Достапни линкови

Родителите на руските регрути стравуваат дека синовите ќе бидат испратени во Украина


Вера Попова од Уфа, која е далечна роднина на регрут, држи плакат на кој им кажува на регрутите дека не треба да бидат испратени во области во близина на линијата на фронтот со Украина.
Вера Попова од Уфа, која е далечна роднина на регрут, држи плакат на кој им кажува на регрутите дека не треба да бидат испратени во области во близина на линијата на фронтот со Украина.

Пет месеци по руската војна против Украина, Кремљ сè уште не наредил општа мобилизација за регрутирање војници, но има сè погласни извештаи дека се обидува да ги принуди регрутите да потпишат договори за да можат да бидат испратени на фронт.

Во Башкортостан, руска република лоцирана на околу 1.300 километри источно од Москва, многу родители на регрути поднеле жалби до локалното воено обвинителство, тврдејќи дека нивните синови биле незаконски држени во центар за регрутирање и им било кажано дека ќе бидат испратени во Ростов, руски регион што се граничи со истокот на Украина.

Четири семејства изјавија за РСЕ дека службите за регрутирање во регионот го забрзале и го скратиле процесот на регрутирање, а исто така презеле неочекуван чекор со испраќање регрути од Башкортостан во единиците во Ростов наместо во области кои се далеку од првите линии на фронтот, како што беше претходно.

Зеленски: украинските сили решени да ги „скршат“ офанзивните способности на Москва

Брзата акција и прекршувањето на протоколот остави многу родители да се плашат дека нивните синови би можело да бидат убедени да се пријават како војници со договор и да бидат испратени во Украина.

„Мојот син ненадејно беше однесен во војска, не му дозволија ниту да дипломира право“, изјави за РСЕ Ала Папушова, мајка на Дмитриј Малишев, кој беше регрутиран во актуелниот циклус на регрутирање во Русија.

„Тие рекоа дека ќе биде испратен во Ростовската област утрото на 3 јули, иако првично рекоа дека регрутите ќе бидат испратени да служат во Чељабинската област“, во јужно-централна Русија, во близина на границата со Казахстан“, додаде таа.

Родителите на Дмитриј Малишев, кој беше регрутиран во тековниот воен циклус во Русија.
Родителите на Дмитриј Малишев, кој беше регрутиран во тековниот воен циклус во Русија.

Русија е во процес на регрутирање на пролетната класа, од околу 130.000 мажи на возраст меѓу 18 и 27 години до средината на јули.

Москва не спроведе масовна мобилизација на работоспособни мажи од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, бидејќи официјално не објави дека е во војна.

Според рускиот закон, регрутите не можат да бидат испратени во Украина доколку немаат најмалку четири месеци обука. Кремљ во неколку наврати соопшти дека нема да испраќа регрути во Украина, но има неколку потврдени случаи на нивно испраќање да се борат за време на кампањата.

Како што се зголемува бројот на руските жртви, Москва се повеќе се свртува кон професионалните војници и војниците со договор, како и оние од приватните безбедносни и воени компании, за да ги пополнат своите редови.

Руските центри за регрутирање неодамна ги засилија напорите за реактивирање на резервистите и привлекување нови војници и, наводно, вршат притисок врз регрутите да потпишат договори за распоредување во Украина како професионални војници, и покрај тоа што поминале минимална обука.

„Се плашиме дека ќе биде принуден да потпише договор додека е (во Ростов), а потоа ќе заврши во Украина“, изјави Папушова.

Зголемен притисок врз регрутите


Заедно со родителите на Дмитриј Малишев, други семејства од целиот Башкортостан се обратија до военото обвинителство во Уфа, главниот град на покраината, за да побараат интервенција во врска со состојбата на нивните синови.

Многу од регрутите се исто така студенти и треба да можат да ја одложат воената служба до завршувањето на студиите. Во неколку изјави упатени до канцеларијата до која имала пристап РСЕ, родителите наведуваат дека не се согласуваат со одлуката на комисијата за регрутирање, бидејќи нивните синови доцнеле да бидат регрутирани во војска поради студиите.

Украинските бегалци во Русија ја „губат надежта“

Семејствата на регрутите побараа и да им се дозволи на нивните синови да го напуштат регрутниот центар откако ќе се јават на повикот и да не бидат веднаш распоредени, а да им се даде можност да оспорат каде ќе бидат распоредени.

„Бараме да им се даде можност на нашите синови и внуци да служат на територијата на Башкортостан“, изјави за РСЕ Илшат Рафиков, кој поднесе изјава до обвинителството откако неговиот внук Тимур беше регрутиран и информиран дека ќе биде испратен во Ростов. „Воениот обвинител ни рече дека ќе го покрене ова прашање и ќе го соопшти нашето мислење до воените канцеларии за упис и регистрација.

Вера Попова, која е далечна роднина на еден од регрутите, им се придружи на семејствата во обвинителството и учествуваше на мал протест поради наводното малтретирање на регрутите.

Родителите во Уфа протестираат против испраќањето регрути во Ростовската област што граничи со Украина
Родителите во Уфа протестираат против испраќањето регрути во Ростовската област што граничи со Украина

За време на протестот, присутните семејства бараа воените матичари да им дадат можност на регрутите да потпишат овластувања за нивните роднини да можат да ги застапуваат нивните интереси на суд. Семејствата се обиделе да им предадат и изјави на дежурните офицери упатени до воениот комесар на Башкортостан, но тие првично одбиле да ги примат.

„Додека не ги ставивме рацете на прозорецот и не рековме дека нема да ги отстраниме, дежурните службеници дури и одбиваа да се јават кај надлежните“, изјави Попова за РСЕ.

Присутните роднини на крајот добиле средба со комесарот, каде што на Александар Федоров, чиј син Никита бил регрутиран, му било кажано дека неговиот син сега ќе биде испратен во Владикавказ, град во југоисточна Русија и регионален главен град на Северна Осетија. Федоров за РСЕ изјави дека е задоволен од исходот.

Папушова рече и дека и била ветена промена од Ростов на друго службено место за нејзиниот син, но дека не и било дадено време да поднесе жалба за одложување на службата поради студирањето.

Воениот комесар на канцеларијата на Башкортостан не одговори на прашањата на РСЕ во врска со регрутирањето и побара прашањата за медиумите да се испраќаат по факс или по пошта.

Вил Тухватулин, директор на организацијата За алтернативна државна служба, рече дека претставниците на групата виделе докази за повеќекратно прекршување на законот во центрите за регрутирање во Башкортостан, вклучително и повеќе случаи на обиди да се испратат регрути директно од канцеларијата во нивната единица.

Тој додаде дека верува оти избрзаните акции се резултат на зголемениот политички притисок врз руските региони да ги исполнат агресивните квоти за регрутирање, и покрај се поголемиот број регрути кои не се враќаат во пријавите или воопшто не одговараат на нивните повици.

„Како всушност ќе се развива ситуацијата на лице место, никој не може да каже“, изјави Тухватулин за RSE. „Сите знаат дека веќе има случаи на испраќање регрути да се борат (во Украина).


Западен фронт


Не е познат точниот број на загинати руски војници во Украина. Москва наведе вкупно 1.351 војник убиен на 25 март, но оттогаш не ја ажурира бројката. Украинските и западните воени експерти велат дека Русија претрпе големи загуби во војната, но нивните проценки варираат.

Киев тврди дека загинале повеќе од 35.000 руски војници, додека податоците на НАТО и Британија говорат за бројот на загинати од околу 15.000-20.000 руски војници.

Без разлика на точната бројка, жртвите имаа драстично влијание врз состојбата на руската војска, вели Дара Масикот, висок истражувач во американската тинк-тенк РАНД и поранешен висок аналитичар во Пентагон.

„Краткорочно, очигледно е дека грабаат од каде што можат за да избегнат (целосна) мобилизација“, рече таа за РСЕ. „Мислам дека тоа е прилично лош знак за здравјето на професионалните борбени сили на Русија, бидејќи конфликтот трае веќе пет месеци и тие веќе одат по тој посебен пат за регрутирање војници.

Во коментарите на рускиот претседател Владимир Путин за време на регионалниот самит во Туркменистан на 29 јуни, тој ја бранеше својата таканаречена „специјална воена операција“ во Украина и инсистираше на тоа дека руските сили не брзаат да ја прекинат војната. „Работата се одвива непречено, ритмички“, рече Путин.

Москва тврди дека ја презела контролата врз Луганск во источна Украина

Масикот вели дека и покрај претстојните проблеми со работна сила со кои се соочува руската војска и штетата нанесена од украинските трупи, се чини дека Кремљ сè уште се обидува да ги постигне своите сегашни политички и воени цели во Украина.

„Кога ги гледам различните политички одлуки што ги носат во Русија, мислам дека веруваат дека сè уште можат да ги постигнат своите цели“, рече таа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG