Достапни линкови

Доњецк гори, Киев претпазлив по руското повлекување од Херсон


Украински војници пукаат од запленети руски тенк Т-80 на пат во близина на градот Бахмут, областа Доњецк, 4 ноември 2022 година
Украински војници пукаат од запленети руски тенк Т-80 на пат во близина на градот Бахмут, областа Доњецк, 4 ноември 2022 година

Во Доњецк се водат жестоки борби. Проценката на САД е дека има над 200.000 жртви од почетокот на војната, на двете страни. Киев претпазлив околу повлекувањето на руската војска.

Украинските сили успеаја да ги одбијат новите руски напади во источниот регион Доњецк, соопшти денеска Генералштабот на украинските вооружени сили, додека Москва продолжува со офанзивата во насоките Бахмут и Авдијевка.

Жестоките борби на истокот дојдоа откако вчера рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу нареди повлекување од западниот брег на реката Дњепар во делумно окупираната област Херсон во Украина, во најновиот очигледен неуспех за Москва на бојното поле во југоисточниот дел на Украина.

Украинските сили на линија на фронтот кај Доњецк
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:52 0:00

Руските сили извршија ракетни воздушни напади во повеќе од 30 населени места во регионите Доњецк, Луганск, Дњепропетровск, Запорожје, Миколаев, Суми и Керсон, соопштија од Генералштабот.

Оттаму појаснуваат дека успешно се одбиени и руските напади во Луганск, кои заедно со Доњецк го сочинуваат источно-украинскиот регион Донбас.

Проценка на САД: Над 200.000 жртви во војната

Американскиот генерал Марк Мили, претседател на Здружениот Генералштаб вчера изјави дека околу 100.000 руски и 100.000 украински војници биле убиени или ранети во војната, што е највисока проценка што додега ја има дадено некој западен официјален претставник.

Мили кој говореше на настан во Њујорк, исто така посочи дека околу 40.000 цивили загинале откако се нашле во зоната на конфликтот. Овие проценки не можеа да бидат независно потврдени. Истовремено и Киев и Москва не го кажуваат бројот на жртвите.

Последните податоци од страна на Русија, објавени во септември се дека 5.937 војници биле убиени од почетокот на конфликтот кој започна пред скоро девет месеци.

„Имаше огромна количина на страдање, човечко страдање“, рече Мили, додавајќи дека конфликтот создаде меѓу 15 и 30 милиони бегалци.

ОН забележаа 7,8 милиони луѓе како бегалци од Украина низ Европа, вклучително и Русија. Сепак, бројката не ги вклучува оние кои биле принудени да ги напуштат своите домови, но останале во Украина, односно, се внатрешно расселени.

Осврнувајќи се на наредбата на Шојгу за повлекување од Херсон, Мили рече дека првичните показатели сугерираат дека Русија го спроведува своето повлекување, но тој предупреди дека може да биде потребно време за да се заврши.

Многу воени аналитичари Херсон го сметаат за најважен од четирите делумно окупирани украински региони кои Русија ги објави како анектирани во септември. Преку него се контролира и единствениот копнен пат до Украина, полуостровот Крим, анектиран од Русија, и устието на реката Дњепар што ја преполовува Украина.

„Тие објавија во јавноста дека го прават тоа. Верувам дека тоа го прават со цел да ја зачуваат својата сила за повторно воспоставување одбранбени линии јужно од реката [Дњепар], но тоа останува да се види“, анализираше Мили.

Неговите проценки покажуваат дека на руските сили ќе им биде потребно подолго време за повлекување, како и дека Русија најверојатно има 20.000 до 30.000 војници северно од реката Дњепар во таа област.

„Нема да им требаат ден или два, ќе им требаат денови, а можеби дури и недели за да ги повлечат силите јужно од таа река“, истакна Мили.

Инаку Шојгу вчера, на состанокот со командантот на руските трупи во Украина, армискиот генерал Сергеј Суровикин, рече дека повлекувањето мора да се спроведе што побрзо.

„Животите на рускиот воен персонал се секогаш приоритет за нас. Ние, исто така, мора да ги земеме предвид заканите наметнати врз цивилното население и да се погрижиме сите цивили кои избраа да заминат да можат да го сторат тоа. Исто така, треба да започнеме со повлекување на војниците и да ги превземеме сите неопходни мерки за да се обезбеди преместување на воениот персонал, оружје и опрема на другата страна на Днепар“, изјави Шојгу.

Киев претпазлив на најавата за повлекување

Украинската армија напредува внимателно и без непотребен ризик, рече претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во своето редовно видео обраќање во средата.

„Има многу добри вести во информативниот простор денес – и јасно е зошто. Но, нашите емоции мора да бидат воздржани – секогаш во време на војна. Дефинитивно нема да го хранам непријателот со сите детали од нашите операции. Или на југ, или на исток, или на друго место - кога ќе биде нашиот резултат, сите ќе го видат. Дефинитивно“, истакна Зеленски.

Тој порача дека внимателноста е важна во „интерес на ослободување на целата наша земја - и за да има помалку загуби“.

„Така ќе обезбедиме ослободување на Херсон, Каховка, Доњецк и други градови. Но, ова ќе биде резултат на нашите напори, нашите одбранбени операции. Оние кои моментално се во тек, а кои сè уште се планирани“, рече Зеленски.

Киев реагираше претпазливо на најавата за повлекување, истакнувајќи дека некои руски сили останале во Херсон и дека засилување е испратено во регионот.

Руската воена инвазија на Украина почна на 24 февруари.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG