Достапни линкови

Рисима: Скопје танцов театар е пред своето време овде кај нас


Со онлајн прикажувањето на „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, в петок на 9 април во 20 часот, започнува одбележувањето на 10 годишнината на Скопје танцов театар, првата компанија за современ танц во земјава која догодина ќе гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција.

Навидум како вчера да беше, но многу вода протече од првичната возбуда што оди рака под рака со премиерното прикажување на „Меѓусвет“, првата претстава на Скопје танцов театар. Со неа Рисима Рисимкин и младите танчери, ја озваничија работата на првата официјална современа танцова компанија кај нас. Сонот, визијата и пожелуваната авантура на кореографката. Нејзината мисија танцот во Македонија да се издигне на повисоко ниво и да понуди и промовира нова естетика. Да се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц. Да ги следи во чекор случувањата од оваа област во широкиот свет.

И од тогаш, во соработка со Скопје танцовата академија и во последниве безмалку четири години со Универзитетот „Гоце Делчев“, компанијата во континуитет работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Од таму, не случајно навраќањето на виделина ги вади проектите или ако милувате целовечерните продукции како: „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, чија премиера беше лани на фестивалот Охридско лето, „Идентитети“; „Дома“, „Луцидниот Јос“, „Меѓусвет“, „Орландо“; „Човек во ходникот“; „ХОТ“; „Потрага“, серијата представи под име “ИМПУЛС“, потоа “О!(тело), “СМС (сите мои слики), “Блесок“; “Патот“, “Кожа“, “Нулта точка“, „Д.О.Л.“, „Егзистирање“, како и повеќе кратки кореографии. А, покрај претставите на Рисимкин, на репертоарот на Скопје танцов театар беа и дела кореографи како: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван Дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија; Антонело Тудиско од Италија; Јотам Пелед од Израел; Шимон Кубан од Република Чешка и други.

И, згора на тоа особено е важно што Компанијата им овозможи развој на младите уметници, па така на нејзината сцена своето деби го имаа: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Матеа Киселичка, Дора Кокољ, Валентино Апостоловски, Александра Петрушевска, Андријана Андреева... денес веќе познати македонски кореографи на кои им се тесни границите на земјата.

А, кога сме веќе кај гостувањата бележити се астапите на Скопје танцов театар на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, во Хрватска во 2011 година, на саемите за танц во Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија една година подоцна, на ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, „Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, “Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија во 2015, “Share” фестивалот, во Братислава, Словачка (2017 и 2019), „Mariytime Silkroad Festival“ (2017) во Чуанџо, Кина ... Скопје танцовиот театар во 2018 година, со претставата „Кожа“ гостуваше на најзначајниот фестивал за танц во Европа - „Holland Dance Festival“, а во август истата година, го затвори 37-то издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк, САД.

И, тука не е крајот оти во октомври 2018 година Скопје танцовиот театар настапи на Интернационалниот фестивал за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“, а лани имаше настап на „Соло танцовиот фестивал“ во Анкара, Турција, со дел од претставата „Идентитети-Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин.

Како плод на сите овие успеси од првата декада, за 2021 година Скопје танцовиот театар, има покана да гостува во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц.

„Навистина сум возбудена од фактот што Скопје танцов театар постои веќе 10 години и сметам дека она што не донесе до тука денес е големата верба, храбројста и лудилото, посебно истрајноста и упорноста за да успееме да се одржиме цела една декада во една држава која што цело време живее во транзиција, со разни потреси и немири... Мислам дека беше пресудна нашата љубов кон уметноста, кон танцот и од срце им благодарам на сите оние танчери и кореографи кој во овој период поминаа низ програмите и претставите на Скопје танцов театар. Се надевам дека и во иднина ќе има многу многу можности за заеднички соработки, настапи и се разбира мови успеси“, знае да каже Рисима Рисимкин.

Таа и со дополна дека вредело да се вложи толку многу труд, да се добијат многу битки, затоа што Скопје танцов театар продуцираше исклучително успешни проекти, претстави што го освоија светот и што во компанијата израснаа врвни танчери и кореографи.

„Јас сум многу задоволна што Скопје танцов театар во своите први 10 години успеа да отиде на некој од најдобрите фестивали и сцени и мислам дека таа естетика што ние ја понудивме навистина недостасуваше во Македонија. За мене Скопје танцовиот театар е една извонредна творба која на наједноставен начин ја покажа можноста за водење чекор со светот. Сметам дури дека Скопје танцов театар, на некој начин, е пред своето време кај нас. Независно од тоа што современата култура во моментов во земјава и не се практикува на најдобар можен начин. Едноставно, пак ќе кажам, дека Скопје танцов театар со своите програми, со своите претстави, со младоста и ентузијазмот којшто ги покажува, паралелно со квалитетот на изведбите што ги продуцира, покажува дека Македонија може на врвно ниво да се носи со светските танцови сцени. Затоа е многу важно во моментов комплетно да се отворат вратите за современата танцова култура и за современата култура воопшто. Несомнено дека треба поголема подршка оти овој труд којшто е вложен го докажува тоа“, вели Рисима.

А, говорејќи за поканата што Скопје танцов театар ја доби за гостување догодина во Националниот театар Шајо во Париз, Франција, еден од најдобрите и најпрестижните светски театри за современ танц, Рисимкин истакнува дека е воодушевувачка.

Јас сум фрапирана од мошноста дека ние за само една декада, со не многу голема подршка би рекла, успеавме да дојдеме и да чукнеме на некои од најважните светски танцови порти и тие да ни бидат отворени. Ова претстојно гостување нас не позиционира на многу високо ниво и не поставува во плејадата на уметници коишто се со предзнакот најдобри и светски. За мене лично, за Рисима Рисимкин, ова е круна на мојата досегашна кариера. Најголемата желба ми била да успеам моја претстава да се игра на една од најголемите светски сцени и се надевам дека со оваа покана тоа и ќе се случи. Тоа подразбира дека тој мој животен сон се остварува и затоа можам да им пожелам на сите мои студенти, млади современи танчери и кореографи од Македонија, да успеат и да го доживеат тоа и се разбира да исчекор и понатаму доколку има можности, истакнува кореографката.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG