Достапни линкови

Седмиот „БукСтар“ како симбиоза од генеза и жанрови


Плакатот за седмото издание на Фестивалот на европска литература „БукСтар/Книжевни ѕвезди“

Под слоганот „Genresis“ и со учество на девет врвни европски писатели, тркалезна маса, книжевни дискусии, традиционалното читање „Ти реков, ми рече“ и други содржини, од 12 до 15 октомври во Скопје ќе се одржи седмото издание на Фестивалот на европската литература „БукСтар“/„Книжевни ѕвезди“.

Катарина Винклер од Австрија која со романот „Модар накит“ го сврте вниманието на книжевната јавност инаку и автор на театарски и филмски продукции, Влада Урошевиќ еден е од најпродуктивните и најквалитетни македонски писатели, Огнен Спахиќ од Црна Гора чии книги се преведени на десетина јазици, исландски романсиер и поет Сјон, кој патем е вистинска книжевна ѕвезда во европската литература, Миодраг Мајиќ, познатиот двигател на промените во српското правосудство кој во Скопје доаѓа како автор на два врвни и омилени романи, Балсор Хоџа од Косово, автор на неколку книги и познат и влијателен публицист, Марина Вујчиќ која подеднакво е активна и во театарот и во книжевноста, а моментално ја извршува функцијата директорка на драмата во Хрватскиот народен театар во Сплит, Софија Лундберј од Шведска, писателка која уште со романот „Црвениот адресар“ стана меѓународна сензација и Хрватката Михаела Гашпар, скулпторката која успешно и се предаде само на литературата, се деветте врвни писатели кои со своето лично присуство и со своите дела ќе го обојат седмото издание на Фестивалот на европската литература „БукСтар“/„Книжевни ѕвезди“. Манифестацијата во дослух со својот досегашен термин ќе се одржи од 12 до 15 октомври во организација на издавачката куќа „Антолог“ во Скопје, а безмалку сите фестивалски активности е планирано да се одвиваат во просториите на Младински културен центар.

Притоа она што се особено важно е тоа што Фестивалот годинава ќе се одвива под слоганот „Genresis“ и ќе се обиде да донесе одговори на прашањата како: Дали Ковид -19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега? Вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел? Или сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото? Втор Genesis? И како литературата ќе си го најде своето место во овие застрашувачки моменти?

Ќе треба да најде автохтон дискурс, или судбината ѝ е веќе испишана? Нови Genres?

Притоа во најавата следи и кратката експликација дека „европската литература како никогаш досега посегнува по своите деконструирани и раскршени крилја. Затоа, ќе мора да креира, реплицира, колекционира, конгруира. Тука, меѓу дискрепанцата на спротивставените жанрови во настанување или не-станување, се подига нов збор – GENRESIS. Зборот беше почеток, може ли сега да биде – крај?“.

Годинашниот слоган е комбинација од генеза и жанрови и преку него сакаме да го претставиме повторното раѓање на книжевноста и на културата преку жанрот како форма на изразување. Ја имавме предвид и тезата на големиот Станислав Лем дека „барањето апсолутно чисти жанрови денес претставува анахронизам“, а токму Лем и го чествуваме на еден од настаните на Фестивалот, годинава кога се навршуваат сто години од неговото раѓање. Сите настани на овој „Букстар“ всушност се во функција на таа симбиоза од генеза и жанрови – авторите гости творат во различни жанрови и покажуваат и докажуваат дека жанровската литература веќе не е потценета, туку, напротив, е во подем. Ќе имаме и една книжевна дискусија посветена на жанровите и една тркалезна маса посветена на преводот и целокупната програма всушност е насочена на тоа – да се објаснат културолошките промени преку книжевноста. Фестивалот „Букстар“ бил и ќе биде од социјално ангажиран карактер и целта ни е да разбрануваме интерес кај пошироката јавност, нудејќи содржини што ќе помогнат полесно да ги разбереме проблемите со кои се соочува општеството денес, но на културно-уметничко, а не на политичко рамниште. Преку овој Фестивал и сакаме да покажеме дека културата е двигателот што може да прави промени, појаснува Кристина Дукоска, уредник во „Антолог“.

Инаку, во фокусот на седмиот „БукСтар / Книжевни ѕвезди“ , како и секоја година, ќе бидат промоциите на делата на авторите гости на манифестацијата, а покрај овие настани од главната програма, организаторите најавуваат и тркалезна маса на тема „Превод/комуникација,/разбирање“, настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на познатиот полски писател, сатиричар и филозоф Станислав Лем, книжевна дискусија на тема „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување што ќе ја води Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, а тука се и познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, Саем на европската литература и многу други содржини.

Дизајнот на официјалниот фестивалски постер и на другите промотивни материјали е на Стефан Танков.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG