Достапни линкови

Руските инстаграмери пред неизвесна иднина


Многу Руси продолжуваат да ги користат платформите со помош на виртуелни приватни мрежи (VPN), но услугата може да биде многу бавна.

Потрошија години на Инстаграм. Сега руските инфлуенсери, фотографи, уметници, модели и други кои се потпираа врз оваа социјална мрежа се соочуваат со заматена иднина, бидејќи државата се обидува да ја заостри контролата врз наративот на војната. Тод Принс

Тие доаѓаат од цела Русија: Фитнес инструктор од Владивосток на Далечниот Исток; сопственик на берберница од Чита во близина на кинеската граница; млади инфлуенсери од Ангарск и Улан-Уде во Сибир; здравствен консултант во Москва; фотограф од Дагестан во Северен Кавказ; и експерт за содржина од Краснодар на југ.

Сите тие поминаа години - во некои случаи речиси една деценија, притоа создавајќи голем број следбеници на социјалната мрежа за споделување слики Инстаграм.

Ги научиле правилата на играта или ангажирале некој што ги научил. Тие објавуваа содржини на редовно во одредени периоди од денот, со хаштагови приспособени да добијат што е можно повеќе прегледи. И во некои случаи тие активно соработуваа со други блогери, промовирајќи се еден со друг за да го забрзаат растот на претплатниците и, секако нивната заработка.

Русија ги блокираше Фејсбук и Инсаграм
Русија ги блокираше Фејсбук и Инсаграм

Одеднаш, овие руски инфлуенсери, сопственици на продавници, фотографи и други кои се потпираа врз Инстаграм за приходи, се соочуваат со неизвесна иднина, откако нивната влада ја забрани популарната платформа како дел од, како што велат експертите, поширок потег за заострување на цензурата по неиспровоцираната руска инвазија на Украина.

Тие се далеку од запрепастувачкиот масакр што рускиот претседател Владимир Путин го изврши во соседната земја, каде што се убиени илјадници луѓе, а околу 10 милиони - околу една четвртина од населението - протерани од своите домови.

Но, тие се меѓу големиот број Руси кои ги чувствуваат негативните ефекти од војната на нивната влада во Украина, што предизвика невидени санкции од Западот. Кремљ ги затегна завртките дома, засилувајќи го ограничувањето на несогласувањето.

„Еден ден и овие девет години поминаа. Излезе дека мојот живот и мојата работа се блокирани“, објави популарната руска фотографка на пејзажи, која оди на хаштагот @sveta_13 на својата страница на Инстаграм на 12 март. „Казнета за што?“, додава таа.

Роскомнадзор, регулаторот за комуникации во земјата, еден ден претходно објави дека ќе го забрани Инстаграм почнувајќи од 14 март, откако матичната компанија, американската Мета, рече дека привремено ќе им дозволи на Украинците да изразуваат омраза кон руските војници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објавува неколку пати на ден на Инстаграм, вклучително и на руски јазик, за да ги сподели најновите случувања за војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објавува неколку пати на ден на Инстаграм, вклучително и на руски јазик, за да ги сподели најновите случувања за војната.

Московскиот суд ја повтори блокадата на 21 март, откако го означи Инстаграм „екстремистички“ поради промената во политиката за омраза и одби да отстрани неколку илјади објави за кои владата тврдеше дека содржеле „лажни“ информации за рускиот напад на Украина или повици да се приклучат на неодобрени собири.

По забраната на Инстаграм, Русите создадоа Росграм

Аналитичарите велат дека руската влада ја искористила привремената промена на политиката на омраза од страна на Мета како основа за суштински да го забрани Инстаграм, една од најпопуларните апликации за социјални медиуми во земјата која остана надвор од нејзина контрола.

Русија само неколку дена претходно го блокираше Фејсбук, друга популарна подружница на Мета, и Твитер поради наводна дискриминација на руските државни вести. Потегот дојде нешто повеќе од една недела откако Русија ја започна големата инвазија на Украина на 24 февруари.

Многу Руси продолжуваат да ги користат платформите со помош на виртуелни приватни мрежи (VPN), но услугата може да биде многу бавна.

Забраните за социјалните мрежи се дел од поголемиот потег на Путин да изгради, како што велат некои, „дигитална железна завеса“, со цел да се одржи контролата на државата во ширењето на информации во земјата.

Владата се обиде да ги ограничи точните информации за разорната воена кампања. Таа им забрани на медиумите и на поединци да ја нарекуваат војната војна или инвазијата инвазија, инсистирајќи на терминот „специјална операција“.

Стисокот на Путин

Напорите на Путин да ги контролира медиумите и ширењето на информациите потекнуваат од неговите први недели на функцијата, во 2000 година. Тој брзо ја врати контролата на Кремљ врз НТВ и ОРТ, двете најголеми телевизиски станици, што ги натера нивните сопственици да ја напуштат земјата од страв да не бидат гонети.

До 2010-тите, како што сѐ повеќе граѓани ги добиваа своите информации преку медиумските платформи, Путин се обиде да го прошири влијанието на Кремљ и врз тие медиуми.

Многумина сметаат дека интерфејсот на VKontakte е застарен и се очекува Русите полека да ја напуштат платформата.
Многумина сметаат дека интерфејсот на VKontakte е застарен и се очекува Русите полека да ја напуштат платформата.

Тајкунот Алишер Усманов, пријател на Кремљ, во 2014 година го купи Вконтакте, најголемата руска компанија за социјални медиуми, чија главна платформа е аналогна на Фејсбук. Усманов во минатата година го продаде Вконтакте на Согас, осигурителна компанија делумно во сопственост на долгогодишниот соработник на Путин, Јуриј Ковалчук.

Во текот на изминатите неколку години, како што растеше јавната фрустрација од политичката стагнација на Русија и економските проблеми, владата на Путин почна да ги таргетира американските платформи за социјални медиуми Твитер, Фејсбук и Јутјуб, барајќи да ја отстранат содржината што не ѝ се допаѓа.

Последните забрани ја носат државната цензура „целосно на друго ниво“, изјави за РСЕ Рејчел Денбер, заменик директор на Одделот за Европа и Централна Азија во Хјуман Рајтс Воч.

„Претходно тие вршеа притисок врз платформите на социјалните медиуми да цензурираат „несакана“ содржина, сега тие го користат овој момент за да се обидат да извршат апсолутна контрола врз информациите во земјата“, вели Денбер, додавајќи: „Тие се обидуваат да го претворат интернетот во зона на репресија“.

Инстаграм е многу помалку политичка платформа отколку Фејсбук и Твитер, со содржина која е фокусирана врз модата, убавината, занаетите, патувањата и фотографијата.

Стана широко популарен, вклучително и во Русија, бидејќи е платформа погодна за мобилни телефони, едноставна за пребарување, а исто така е подобро дизајнирана за трговија и промоција на брендот од нејзините врсници.

Голем број корисници како што се сопственици на продавници, претприемачи, уметници и блогери гравитираа на платформата за да ги промовираат своите бизниси и работа.

Анастасија Куликова, креатор на содржини на Инстаграм од Краснодар вели дека „огромна сума пари“ течела низ Инстаграм во Русија, бидејќи следбениците купувале стоки и услуги - како што се онлајн курсеви, облека и производи за убавина - промовирани од бизнисите или инфлуенсерите што ги плаќале. Многу бизниси, претприемачи и инфлуенсери заработија многу добри пари на Инстаграм и плаќаа даноци, наведува таа.

„Тоа е голема загуба за нас. Некои официјални лица изразија презир кон луѓето кои ги користат социјалните мрежи за да заработат за живот или да ги подобрат своите приходи.

„Обраќање до блогерите. Бидејќи сите вие сте без работа – дали е тоа добро или лошо, не знам – време е да опаметите “, изјави Николај Панин, градоначалник на Тимашевск, град во јужниот регион Красонодар, откако Роскомнадзор објави дека го блокирал Инстаграм. „Дојдете кај нас, имаме слободни места – чистачи на улици. Ве очекуваме“, порача тој.

Затворениот опозициски лидер Алексеј Навални вешто го искористи Инстаграм и другите социјални медиуми за да допре до милиони Руси.
Затворениот опозициски лидер Алексеј Навални вешто го искористи Инстаграм и другите социјални медиуми за да допре до милиони Руси.

Затворениот опозициски лидер Алексеј Навални, кој вешто го користеше Инстаграм и другите социјални медиуми за да допре до милиони Руси, напиша дека властите „не разбираат“ оти секој ден луѓето - средната класа во Русија или оние кои се трудат да ѝ се придружат - ја користат платформата на социјалните медиуми за егзистенција.

„Инстаграм се десетици илјади мали бизниси ширум Русија и еден милион нивни клиенти“, напиша Навални, кој честопати беше нарекуван со потсмев како „блогерот“ од високите функционери кои избегнуваат да го изговорат неговото име. „Овде самохрана мајка од Перм заработува од реклами за нејзините услуги за маникир. Овде еден човек од Јарослав покажува како прави паркет и бара клиенти“, посочи Навални.

Технолошките џинови во информациската војна на Западот и Русија

Визуелната суштина на платформата ја направи природна алатка и за ширење на вестите за убивањето и уништувањето на војната на луѓето ширум светот, вклучително и во Русија, заобиколувајќи ја цензурата во Кремљ. Во меѓувреме, некои глобални инфлуенсери, вклучувајќи спортисти и филмски ѕвезди со милиони следбеници, објавуваат за војната во Украина.

Во Русија има околу 80 милиони корисници на Инстаграм, или повеќе од половина од населението, а приближно 80 насто од тие корисници следат луѓе надвор од земјата.

Англиската фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам
Англиската фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам

Англиската фудбалска легенда Дејвид Бекам, кој има 71 милион следбеници, на 20 март изјави дека ќе го предаде својот Инстаграм на шефот на регионалниот перинатален центар во Харкив, град во источна Украина кој се соочи со некои од најбруталните руски напади.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски моментално објавува неколку пати на ден на Инстаграм, вклучително и повремено на руски јазик, за да ги сподели најновите случувања за војната.

Последните часови на Инстаграм?

Набргу откако Роскомнадзор ја објави својата претстојна забрана, Тина Канделаки, славна личност од Москва која ги поддржува Путин и војната во Украина, во објава рече дека „Инстаграм го живее својот последен час во Русија“, охрабрувајќи ги нејзините 3,1 милиони следбеници да се претплатат на нејзините сметки на Вконтакте и Телеграм.

Тина Канделаки
Тина Канделаки

Канделаки нема објавено на Инстаграм од 11 март.

„И другите влијателни лица се обидуваат да ги наведат своите претплатници на тие платформи, но тоа ќе биде тежок процес“, вели Куликова.

Дали сме безбедни на социјалните мрежи?

Телеграм, платформа за пораки и блогирање бара од корисниците да кликнат на секоја сметка што ја следат, што е незгоден процес. Во меѓувреме, многумина сметаат дека интерфејсот на Вконтакте е застарен.

Куликова очекува Русите полека да ја напуштат платформата. Русија нема да ги казнува граѓаните што продолжуваат да ја користат платформата преку виртуелна приватна мрежа, но ќе ги отстрани сите финансиски стимулации.

Руските компании нема да можат да се рекламираат на Инстаграм или Фејсбук бидејќи таквата активност ќе се смета за финансирање на екстремизам, наведуваат државните медиуми. На руските корисници исто така нема да им биде дозволено да купуваат или продаваат преку која било платформа.

Телеграм, платформа за пораки и блогирање
Телеграм, платформа за пораки и блогирање

Забраната ќе биде дополнителен удар за рускиот бизнис, претприемачите и блогерите кои веќе се оптоваруваат од зголемената инфлација и падот на рубљата како резултат на санкциите воведени од западната земја поради инвазијата на Украина.

Магомед Шапиев, фотограф на пејзажи од Дагестан, сиромашен регион во Северен Кавказ, за РСЕ изјави дека Инстаграм целосно ја промени неговата судбина. Откако почна да објавува фотографии од планините и селата на Дагестан на својот Инстаграм профил во 2013 година, неговите следбеници се зголемија на 168.000.

Популарноста на Шапиев му овозможи да заработува пари од тоа што сака да го работи. Тој рече дека на плодните корисници како него ќе им треба „долго време“ да ја прекинат навиката да ја отвораат апликацијата Инстаграм и да објавуваат. „Не сакам да го напуштам Инстаграм“, рече тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG