Достапни линкови

Бајден: Проектилите кои паднаа во Полска, веројатно не се истрелани од Русија


Русија демантира дека извршила напад врз Полска, која е членка на НАТО. Украина го тврди спротивното. Полскиот премиер свика итен состанок на владиниот комитет за прашања за национална безбедност.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека проектилите кои синоќа паднаа на полска територија можеби и не се истрелани од Русија.

-Не сакам дефинитивно да кажам додека не заврши целосна истрага. Но, поради траекторијата на проектилите малку веројатно е дека се истрелани од Русија. Сепак ќе видиме што ќе донесе истрагата. Иако првичните информации зборуваа дека Русија е поврзана, прелиминарните истражувања го оспоруваат тоа тврдење, истакна американскиот претседател Џо Бајден за CNN.

Тој се наоѓа на Бали во Индонезија каде учествува на самитот на Г 20. Пред изјавата, одржа итна средба со лидерите на Г 7. Бајден сепак оцени дека за ескалацијата на војната во Украина е виновна Русија.

Две лица загинаа во експлозија во Пржеводов, село во источна Полска во близина на границата со Украина, соопштија тамошните пожарникари.

Експлозијата се случи откако Русија денеска изврши серија напади врз Украина со проектили. Напади за кои Киев рече дека се најтешкиот бран по речиси девет месеци по руската инвазија.

Некои од нападите го погодија западниот град Лвив, кој се наоѓа на помалку од 80 километри од границата со Полска.

Руска серија ракетни напади врз Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00


Полска е членка на западната воена алијанса НАТО, предводена од САД, која е посветена на колективната одбрана, а можноста полската експлозија да е резултат на намерен или случаен руски напад предизвика тревога.

Руското Министерство за одбрана ги демантираше информациите дека нејзини ракети погодиле полска територија, опишувајќи ги извештаите како намерна провокација.

„Со руските средства за уништување не е извршени напад на цели во близина на украинско-полската граница“, се продолжува во соопштението.

Местото на експлозијата во Полска
Местото на експлозијата во Полска

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека руски ракети ја погодиле Полска и рече дека Украина долго време предупредува дека руските дејствија нема да бидат ограничени само на неговата земја.

„Ракетните напади на територијата на НАТО претставуваат значителна ескалација“, рече Зеленски, повикувајќи на неодредена акција како одговор.

Итен состанок во Полска

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки свика итен состанок на владиниот комитет за прашања за национална безбедност и одбрана, објави на Твитер владиниот портпарол Пјотр Мулер.

Портпаролот за безбедност на Владата и претставник на кабинетот на премиерот одбија да коментираат повеќе.

Мулер изјави за новинарите подоцна денеска дека комисијата е свикана поради „кризна ситуација“, додавајќи дека релевантните информации ќе бидат претставени на јавноста подоцна. Тој ги повика медиумите во меѓувреме да не објавуваат „непроверени информации“.

Мулер изјави идека Полска проверува дали треба да побара консултации според членот 4 од договорот за воена алијанса на НАТО.

Членот 4 го опфаќа случајот кога земја-членка се чувствува загрозена од друга земја или терористичка организација. Тогаш земјите-членки НАТО започнуваат формални консултации на барање на загрозената членка.

Мулер, исто така, рече дека Полска ја зголемува подготвеноста на некои воени единици.

„Пожарникарите се на терен, не е јасно што се случило“, изјави Лукаш Куси, дежурен офицер во блиската противпожарна станица.

Реакции од НАТО, САД, ЕУ и други земји

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека вечерва разговарал со полскиот претседател Анджеј Дуда за експлозијата на истокот на земјата. Тој притоа му изразил сочувство за загубата на животите.

„НАТО ја следи ситуацијата и сојузниците внимателно се консултираат. Важно е да се утврдат сите факти“, додаде Столтенберг.

Асошиетед прес цитираше висок претставник на американското разузнавање дека експлозијата била предизвикана од руски проектили кои влегле на територија на Полска.

Сепак, Пентагон соопшти дека не може да потврди дека руски ракети влегле во Полска.

„Свесни сме за извештаите во медиумите дека два руски проектили погодиле локација во Полска во близина на границата со Украина. Можам да ви кажам дека во овој момент немаме никакви информации за да ги потврдиме тие извештаи и истражуваме дополнително“, рече Патрик Ридер, портпаролот на Пентагон.

Заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател рече дека извештаите што доаѓаат од Полска се „неверојатно загрижувачки“, додавајќи дека Вашингтон работи на утврдување што се случило и на соодветни следни чекори.

„Стејт департментот разговара со низа партнери за извештаите и работи со полската влада“, им рече Пател на новинарите на редовниот брифинг со новинарите.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел е во контакт со колегите за да добие повеќе информации за ситуацијата во Полска, изјави доцна вечерва неговиот портпарол.

Со нападите врз членка на НАТО, многу земји во регионот реагираа брзо, предупредувајќи дека инцидентот може дополнително да ги зголеми веќе високите тензии меѓу Западот и Москва.

Француското министерство за одбрана соопшти дека претседателот Емануел Макрон побарал да се направи верификација по експлоџијата во Полска.

Естонското Министерство за надворешни работи соопшти дека веста од Полска е „многу загрижувачка“ и дека Естонија е подготвена да го брани „секој сантиметар од територијата на НАТО“.

Соседот на Полска, Литванија, изрази слични чувства, додавајќи дека „секој сантиметар од територијата на НАТО мора да се брани“.

Чешкиот премиер Петр Фиала изјави дека доколку Полска потврди дека проектилот погодил нивна територија „тоа ќе биде дополнителна ескалација на Русија“.

„Денешните масовни ракетни напади на руската армија врз Украина јасно покажуваат дека Русија сака дополнително да го тероризира својот народ и да ја уништи земјата“, додаде чешкиот премиер Петр Фиала на Твитер.

Ситуацијата настана кога Русија лансираше низа проектили на локации низ Украина со цел да ја онеспособи енергетската инфраструктура на земјата.

Украинските власти соопштија дека во нападите биле истрелани повеќе од 90 проектили, некои од најтешките напади откако Русија ја започна инвазијата на Украина кон крајот на февруари, погодувајќи градови како Киев и Лвив.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG