Достапни линкови

Се бираат градоначалници на 44 општини


Локални избори, октомври 2021

Денеска втор круг од локалните избори се одржува во 44 општини, а во прв круг ќе се прегласува на по едно избирачко место во Дебар и Шуто Оризари. Овие се седми локални избори од независноста на Македонија и втори, по ланските парламентарни, кои се одржуваат во време на пандмијата со коронавирусот.

Од 7 до 19 часот полнолетните жители во 44 општини може да го дадат својот глас во вториот круг на локалните избори. Право на глас во општините во кои не беше избран градоначалник во првиот круг имаат 1 353 990 избирачи.

Се гласа на 2481 избирачко место. Меѓу нив се градот Скопје и скопските општини Центар, Карпош, Чаир и Шуто Оризари, а во прв круг градоначалници добија Кисела Вода, Ѓорче Петров, Гази Баба, Бутел и Аеродром. Од поголемите градови денеска гласачите бираат градоначалник во Битола, Гевгелија, Гостивар, Куманово, Охрид, Струга и Тетово. Се гласа и во Арачиново, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Старо Нагоричане, Студеничани, Теарце, Чашка, Чешиново-Облешево и Чучер Сандево.

Повторување на гласањето за градоначалник и за совет има на едно избирачко место во Дебар, а се прегласува и на едно избирачко место во Шуто Оризари за членови на совет. До ова дојде откако Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг.

Денеска не се гласа за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус на гласање односно да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини Државната изборна комисија најави дека ќе ја извести Владата, а дополнително ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.

Гласањето почна вчера со изјаснувањето на болните и немоќните, лицата заразени со Ковид-19 и во самоизолација и затворениците. Според податоците на ДИК се работи за вкупно 7465 гласачи. Од нив 1409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови, шест внатрешно раселени лица, 5588 болни и немоќни лица или лица во куќен притвор, чии пријави биле прифатени од општинските изборни комисии, како и 376 лица со Ковид-19 или во изолација.

ДИК очекува да нема проблеми со читачите на отпечатоци

Денешното гласање е второ на кое ќе се применат терминали за биометриска идентификација на гласачите. Првпат апартчињата беа применети во првиот круг од изборите што предизвика поголеми задржувања на избирачките места во услови на пандемија со ковид-19. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски во разговор за РСЕ тврди дека денеска ќе има помалку проблеми оти како што рече 90 отсто од нив биле поради тоа што членовите на избирачките одбори не знаеле да ракуваат со нив. Во овие две недели Даштевски рече дека направиле дополнителни обуки и донеле постриктни упатства.

„Во однос на постапката, прецизиравме и пративме соопштение до Општинските изборни комисии , а тие до избирачките одбори, а и на обуките се зборува дека по два пати ќе се зема отпечаток од едниот и од другиот прст, потоа ќе се употребува скенерот за личната карта и на крај матичниот број, па ако не го најде и матичниот ќе може да стави отпечаток од прст во изводот“, вели Даштевски.

Исто така на ДИК на располагање и се 400 технички лица кои би помогнале за надминување на евентуални проблеми при денешното гласање.

Во првиот круг 34 општини избраа градоначалници бидејќи беше исполнет законскиот минимум за еден кандидат да гласаат 50 отсто од кои излегле на гласање.

Акредитирани 1220 домашен набљудувач и 368 странски

По првиот изборен круг кој се одржа на 17 октомври во прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР меѓународната организација наведе дека изборниот ден поминал мирно, а изборите биле конкурентни.

„Изборниот ден, вклучително и пребројувањето на гласовите, беше оценето како позитивно во целина и покрај честите проблеми со биометриските уреди, групното гласање и некои процедурални грешки при броење и табелирање. Објавувањето на информации за изборите, како и прелиминарните резултати за секое гласачко место ја зголеми транспарентноста“, рече шефицата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија Тана де Зулуета.

Како што соопшти ДИК сега вториот круг од локалните избори ќе го набљудуваат акредитирани се 1598 набљудувачи, од кои 1220 домашни и 368 странски. Најголем дел од странските набљудувачи се од ОБСЕ/ОДИХР.

За гласачите активен е бесплатниот телефонски број 0800 555 44 на кој сите заинтересирани граѓани можат да се јават или да остават коментар до ДИК заедно со своите податоци за контакт за да добијат одговор на поставеното прашање.

Јавното обвинителство дежурно за изборите

Јавното обвинителство соопшти дека продолжува да ги следи случувањата поврзани со изборниот процес, преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.

„Ја известуваме јавноста дека и во текот на изборниот ден, во вториот круг од локалните избори, на 31 октомври 2021 година, ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства. Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање во сите општини каде има втор круг од изборите“, соопштија од обвинителството.

Инаку овие се седми локални избори од независноста на Македонија во 1991 година. Првите локални избори се одржаа на 17 ноември 1996 година, и се бираа и советници и градоначалници во 123 општини, плус Градот Скопје. Сега, во овие два круга се бираат советници и градоначалници за вкупно 80 општини плус градот Скопје.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG