Достапни линкови

Се лажат тие што мислат дека ќе си го сочуваат здравјето со електронска цигара


Илустрација: Човек што пушти електронска цигара

Општо позната е штетноста на цигарите, но експертите предупредуваат дека и електронските цигари, кои се користат како замена, се исто така штетни. Индија, Бразил, Турција размислуваат целосно да ја забранат употребата на познатата електронска цигара, додека во САД почнува постапка за забрана само на ароматизираните електронски цигари.

Затворањето на летните тераси во кафулињата за пушачите ја отвора дилемата дали од обична цигара да се префрлат на електронска, чија употреба не е целосно забранета во затворени простории. Ваквата фама во земјава трае најчесто до пролет кога ќе се појави и првата маса надвор. Дел од страстните пушачи во електронската цигара гледаат и обид за откажување од цигарите. Производителите на електронските цигари тврдат дека е-цигарата е помалку штетна за здравјето на луѓето од класичната цигара и штедлива алтернатива. На интернет страниците на дел од дистрибутерите во земјава е наведено дека електронската цигара служи како помош во одвикнување и дека во одредени земји, како Британија на пример, е поднесено барање да се издаваат на рецепт.

Граѓаните сметаат дека и електронската и класичната цигара подеднакво се штетни.

„Мислам дека поштетна е електронската цигара, затоа што на неколку луѓе им се случило да им се запали в џеб, и затоа мислам дека таа е поштетна“.

„Јас не пушам, ама мислам дека и едната и другата се штетни за здравјето.“

„И едната и другата не се добри за здравјето“, велат анкетираните граѓани.

Тие велат дека не се запознаени со деталите за тоа дали има штетно влијание на електронската цигара, па најчесто споделуваат искуства од други корисници или од она што го дознале од медиумите.

Јован Матовски, кој е дојден од Австрија, вели дека како страстен пушач успеал да го намали бројот на цигари, но не и да се откаже. Тој додава дека не верува оти електронска цигара ќе му помогне да се откаже целосно од пушењето.

„Сега помалку пушам, ги намалив, ама мислам дека и една кутија цигари да биде 20 евра, тој што пуши ќе ја купи“, вели Матовски.

Разногласието околу електронската цигара е глобален феномен што постојано ја зголемува популарноста. Веќе со месеци се шпекулира околу влијанието на електронските цигари врз нашето здравје, а сега и резултатите на неколку нови истражувања покажуваат дека електронските цигари кои содржат никотин предизвикуваат висок притисок, го забрзуваат срцевиот ритам и предизвикуваат срцеви заболувања. Други, пак, истражувања покажуваат дека за разлика од тутунските, консумацијата на електронските цигари не предизвикува моментален ефект на намален кислород во крвта и срцето. Во светските медиуми тема е штетното влијание на ароматизираните е-цигари. Целта на е-цигарата е да биде помалку опасна алтернатива на пушењето класичен тутун.

Во Македонија годинава за прв пат е целосно законски регулиран овој сегмент. Од Министерството за здравство велат дека електронската цигара е влезена во регулативата годинава во мај, со што земјава е прва во регионот што со законот за тутун ја регулира целосната контрола на ваквите производи.

„Регулативата предвидува давање на дозвола од Министерството за здравство пред да се донесе одлука за пуштање во промет за електронски цигари. Со членовите 58-63 се регулира целосно пуштањето во промет и означувањето на електронските цигари и кои се во согласност со европските регулативи“, се вели во одговорот на Министерството за здравство.

Според законот, на секое пакување треба да стои здравствено предупредување според европските практики.

Со законските измени, според одговорот на Министерството за здравство, е предвидено секоја фирма што планира да пушти во продажба електронски цигари треба да достави барање за дозвола од Министерството за здравство во која ќе треба да бидат наведени токсиколошките податоци за состојките и емисиите на производот, како и нивното влијание врз здравјето на потрошувачите при вдишување и евентуалниот ефект на зависност при нивно загревање, потоа информации за дозите на никотин и апсорбирањето кога се консумира во нормални или разумно предвидливи услови.

Докторите апелираат граѓаните пушачи да изнајдат сили за да се откажат од секаков вид на цигари, затоа што тие се ризик фактори за голем број на заболувања.

Докторот Александар Митов од Центарот за интегративна медицина „Феникс“ вели дека за жал се наметнува прашањето дали електронските цигари се здрави, а не би требало тоа воопшто да биде дискусија.

„Заради тоа што електронските цигари се замислени само и само како преодна алтернатива. Како еден транзитивен период, кога човек треба од пушење цигари да премине на нив и да ги пуши неколку месеци и да се откаже од пушењето. Не треба да заборавиме што е слонот во просторијата, што е главниот проблем, пушењето е главниот проблем, цигарите, стандардните, такви како што ги знаеме“, вели Митов.

Тој објаснува дека ако се тргне од Македонија, главниот проблем во јавното здравство се токму цигарите и пушењето, кои предизвикуваат сериозни заболувања.

„За жал на светско ниво, па и кај нас се вметнува тема, потенцијалното решение на проблемот се проблематизира, се отвора дискусијата за неколку смртни случаи наспроти смртните случаи од цигарите кои се случуваат секоја секунда во светот. Не сакам да ги бранам електронските цигари, но треба да се постави јасно дебатата пред луѓето, да не се создаде страв дека електронските цигари се штетни, а дека конвенционалните цигари се поздрави. Кристално да биде јасно -најлошото нешто што човек може да го направи е да пуши стандардни цигари, следната помалку лоша, но сепак лоша варијанта е да пуши електронски цигари и најбитната порака е да не пуши цигари“, вели Митов.

Претседателот на здружението на приватните лекари, докторка Лилија Дарвишова Чолакова, вели дека сите тие хемикалии се штетни за човековиот организам.

„Така што и пушењето на електронски цигари, сметам дека самата супстанца којашто се наоѓа во неа прави зависност. Можете да забележите на плажите, каде што луѓето се опкружени со убаво море и убава средина, тие се толку многу зависни што цел ден ја држат таа цигара. Сметам дека тие хемиски супстанции прават зависност на тој централен нервен систем за постојано да се користат“, вели Чолакова.

Таа објаснува дека класичната цигара содржи околу 200 токсични супстанции, кои го загрозуваат целиот човеков организам. Тие ги стегаат крвните садови, при што ги оштетува крвните садови, ги оштетуваат белите дробови, предизвикува малигни заболувања, висок притисок и многу други болести.

„Околу 80 проценти од пушачите завршуваат со стентови, со бај пасови, со операции на срце, можам од сабајле до вечер да набројувам колку е голема штетноста од никотинот. Гушење, свирење, бронхо опструкции, навистина е голем бројот на можни заболувања кај пушачите. Како професионалци, забележуваме пораст на карциноми на бели дробови во земјава, што е навистина загрижувачки“, вели Чолакова.

Статистиката во земјава покажува дека само една петтина од страсните пушачи се откажале од цигарите. Македонските граѓаните се на трето место во светот според бројот на испушени цигари по жител годишно, а бројот на пушачи во изминатите 15 години се зголемил.

„Многу е чудно што децении наназад се бориме со цигарите, со пушењето цигари и никој не се сети да ги „забрани“, за нив досега не падна дефинитивна забрана, зошто толку сериозна дискрапанца“, прашува Митов.

Годишно во земјава се евидентираат околу 20 илјади смртни случаи од кардиоваскуларни заболувања, а токму пушењето го зголемува ризикот од нив.

„Цела нацијата ни е толку зависна и тоа е момент на загрижување, и мислам дека здравствените власти треба сериозно да се замислат што треба да направат за одвикнување на нацијата од толку голема количина на тутун и никотин“, вели Чолакова.

Во Македонија се намалува употребата на тутунот кај младите, но бројката кај возрасните и натаму е висока, а тој е втора причина за смрт од кардиоваскуларни заболувања, после крвниот притисок, покажуваат истражувањата на здравствените институции. Според последните податоци, во земјава речиси една половина од населението се пушачи.

Електронските се штетни исто како и обичните цигари

Заблудите за електронските цигари
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:20 0:00

Според Светската здравствена организација, на светско ниво, консумирањето цигари се причина за приближно 12 отсто од смртните случаи на лицата на 30-годишна возраст и повеќе.

Љупчо Наќев

Електронските се штетни исто како и обичните цигари, а оние со некакви вкусови, се уште поштетни, е ставот на Светската здравствена организација. Што е уште полошо, електронските цигари се популарни меѓу младите, кои рано почнуваат со пушење и стануваат зависници. Некои земји, како Индија, Бразил, Тајланд, на пример, веќе целосно ги забранија електронските цигари, а во Соединетите Држави исто така почнува постапка за забрана на продажба на оние со разни вкусови.

„Луѓе умираат преку вдишувањето, па ние многу внимателно го следиме ова“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Државниот секретар за здравство Алекс Азар најави дека наскоро ќе бидат забранети сите електронски цигари со ароми.

„Сите ароматизирани електронски цигари, освен со тутун, ќе бидат отстранети од пазарот“, рече тој.

Производителите на вакви цигари ги рекламираа како еден од начините за откажување од пушење, но нивната зголемена употреба меѓу младите, како и предизвиканите болести, па и смртни случаи, ја интензивираа дебатата за нивна забрана.

Според извештајот на Светската здравствена организација, утврдено е дека течноста во електронските цигари има и разни хемиски супстанци, а многу од нив се токсични. Има и околу 8 илјади ароми, чии ефекти врз здравјето сè уште не се познати.

Како стојат работите во врска со овој проблем на Балканот?

Според едно истражување во Босна и Херцеговина од оваа година, 11 отсто од младите меѓу 13 и 15 години користат електронски цигари. Тоа покажува и дека и покрај забраната за продажба на тутунски производи на малолетни, тие лесно доаѓаат до електронски цигари.

Во Србија, електронска цигара пробале 6 отсто од младите меѓу 13 и 15 години, но истражувањето е правено во 2017-та година. И многумина постари пробале.

„Се обидов, како да ги намалам овие стандардните цигари, па пробав, ама не ми се допадна. Потребна е само цврста волја за да ги оставите цигарите“.

„Пробав, ама не ми го задоволуваше организмот. Мислам дека нема доволно никотин, па баталив“.

„Мислам, исто е, но имате подобро чувство, бидејќи не ви смрдат рацете, не смрдите вие, не смрди просторот каде што сте. Но, не можам ни да го препорачам, бидејќи и тоа е еден вид тутун“, велат анкетираните.

Моменталните анализи укажуваат на тоа дека електронските цигари се штетни по здравјето, посебно врз младите и бремените жени, наведува Институтот за јавно здравје во Србија.

Во Црна Гора околу 30 илјади луѓе користат електронски цигари, проценуваат надлежните во таа земја, но прецизни податоци нема.

Освен електронските цигари, сè повеќе се шири и конзумирањето на производите кои го загреваат тутунот. Од Светската здравствена организација предупредуваат дека и во овој случај е потребна внимателност. Овој производ сè уште не е доволно испитан, но како и да е, сите облици на употреба на тутун се штетни и предизвикуваат зависност, а тутунот, дури и во својот природен облик, е токсичен и содржи канцерогени материи, вели Маријан Ивануша, директор на канцеларијата на СЗО во Србија.

Во светот околу 7 милиони луѓе умираат годишно како последица на пушењето. Тутунот, како што се истакнува, е единствениот производ кој убива половина од своите корисници.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG