Достапни линкови

Роднините на загинатите огорчени, вештачењето уште трае, а „Дурмо турс“ си вози


Архивска фотографија, автобус на Дурмо-турс излета од патот

Роднините на загинатите во автобуската несреќата во селото Ласкарци во која загинаа 16 луѓе, се револтирани од правниот систем. Додека една година чекаат на супервештачењето за несреќа од пред четири години, обвинетатата компанија „Дурмо турс“ и натаму превезува патници од Скопје до Гостивар.

По четири години од сообраќајната несреќа во селото Ласкарци во која загинаа 16 луѓе и 37 беа повредени, Силвана, ќерка на една од загинатите во несреќата, седна во автобусот на фирмата „Дурмо турс“. Се возеше на истата рута, од Скопје кон Гостивар, со единствена цел - да види дали работите се сменети на подобро.

„Автобусите се тресеа исто како во трактор да си. Баш бев седната на местото каде што седела мојата мајка и поминав од тоа место за да видам како можело да загине, на тоа место каде што излета автобусот. Автоматски тука нема шанса шоферот да биде единствен виновен за несреќата,“ вели Силвана за Радио Слободна Европа.

Таа е крајно незадоволна и од вештачењето спроведено во судскиот предмет, но и од Судот. Се сомнева во криење на докази и притисоци врз еден од сведоците, кои како што вели таа, си ја повлекол изјавата во процесот која била поврзана со исправноста на автобусот. Револтирана е што Судот дозволил уште на првото рочиште сопственикот на Дурмо Турс да ја префрли сопственоста на неговиот син и да продолжи да вози.

Обвинението беше поднесено уште во јули 2019 година, но предметот остана заглавен во формални процедури во судот.

Обвинети се возачот на автобусот на „Дурмо турс“, сопственикот на фирмата, како и вработени во техничкиот центар на истоимената фирма, затоа што знаеле дека автобусот има неисправни сопирачки, па сепак го пуштале да го помине техничкиот преглед.

Единствената причина поради заглавувањето на предметот цела година, се двете спротивставени вештачења во процесот изнесени од Обвинителството и одбраната, велат од Кривичниот суд кој побарал од Бирото за вештачење и трето „супер вештачење“. Кривичниот суд наредбата за супервештачење ја издаде во ноември, 2021 година.

По точно една година и 10 ургенции на судот, како и последната закана со рок до понеделник да биде исполнето нивното барање за вештачењето, тоа сега е при крај. Барем така вели директорот на Бирото за вештачење и поранешен министер за правда од ДУИ, Валдет Џафери. Но тој за РСЕ не прецизираше кога ќе биде завршено ова вештачење, кое треба да покаже која е причината за несреќата.

Следното рочиште е за само четири дена. Судот веќе се закани со казна од 500 до 1500 евра доколку вештаците не го испочитуваат рокот од 5 декември за достава на нивниот извештај.


Загинатите во оваа собраќајна несреќа се жртви на неправедниот систем, велат нивните роднини. Дел од нив се сомневаат дека пролонгирањето кое настана со супер вештачењето е со цел - заштита на обвинетите. За нив, настраданите не се жртви ниту на несреќата, ниту на судбината, туку на неодговорноста и немањето контрола.

„До денеска требаше да има пресуда, а не да се остава простор за сомнеж. Не сакаме да веруваме дека во позадина на сето ова се политички или не дај боже коруптивни дејанија,“ изјави минатата недела Синиша Ристовски, брат на починатиот Дејан Ристовски.

Професорот и судија Лазар Нанев вели дека е загрижувачко тоа што Бирото за вештачење кое е под капата на Министерството за правда не функционира или во најмала рака навремено не ги исполнува своите законски обврски.

„За тоа мора да постои сериозна одговорност од страна на вештите лица, кои се задолжени да го изготват самото вештачење. Нема никакво, би рекол ослободување на одговорност, или повикување дека станува збор за исклучително сложен и коплексен предмет. Вештите лица мора да ја исполнат обврската во законски утврдениот рок, од аспект на ефикасност и ажурност навремено да го извршат вештачењето“, вели Нанев во интервју за Радио Слободна Европа, кое в целост ќе биде објавено в недела.

Според Законот за кривична постапка во ваква ситуација, кога има спротивставени вештачења, судот може поради недостаток на вешти лица да побара и странски вештаци или стручни институции да го направат вештачењето.


Министерот за правда Никола Тупанчевски минатата недела изјави дека со новиот Предлог закон за вештачење, кој со европско знаменце влезе во редовна собраниска процедура, ќе може да се надминат проблемите со недостаток на вештаци.

„Констатирани се дефектите и јас мислам дека тоа законско решение ќе претставува решавање на сите досегашни наталожени проблеми“, изјави Тупанчевски.

Дотогаш роднините на загинатите и повредените во несреќата во Ласкарци, и натаму ќе чекаат судска разрешница. Следното рочиште е закажано за вторник, 6 декември.

Силвана, чија мајка загина во несреќата нема да присуствува на рочиштето. Вели дека за неа е премногу стресно бидејќи ја потсетува и на несреќата, но и на неправдата која ја чувствува скоро четири години.

„Се потресуваме на секое рочиште. Сепак тоа е тага. Страшно е. Незадоволни сме од правдата“, искрена е Силвана.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG