Достапни линкови

ЕУ на удар на организираниот криминал како никогаш досега


Седиштето на Еуропол во Хаг
Седиштето на Еуропол во Хаг

Загрижувачко ширење на организираниот криминал во ЕУ. Ова се наведува во „Проценка на заканата од тежок и организиран криминал“ во Унијата што ја издаде Еуропол. Проценката се објавува на секои четири години и претставува детална анализа на заканата организираниот криминал со кој се соочува ЕУ.

Во извештајот детално се опишува работењето на криминалните мрежи во ЕУ и како нивните криминални активности и деловни практики се закануваат да ги поткопаат општествата, економијата и институциите и полека да го нарушат владеењето на правото.

Извештајот дава невиден увид во криминалното подземје во Европа засновано врз анализа на илјадници случаи и разузнавачки податоци доставувани до Еуропол. Извештајот открива загрижувачко ширење и еволуција на сериозниот и организиран криминал во ЕУ.

Со „трошки“ не се води борба против корупција

Документот предупредува на потенцијалните долгорочни импликации на пандемијата на ковид-19 и како тие можат да создадат идеални услови за напредување на криминалот во иднина.

Извештајот јасно го истакнува сериозниот и организираниот криминал како клучен предизвик за внатрешната безбедност во моментот со кој се соочуваат ЕУ и нејзините земји-членки.

Организираниот криминал ги поткопува европските вредности

Граѓаните на ЕУ уживаат некои од највисоките нивоа на просперитет и безбедност во светот. Сепак, ЕУ сè уште се соочува со сериозни предизвици за нејзината внатрешна безбедност, заканувајќи се дека тоа ќе ги поништи некои од европските заеднички достигнувања и ќе ги поткопа споделените европски вредности и амбиции.

Бидејќи ЕУ се соочува со пандемијата, една од најзначајните кризи од крајот на Втората светска војна, криминалците се обидуваат да ја искористат оваа вонредна ситуација насочена кон граѓаните, деловните субјекти и јавните институции.

Анализата ги нагласува клучните карактеристики на сериозниот и организираниот криминал како што се широко распространетата употреба на корупција, инфилтрирање и експлоатација на легални деловни структури за сите видови криминални активности и постоење на паралелен подземен финансиски систем што им овозможува на криминалците да ги придвижат и инвестираат своите профити од повеќе милијарди евра.

Сериозниот и организиран криминал опфаќа разновиден спектар на криминални појави, почнувајќи од трговија со нелегална дрога до кривични дела како што се криумчарење мигранти и трговија со луѓе, економски и финансиски криминал и многу други.

Клучни наоди

Во извештајот се оценува дека сериозниот и организиран криминал никогаш не претставувал толку голема закана за ЕУ и нејзините граѓани како денес.

Балканска мафија со политичка поддршка

Пандемијата и потенцијалните економски и социјални последици што се очекува да следат се закануваат да создадат идеални услови за ширење и зафаќање на организираниот криминал во ЕУ и пошироко.

Уште еднаш потврдено и во оваа пандемија, клучна карактеристика на криминалните мрежи е нивната подвижност при прилагодување и капитализирање на промените во средината во која работат. Пречките стануваат криминални можности.


Како деловно опкружување, јадрото на криминалната мрежа е составено од раководни слоеви и теренски оператори. Ова јадро е опкружено со низа актери поврзани со криминалната инфраструктура кои обезбедуваат услуги за поддршка.

Со скоро 40 проценти од криминалните мрежи активни во трговијата со дрога, производството и трговијата со дрога останува најголемата криминална работа во ЕУ.

Криминални мрежи во легалните структури во ЕУ

Трговијата со луѓе и експлоатацијата на човечки суштества, криумчарењето мигранти и онлајн и офлајн измами претставуваат значителни закани за граѓаните на ЕУ. Криминалците користат корупција. Скоро 60% од криминалните мрежи пријавиле вмешаност во корупција.

Криминалците заработуваат и перат милијарди евра годишно. Скалата и комплексноста на активностите за перење пари во ЕУ претходно беа потценети.

Професионалните перачи на пари воспоставија паралелен подземен финансиски систем и користат какви било средства за да се инфилтрираат и да ги поткопаат европските економии и општества.

Заробеници во балкански политички вакуум

Правните деловни структури се користат за практично олеснување на сите видови криминални активности со влијание врз ЕУ.

Повеќе од 80% од криминалните мрежи активни во ЕУ користат легални деловни структури за своите криминални активности.

Употребата на насилство од страна на криминалците вклучени во сериозен и организиран криминал во ЕУ се чини дека е зголемена во однос на фреквенцијата на употреба и нејзината сериозност.

Заканата од насилни инциденти е зголемена со честата употреба на огнено оружје или експлозив на јавни простори.

Криминалците се дигитални домородци.

Буквално сите криминални активности сега содржат некоја компонента преку Интернет и многу кривични дела целосно мигрирале на Интернет.

Криминалците искористуваат шифрирана комуникација за да се вмрежат меѓусебно, користат социјални медиуми и услуги за размена на инстант пораки за да допрат до поголема публика за рекламирање на нелегална стока или да шират дезинформации.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG