која, покрај освртот кон претставените дела, ќе биде објавен и преводот на македонски јазик на култниот текст на Жмијевски, „Применета општествена уметност“ од 2007 година. Како негов манифест, овој текст во последната деценија има извршено силно влијание врз разбирањето на ангажираноста и општествената улога на уметноста и преведен е на повеќе светски јазици.

Конечно, во текот на времетраењето на изложбата ќе бидат организирани и отворени читачки групи во кои ќе се анализира и ќе се дискутира содржината на овој значаен текст.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG