Портпаролот на Кремљ вели дека Украина мора да се „демилитаризира“
Кремљ денеска ја повтори претходната изјава на рускиот претседател Владимир Путин дека целта на инвазијата врз Украина од руските цели е „демилитаризација и денацификација на Украина“.
„Идеално, Украина мора да биде ослободена и исчистена од нацисти, нацистички ориентирани луѓе и идеологии“, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитри Песков.
Зеленски - Украина претрпе „сериозни загуби“ по руските воздушни напади
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ кажа на својата нација дека Украина претрпела „сериозни загуби“ во почетните фази од долго стравуваниот руски напад на почетокот на 24 февруари, а негов советник рече дека во нападите биле убиени најмалку 40 луѓе.
Зеленски, исто така, рече дека ги прекинува дипломатските односи со Москва и ги повика Русите „кои не ја изгубиле честа“ да протестираат против постапките на нивната влада.
Две македонски семејства побарале помош во Амбасадата во Киев
Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека се следи состојбата во Украина и дека нашата Амбасада е во контакт со македонските граѓани кои се наоѓаат во земјата, со цел да им се помогне да ја напуштат.
Тој информира дека две семејства денеска се обратиле во нашата Амбасада во Киев коишто бараат одредени документи со цел да ја напуштат земјата. Османи порачува дека нашите дипломати се таму и ќе најдат начин да им се помогне сè додека имаат можност, а потоа ќе донесеме евентуално и одлука за евакуација на нашите дипломати од Амбасадата.
Северна Македонија се приклучува кон санкциите на ЕУ против Русија
Македонската Влада на денешна седница ја разгледа и усвои Информацијата за новиот пакет рестриктивни мерки на Европската унија во однос на ситуацијата во Украина, а дадена е препорака Северна Македонија да се придружи кон сите одлуки на ЕУ за овој вид рестриктивни мерки, соопшти владината прес-служба.