Достапни линкови

СБ: Платите се зголeмија, но не и продуктивноста


Директорот на Светската Банка  Марко Мантованели

Во земјава во 2019 се зацврстува економскиот раст, а невработеноста е најниска досега. Но се зголемил јавниот долг и фискалниот дефицит како резултат на порастот на теховните расходи поради зголемување на плати, пензии и на субвенциите, се вели во шестмесечниот извештај нa Светскатa Банка.

За разлика од регионот каде економскиот раст забавува, во 2019 година се очекува во Македонија да продолжи да се зголемува растот во економијата и до крајот на годината да се постигне економски раст од 3,1 процент, под влијание на зголемени инвестиции и на поголема потрошувачка. Ова се наведува во најновиот редовен шестмесечен извештај на Светска Банка за Западен Балкан. Освен кај нас се очекува зголемување на растот и на Косово.

Претходно се проценуваше дека растот ќе изнесува 2,9 проценти, а минатата година економскиот раст беше 2,7 проценти.

Но, иако проекциите за раст се позитивни, од Светска Банка укажуваат на неповолни ризици кои се појавуваат и укажуваат на потребата од внимателност.

Директорот на Светска Банка, Марко Мантованели на прес конференцијата рече дека континуираниот тренд на зголемување на платите во јавниот сектор заедно со намалување на продуктивноста на трудот во повеќе сектори ја загрозува конкурентноста на економијата.

„Платите се зголемија, но паралелно со ова потребно е да има и зголемување на продуктивноста. Препораката не е да не се зголемуваат платите, но тоа да се прави на мудар начин, со напори за зголемување на продуктивноста во економијата“, изјави Mантованели.

Тој нагласи дека битно е малите економии да бидат мудри во ситуација кога надворешното опкружување е нестабилно, алудирајќи на трговската тензија меѓу САД и Кина, забавеноста во германскатa економија и случувањата поврзани со Брегзит.

Инаку се посочува дека највисоко зголемување на плати има во здравството, образованието, социјалната заштита, транспорт и градежништво.

Соња Маџаревиќ, виш економист во Светската Банка, дополни дека е потребно зголемувањето на платите да биде проследено со напори за создавање на силно деловно опкружување, и владеење на правото.

Во извештајот како најпозитивно се посочува тоа што во земјава невработеноста паднала на историски најниско ниво и изнесува 17 проценти.

„Но постои дисбаланс, во регионот на североисточна Македонија 35 проценти од населението се невработени“, посочи Соња Маџаревиќ, виш економист во Светската Банка.

Се зголемува јавниот долг

Маџаревиќ рече дека и покрај зголемувањето на стапките на даноците и на придонесите во 2019 година се зголемил фискалниот дефицит.

Таа нагласи дека во 2019 се зголемил јавниот долг и фискалниот дефицит како резултат на порастот на тековните расходи поради зголемување на плати, пензии и на субвенциите и покрај умерениот раст на приходите.

Во врска со плановите на владата за субвенционирање на платите во приватниот сектор, претставниците на Светската банка рекоа дека тоа треба да претставува привремена мерка, но оти во наредниот период треба да се зајакне и даночната управа и луѓето да ја видат вредноста од даноците кои ги плаќаат.

Генерално изгледите на економијата се оценуваат како умерено позитивни, а главни двигатели на раст се очекува да бидат јавните инвестиции во автопатите и приватните инвестиции во енергетиката градежништвото и туризмот.

„Ова основно сценарио е придружено со се поголем број ризици особено надворешни, бидејќи постојат знаци на забавување на економијата во ЕУ и на светската економија под влијание на трговскиот спор меѓу САД и Кина, неизвесноста околу Брегзит, тензиите меѓу САД и Иран“, рече Бојан Шимбов, економист во Светската Банка. Тој дополни дека во земјата овие надворешни случувања може да се одразат особено врз автомобилската индустрија.

Говорејќи како да се зголеми продуктивноста, тој рече дека земјава е на крстопат и се очекува дека членството во НАТО и добивање датум со ЕУ да ја придвижат земјата. Тој рече дека е потребно останувањето на курсот на структурни реформи со кои се поттикнува конкурентноста, подобрување на капацитетите на институциите и справување со корупцијата.

Иселувањето е проблем

Како еден од водечките проблеми во извештајот и оваа година се посочува иселувањето.

Се проценува дека половина милион луѓе од државата се иселени во странство. Една третина од нив се со високо образование.

Се оценува дека во Македонија има продукција на квалитетен кадар од областа на информатиката, но се дополнува и дека најголем дел од нив си заминуваат во странство мотивирани од побарувачката на пазарите надвор од државата.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG