Достапни линкови

Протести - Jајца и тоалетна хартија кон Собранието


Протест пред Собрание
Протест пред Собрание

Голем број граѓани денеска напладне излегоа на протест и кажаа „Не“ за францускиот предлог, додека внатре во Собрание е најавена пленарна седница на оваа тема. Ова е единасетти ден на протести пред Собранието.

Со многу свирежи, јајца кон Собранието и плакати на кои пишува „НЕ“, голема група граѓани излегоа на протест пред македонското Собрание, непосредно пред обраќањето на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен и најавената седница за т.н. француски предлог. На овој начин демонстрантите уште еднаш го искажаа своето незадоволство од предлогот на ЕУ за кревање на бугарското вето за почеток на преговори на земјава за влез во ЕУ, бидејќи сметаат дека задира во македонскиот идентитет и носи бугаризација на Македонија.

Меѓу транспарентите беа „Долу Влада“, „Ние сме Македонци“, „Македонците уште се борат за своите правдини“, но и „Француски предлог“ ставен на импровизирана гилотина пред Собранието.

Дел од присутните извикуваа навредливи коментари кон претседателката на ЕК, Фон Дер Лајен, а беше испишан и голем транспарент со порака до неа на англиски јазик за „Европа да се ослободи од фашистите“.

Пред Собранието пак оставија и повеќе ролни тоалетна хартија, а дел од нив заврши фрлена пред полицајците кои го обезбедуваа Собранието заедно со неколку табли јајца. Дел од демонстрантите ставаа отпечатоци од раце со црвена боја, симболизирајќи крв.

Протестите беа обезбедувани од многу полиција, додека оклопни возила беа донесени пред Собранието, а во повеќе наврати и хеликоптери го надлетуваа законодавниот дом.

Уште ноќеска група граѓани кампуваа пред собраниската зграда револтирани од предложената преговарачка рамка со ЕУ, за која сметаат дека е недостоинствена. Утрово улицата пред Собранието беше целосно блокирана за сообраќај. Од МВР пак соопштија дека за време на како што велат „ненајавените протести“ пред Собранието, затворени за сообраќај се неколку улици, а сообраќајот пренасочен по околните сообраќајници.

Повикот за денешните протести додека пратениците дискутираат за францускиот предлог во Собранието стигна од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои се противат на овој предлог.

Од Собранието, пак, претседателката Фон дер Лајен уверуваше дека со предлогот за кревање на бугарското вето се зачувува македонскиот јазик, а историските прашања не се дел од процесот на преговори.

Денешниот протест е единаесетти по ред против францускиот предлог. Протестите почнаа на 2 јули, две дена откако ЕУ го достави до македонските власти, а вообичаено се одржуваа секој ден во 19 часот, освен во петокот кога незадоволството беше искажано преку блокади во Скопје и на патиштата Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп. Без протест мина само саботата поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам.

Во неколку наврати протестите ескалираа при што беа повредени повеќе полицајци. Според информациите од МВР, од почетокот на протестите против францускиот предлог биле повредени 54 полициски службеници, од кои 11 потешко.

Полицијата ,исто така, во неколку наврати приведе десетици демонстранти. Дел од нив се уапсени за учество во топла, дел за фрлање молотов коктел, а има уапсени и за пукање со пиштол во ек на протестите.

„Европа ве чека“, порача Лајен, а пред Парламентот протести
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00

Инаку Македонија се стекна со статусот земја кандидат за членство во ЕУ уште пред 17 години, ама не можеше да ги почне преговорите поради спорот за името со Грција. Овој спор беше решен со Преспанскиот договор, кога земјава го прифати името Република Северна Македонија, а јазикот остана македонски. Сепак, наместо брз почеток на преговори за ЕУ, како што беше најавено од тогашните власти, блокадата стигна прво од Франција, а потоа се „бетонираше“ со бугарското вето пред 2 години. Бугарија го смета македонскиот јазик за бугарски дијалект, а има проблеми и со повеќе делови од македонската историја. Како можно решение за надминување на овој проблем беше испратен „францускиот предлог“, кој го прифатија сите 27 земји членки на ЕУ, вклучително и Бугарија. Сега се чека тој да биде прифатен и од македонска страна, на што гласно се спотивставуваат демонстрантите.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG