Достапни линкови

„Созерцание – омаж на Арво Перт“ на ансамблот „Профундис“ во Филахармонија


Арво Перт, современ естонски композитор
Арво Перт, современ естонски композитор

„Созерцание – омаж на Арво Перт“ е насловен концертот што на 17 декември во 20 часот, во Филхармонија, ќе го одржи Камерниот оркестар и хорот „Профундис“ под диригентска палка на Ѓурѓица Дашиќ. Ќе бидат изведени дела од опусот на современиот естонски композитор и ексклузивец на ECM - Арво Перт .

По само една недела од изведбата на „Везилка“ на 43. Денови на македонска музика, на кој стиховите од бардовите Блаже Конески, Славко Јаневски, Кочо Рацин, Ацо Шопов...во композиции на творци како Томислав Зоографски, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев и други беа испеани од тенорот со интернационална кариера Благој Нацовски, Камерниот оркестар и хор „Профундис“ под диригентска палка на Ѓурѓица Дашиќ еве го исправен пред нов предизвик. „Созерцание – омаж на Арво Перт“ е насловен концертот што, пак, овој четврток, на 17 декември во 20 часот, во големата сала на Филхармонија ќе го изведе музичкиот колектив кој во случајов на свој креативен начин ќе посегне по дела од опусот на современиот естонски композитор и ексклузивец на прочуената германска издавачка куќа Еј-Cи-еM, нешто што досега многу ретко беше практика на домашните уметници. На програмата се: Де профундус за машки хор, перкусии ад либитум и оргули, Трисагион (за гудачки оркестар), Стабат матер (верзија од 2008 за гудачки оркестар) и Молитва по Канон (од „Канон покајанен“) за мешан хор и гудачки оркестар (2018).

Но, да тргнеме со ред.

„Музиката е мојот пријател. Пријател кој има разбирање, емпатија, простува, теши. Парче ткаенина кое ги брише солзите. Извор на солзи радосници. Но, во исто време и болна како трн во телото и душата“, знае да каже Арво Перт, авторот чиј опус изразува љубов и пренесува духовна моќ, две есенцијални состојки на добрата музика.

Роден на 11 септември 1935 година во Паиде, Арво Перт е автор е на многу дела како „Пасио“, „Стабат матер“, „Те деум“, „Мисерере“, „Канон покајанен“... Колку е плоден како композитор покажува и фактот дека во последните десетина година реаранжираше и создаде околу 25 нови дела. За неговата нузика ќе биде нотирано дека произлегува од единствениот животен стил и став кој се темели на христијанските вредности и вечната потрага по вистината, убавината и чистотата. Тој го освои светот со својот „духовен минимализам“ – спој на едноставниот и чист звук и т.н. „тинтинабули тоналност“. Неговата музика поседува сентименталност и звучно сугерира на трошка архаичност во хаотичниот модерен свет. Неговите дела создадени во последните неколку децении рефлектираат индивидуалност и препознатливост, онаква каква што ретко се среќава во музиката на 20 и 21 век. Музиката на овој исклучителен композитор, како што и самиот вели, претставува експресија на „љубов во секоја нота“. Таа комуницира на сосема друго ниво – спиритуално, молитвено. Нејзината есенција е музичка контемплација. Своевидно звуковно созерцание... Творбите на Перт, посебно подоцнежните, претставуваат „тивок протест против потребата“ да се биде модерен. Неговата музика почива на минимализмот, но не на типични повторувачки матрици како кај Стив Рајх. Нејзиниот минимализам се однесува на економичниот пристап и третман на чистотата на звукот. Кога станува збор за Арво Перт, никогаш не постои сомневање дали одредена нота подобро ќе звучи доколку е ставена на некое друго место. Тишината меѓу тоновите го потврдува тоа.

Ѓурѓица Дашиќ, диригентка и уметнички раководител на ансамблот „Профундис“

Формиран во 2018 година камерниот оркестар „Профундис“ е нов уметнички состав чија цел е промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на еманципација на сите концертни изведувања. Покрај класичниот репертоар, кој опфаќа музичко творештво од епохата на барокот па сè до денес, овој колектив се стреми кон развој и изнаоѓање поинакви начини на презентација на музиката (дигитални концерти, 3Д-мапинг, учество и презентација на нови технологии).

Квалитетот на оркестарот во кој членуваат докажани имиња и неговата флексибилност во презентирањето на сите стилски епохи, под уметничко водство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век, способен да одговори на сите барања на музичката продукција.

Родена во 1981 година во Скопје, Ѓурѓица Дашиќ дипломирала на Факултетот за музичка уметност на отсекот оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Македонската опера и балет како хор-мајстор и досега учествувала во поставување и одржување на целокупниот репертоар во Македонската опера.

Има соработувано со голем број истакнати диригенти како асистент-диригент. Посебно се важни нејзините соработки со уметници како Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Урош Лајовиц и многу други.

Како оркестарски диригент во својата матична куќа, ги диригира оперите „Рита“ од Г. Доницети , „Севилски берберин“ од Џ. Росини и традиционалниот концерт на млади оперски надежи „Коста Трпков“. Активно учествувала во подготовката и реализацијата како оркестарски диригент на првиот македонски мјузикл „Тајно моја“ во чест на Тоше Проески.

И, наместо препорака за овој несекојдневен настан да се вратиме на зборовите на Арво Перт: „Тишината мора да биде подолга. Музиката е тишина. Звуците постојат за да ја опкружат тишината“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG