Достапни линкови

Совет за безбедност- дома стабилно, за кризата Русија - Украина направени подготовки


Скопје- членовите на Советот за безбедност на состанок кај претседателот Стево Пендаровски, ,1.02.2022

На средбата на Советот за безбедност заклучено е дека нема индиции за загрозување на територијалниот интегритет на земјата, а за украинско-руската криза направени се подготовки. Претседателот изрази зачуденост од реакцијата на бугарското МНР за неговата средба со Македонците од Бугарија.

Безбедносната состојба е стабилна, нема индиции за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет, а во регионот тензиите се делумно намалени пред се во Босна и Херцеговина поради ангажманот на меѓународната заедница. Ова го соопшти претседателот Стево Пендаровски по два и пол часа на Советот за безбедност на која за првпат беа Димитар Ковачевски како нов премиер и Славјанка Петровска како нова министерка за одбрана.
За тензиите на украинско-руската граница земјава ги направила сите подготовки за можните сценарија рече шефот на државата.

„Во таа смисла ги поздравуваме дипломатските напори кои се одвиваат на различни нивоа и кои ги преземаат главните фактори во меѓународната заедница со кој им се дава шанса на дијалогот и преговорите, а не на оружјето и воинствената реторика“, рече Пендаровски.

Тој појасни дека алијансата нема донесено одлука, ниту, пак, како што нагласи ќе донесе за борбено учество во Украина поради тоа што со Вашингтонскиот договор само за земја членка важи членот пет ,според кој, ако една членка е нападната реагира цела Алијанса.

На состанокот присуствуваа и редовните членови на Советот, односно претседател на Собранието Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и надворешните членови професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски. На покана на претседателот беа и Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање, Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Односите со Бугарија не биле тема

Оваа беше 14 седница на Советот за безбедност откако претседател е Пендаровски, на која не се разговарало воопшто за односите со Бугарија поради кои се блокирани македонските европски интеграции, а новите премиерите во двете земји Ковачевски и Кирил Петков почнаа со нов пристап во обидот да ги затворат проблемите.

Одговорајќи на новинарско прашање поврзано со реакцијата на бугарското Министерство за надворешни работи во која беше оценето дека средбата на македонскиот претседател со претставници на ОМО Илинден Пирин и други здруженија на Македонци во Бугарија е во спротивност со договорот за пријателство во 2017 година, Пендаровски изрази зачуденост и нагласи дека е без аргументи.

Средбата не беше спротивна на договорот, дециден е Пендаровски, кој рече „ако некому му пречи, тоа не е мој проблем“. Шефот на државата кој минатата недела ги прими претставниците на здруженијата од Бугарија, нагласи дека се среќавал и со претставници на здруженијата на Бугарите во земјава.

„Не мислам дека има нешто лошо во тоа и напротив ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега, претседателот на Бугарија Румен Радев во повеќе наврати прими граѓани на Република Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби “, рече Пендаровски.

Пендаровски- не можам да играм „дупла игра“

Тој напомена дека на гостите од Бугарија им рекол дека ги прима за да ги слушне нивните маки но дека на соседната земја не може да и наложи да направат нешто за заштита на нивните права. Пендаровски појасни дека не може да стори такво нешто затоа што за правата на бугарските државјани се задолжени институциите во таа земја.

„Им реков- јас може да ве лажам, јас можам да добивам популистички поени и рејтинг во јавноста да градам и да кажам, јас сега ќе ви помогнам тоа што не сте го направиле досега па наместо бугарските институции јас ќе ви ги овозможам тие права. Тоа би било огромна измама од моја страна и не сакам да играм дупло со тие луѓе кои се прилично измачени по трагањето по своите човекови слободи и права децении наназад“, рече Пендаровски.

Правата на малцинствата во Македонија и во Бугарија да се решаваат согласно меѓународните конвенции

Инаку, Советот на Европа досега има донесено 14 пресуди поради одбивањето на Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците што живеат таму. Но, ниту една од нив не е применета, а источниот сосед продолжува со одбивањето да го стори тоа, рече лани за Радио Слободна Европа копретседателот на ОМО Илинден Пирин Стојко Стојков. Тој вели дека пресудите ги добиваат од 2001 досега, но официјална Софија ги игнорира.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG