Достапни линкови

„Скопски поетски фестивал“ - славење на урбаниот дух на Градот


Плакатот за Фестивалот, автор Андреј Павлов

Двесетина поети од земјава и од странство, неколку поетски филмови, бит поезија, џез, работилница за креативно пишување, изложба... се само дел од содржините на вториот „Скопски поетски фестивал“ кој од 29 август до 1 септември се одржува во Младински културен центар и кафе-книжарницата „Буква“.

Со тематското поетско читање посветено на бит генерација поети именувано „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“, овој вторник, на 30 август, во Младински културен центар официјално започна второто издание на „Скопски поетски фестивал“, манифестацијата што во изминатиот период се очекуваше со нагласено внимание на градот веќе уморен од летните здодевни вртења во круг на едноличните програми и понуди.

Настапија Андреј Ал-Асади ( добитникот на наградата „Енхалон“ , која се доделува на „Струшките вечери на поезија“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот), Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и Марија Велинова, избраната млада поетеса на воведниот настан „Отскочна даска“ што понеделнички се одржа во „Буква“.

Авторите во оваа пригода беа придружувани од гитаристот Бојан Петков Шамба и кларинетистот Иво Солдатовиќ, обајцата оснивачи и членови на џез колективот ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ.

Публиката со внимание ја следи воведната манифестација „Отскочна даска“

И, кога веќе ја спомнавме „Отскочна даска“ како неофицијално отворање на манифестацијата да кажеме и тоа дека станува збор за настан на кој учество зедоа десеттина млади поети и поетеси, по што самите со гласање го одбраа учесникот кој имаше можност да чита своја поезија на официјалното отворање на Скопски поетски фестивал. Едновремено во „Буква“ беше отворена и ликовната изложба на колажи „Сум страдал, ама убаво ми било“ што поетесата Валентина Бакти од соседна Србија ја реализираше инспирирана од македонскиот главен град.

Настанот „Отскочна даска“, можеби и ми е највозбудлив од цел фестивал затоа што се работи за поезија од млади автори, кои се на возраст од 16 до 25 години. Преубави стихови, кои досега биле скриени од очите на јавноста, синоќа можеа да се чујат во кафе-книжарницата „Буква“. Младешката полетност и радост, пак, само направи да се чувствуваме дека сме на правиот пат. На настанот победи Марија Велинова, која прочита одлични стихови, и можам да кажам дека на повидок се гледа моќен женски глас на македонската поетска сцена – вели Биљана Стојановска, дел од организациониот тим на „Скопски поетски фестивал“

Марија Велинова, млада поетеса и победник на настанот „Отскочна даска“

Во среда, на 31 август, со почеток во 20 часот во МКЦ‒ Скопје ќе се одржи и „Интернационалната поетска вечер“ на која ќе настапат Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија и Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Бранислав Николов или ако милувате Пијан Славеј.

Завесата на вториот „Скопски поетски фестивал“ ќе биде спуштена в четврток, на 1 септември, во кафе-книжарницата „Буква“, а програмата тој ден ќе започне во 18 часот со работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата, на тема „Урбана поезија“.

Ѓоко Здравески, поет

Истата вечер, во 21 часот програмата ќе продолжи со настанот „Стиховно мапирање на Скопје“ ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови инспирирани од песни за Скопје. Филмовите ги снимија Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Валентина Бакти (Србија) и Диме Данов, врз основа на песни од класиците Блаже Конески, Анте Поповски и Радован Павловски и од современиците Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.

Нашата идеја и визија за фестивалот е да понудиме простор и време на сцената и зад сцената за поетите и другите уметници и сите што се занимаваат со културата да имаат можност да комуницираат, да разменуваат идеи и мислења, и да ги претстават своите дела. Другата цел ни е да ги поддржиме и да ги поттикнеме младите креативни луѓе и на што побројна публика да им ја доближиме поезијата, и да им покажеме дека поетските читања можат да бидат и забавни и инспиративни. Би сакале да имаме поголема поддршка од институциите за да реализираме повеќе од планираното и да имаме повеќе гости од странство што ќе помогнат во ширењето на македонската книжевност и уметност надвор од нашите граници. Ова ни е второ издание и пресреќни сме од интересот на јавноста, што е доказ дека СПФ навистина ни е потребен – истакнува Јулијана Великовска, директор на „Скопскиот поетски фестивал“

Јулијана Величковска, директорка на „Скопски поетски фестивал“ (десно)

Кон ова само уште информацијата дека дизајнот на официјалниот постер за второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“ е дело на Андреј Павлов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG