Достапни линкови

„Сета љубов“до февруари во Музеј на современа уметност - Скопје


Плакатот за изложбата „Сета љубов“ во МСУ, дизајн Илиана Петрушевска

„Сета љубов (All the Love)“ е насловена изложбата што од 15 декември минатата година и до 1 февруари годинава се одржува во Музеј на современа уметност и на која се претставени дела од 11 светски познати и неколкумина домашни уметници.

Паралелно со „Вода/Ѕид“, ретроспективна изложба на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници Јован Шумковски, во Музеј на современа уметност - Скопје се случува уште еден исклучително значаен проект. Во периодот до 1 февруари во салоните на овој наш главноградски храм на уметноста тече поставката насловена како „Сета љубов (All the Love)“ чии кураторки се Мира Гаќина и Јованка Попова.

А, во рамките на овој проект изложени се дела, уметнички инсталации и видеа на 11 светски признаени автори и домашни творци, имиња кои денес се привилегија на водечките галерии низ светот како Тејт, Бобур, Гугенхајм, Мома Њујорк... и така со ред.

Уметници како Кети Чукров од Русија, Американката Хедер Дјуи Хагборг, Коко Фуско од Куба, Колумбиецот Карлос Мота , Ширин Нешат од Иран, Агњешка Полска, Рена Редл и Владан Јеремиќ од Србија, Нора Турато од Хрватска, како и нашите Велимир Жерновски и Никола Узуновски.

Lovesick - инсталација на Хедер Дјуи Хагборг

Мира Гаќина, директорката н а МСУ и една од кураторките на проектот„Сета љубов (All the Love)“, забележува дека една од целите на институцијата со која раководи е активно да соработува и изложува автори кои денес можат да се видат во сите водечки уметнички центри низ светот и кои се предводници на актуелната уметничка сцена по прашања кои отвораат ангажирани тематики. Од таму, како што вели, темата на која се фокусирале е особено важна затоа што е поврзана со денешните состојби на несигурност и истовремено бара начини преку различни уметнички медиуми да нè воведе во доживувањето на различното, односно нè насочува кон идејата дека светот може да се доживее од аголот на разновидноста, од перспективата на другиот.

Дискурсот за љубовта, почнувајќи од авангардната и радикална политика од минатиот век, е во центарот на политичките и социјалните промени поттикнати од женските права, правата на ЛГБТ заедницата, различните начини на борби на граѓанското општество. Оттука изложбата се фокусира на дела кои ја манифестираат нејзината способност да се пробие низ најсилните спротивставувања и радикалните поделби“, вели таа.

„Сакај ја иднината“ - инсталација на Никола Узуновски

Јованка Попова, пак, со појаснување дека изложбата „Сета љубов“ ги анализира состојбите на единство и солидарност во локалниот и глобалниот капиталистички контекст. Дека целта на поставката е низ анализа на конкретни уметнички практики, да ги истражи етиката, естетиката и политиката на љубов како радикализам.

Поаѓајќи од идејата дека капитализмот неизбежно наметнува потреба од фокусирање на себството (идентитетот), изложбата ги покренува прашањата за можностите на свет создаден и доживеан од перспектива на разликите, а не од перспектива на идентитетот. Од друга страна, додека љубовта се определува преку двојството, политиката се манифестира преку колективното. Следејќи ја дефиницијата според која политиката е колективна, единствениот начин да се воспостави значајна врска меѓу политиката и љубовта е да се размисли за тоа како заедничкиот поредок ќе ја преиспита љубовта и ќе овозможи таа да се создава на нови начини што капитализмот ги оневозможува.

Оттука, изложбата покренува прашања во врска со можните изводливи и позитивни алтернативи на дејствување од доменот на заедничкото, на теренот помеѓу политичкото и приватното, со нови видови организации, структури и заедници, ќе констатира Попова.

И, информација повеќе. Поставката се одвива според протоколите пропишани за организација на јавни настани во услови на пандемија, а Музејот за современа уметност-Скопје за посетители е отворен секој ден од 10 часот освен понеделник, но поради специфичноста на изложените дела, кураторките сугерираат дека поставката е најдобро да се погледне меѓу 16 и 20 часот, освен во недела кога работното време на оваа институција е до 13 часот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG