Достапни линкови

Работното време на вработените во градинките поважно од општествената одговорност?


илустрација

Вработените во градинките тврдат дека во состојба на пандемија нема услови за 8 часовен работен ден , како што тоа од нив го бараат инспекциските служби на Министерството за труд и социјална политика. Поради страв од казни, директорите бараат од вработените да седат 8 часа во градинката.

Инсистирањето воспитувачите и негователките во детските градинки да работат 40 часа неделно, односно задолжително 8 часа дневно, за вработените во градинките е незаконско и неправедно, особено во услови на пандемија. И додека министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска деновиве изјави дека од министерството нема испратено допис за промена на работното време на вработените во градинките, од градинките стигнуваат поинакви информации.

Неодамна, една од градинките по претходно извршена контрола, добила решение од секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштитата на децата. Согласно тоа решение изречена е опомена на директорката на градинката да ги отстрани недостатоците во однос на работното време на вработените, односно да им наложи да бидат на работа 8 часа во градинката.

„Се задолжуваат вработените во установата за деца кои се вклучени во системот на згрижување и воспитание на децата, да отпочат со работа со полно работно време од 40 часа неделно, согласно член 67 и член 100 став 3 од Законот за заштита на децата“, се вели во решението од секторот за инспекциски надзор.

За да не сноси последици, директорката носи одлука со која на вработените им наложува наместо како досега по 6 или 7 часа, да бидат во градинките по 8 часа секој работен ден.

За негователките и воспитувачките оваа одлука е тешко остварлива, затоа што во услови на пандемија, во повеќето градинки не постојат ниту просторни, ниту технички можности да се почитуваат протоколите за физичко присуство на сите вработени по толку часа во градинката.

„Во законот за заштита на деца и Колективниот договор јасно си стои 6 до 7 часа работа во група. Останатиот еден или два часа се во друга работна средина, шт значи може и од дома. Особено сега во услови на пандемија. Кога за пауза не смееме да се групираме оти ќе не казнат, а после 13 часот седете по 10 луѓе во една канцеларија. Каде да седиме? Не е во ред јас да седам пред вратата на занималната. Треба да се обезбедат услови за работење на вработените“, се жали воспитувачка од една градинка во Аеродром.

По реакцијата на Синдикатот за образование, наука и култура, министерката Шахпаска деновиве изјави дека нема зголемување на работното време и сѐ е согласно закон како и дека никој не дал насока да се крши тоа право. Таа уверува дека апсолутно се работи според закон и колективен договор.

„Како министерка за труд и социјална политика, одговорно тврдам дека не се работи за никакво кршење на работничките права вклучително и за вработените во градинките. Се работи согласно закон и согласно колективен договор. Нас основна цел во периодот кога целиот свет се соочува со пандемијата со Ковид-19 нас како држава ние да се грижиме за безбеден престој на најмладите во градинките“, изјави министерката.

Три месеци претходно, односно на 9 ти септември, денот кога градинките ги отворија своите врати за децата, Шахпаска изјави дека сите вработени во градинките согласно Законот за работни односи треба да имаат 8 часовен работен ден или 40 часовна работна недела.

Но работното време според законот за работни односи и колективниот договор за овие работнцици не е исто. Согласно колективниот договор, работното време на воспитувачот и негователот според природата на работата, се прераспределува на работно време поминато со децата и останато работно време за други програмски активности, кои вработените вообичаено ги завршуваат од дома. Такви активности се на пример планирањето на наставните содржини, соработка со родители на деца кои сега не се во градинка, поставување содржини на веб страниците, собирање и обезбедување материјали за работа и сл.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков објаснува дека согласно Колективниот договор, работното време е регулирано на 6 часа за воспитувачките и 7 часа за негувателките.

„Ние за оваа проблематика неколку пати разговаравме со министерката за труд и социјална политика. Таа не сака да прифати таква работа и вели должни се да седат 8 часа на работа, а не да работат од дома. Да, се согласувам, нека не работат од дома. Обезбедете им услови во градинката, на секој воспитувач и неговател своите програмски активности да ги организира во градинката, почитувајќи ги протоколите. Сега во ек на пандемија кога се забранува групирање и мешање, сега се доведуваме до ситуација човек да се замисли дека некој свесно ги турка вработените да се заразат“, вели Неделков.

Според него не е хумано да се инсистира воспитувачката или негователката после работа со децата да седи по секоја цена во градинката за да го обработи осмиот час од работниот ден, особено доколку во установата нема соодветни услови за тоа.

Директорите на градинките, како што посочи Неделков, поттикнати од инспекторите од Министерството за труд и социјална политика сега им наложуваат на вработените да седат внатре во градинките. Практично, тие бесцелно седат на работното место, а работата која што дополнително треба да ја извршат повторно мора во домашни услови да ја реализираат, укажува Неделков.

„Ние тврдиме дека инспекторите за надзор кои се постојано на терен и ги посетуваат градинките и минситерката се во тесна корелација и тоа координирано го прават. Таков однос на покажување на сила и моќ кон овие работници кои до вчера имаа убедливо најниски плати од сите е неприфатливо“, вели Неделков.

СОНК бара директорите на установите да ги преиначат решенијата кои ги издале до вработените за да се врати старото работно време од 6 и 7 часа за овој персонал. Исто така, бараат од трудовата инспекција да влезе во градинките, да испита дали имаат безбедни услови за работа и да констатира дали има пишана изјава од директорите за безбедност и здравје при работа и дали се почитуваат протоколите за работа.

Во меѓувреме воспитувачките од некои градинки раскажуваат дека има денови кога се на работа и по 10 часа дневно, а тоа се случува во ситуации кога некоја колешка е во изолација или на боледување, зошто нови вработувања во градинките нема, па постоечкиот персонал се снаоѓа како знае и умее.

Инаку градинките се отворија на 9-ти септември и истите работат според посебни протоколи за заштита од ковид 19. Бројот на децата во групите не е поголем од 15, а дечињата се носат и зимаат во точно определено време. Од министерството за труд и социјална политика велат дека ситуацијата во однос на заразени низ градинките е под контрола и дека строгото почитување на протоколот за превенција и заштита од ширење на вирусот е основен заштитен механизам за безбедни градинки и на вработените и на децата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG