Достапни линкови

Прогресивниот данок ја закочи исплатата на породилното


Пресметката на прогресивниот данок ја отежни исплатата на надоместокот за породилн отсуство и боледување за луѓето кои имаат висок личен доход. Од УЈП признаваат дека имало застој, само негираат дека тој бил три месеци. Децидни се дека проблемот не бил во софтверот.

Со претставки до народен правобранител неколку жени бараат од државата да им ги исплати задоцнетите плати кои треба да ги добијат по основ породилно отсуство. Државата им должи и на луѓе кои се на боледување, а имаат висок личен доход, причината за тоа е воведувањето на новата пресметка на персоналниот данок во Управата за јавни приходи, велат нашите соговорнички кои побараа да останат анонимни плашејќи се да не има последици.

„Се молиме за свои пари, па треба да им објаснувам во банка зошто не можат да им платам долг, а нив не ги интересира дали сум на породилно отсуство и дали ми доцни платата. Некој нас не лаже, само не знам кој, постојано ни велат работиме на проблемот, а плата немам земено за јануари. Еве за некој ден ќе треба да почнат со исплата на мартовската,“ вели триесетгодишна мајка на неколкумесечно бебе.

Ивана Дончевска која е раководител на секторот за регистрација и утврдување на даноци во УЈП вели дека со почетокот на годината се направени неколку промени во софтверот меѓу кои и промена на системот за прогресивно оданочување каде што е и исплатата на породилните боледувања.

„ Генерално застојот не бил три месеци, можеби имал некој одреден застој во делот на прилагодување на софтверските параметри во системот меѓутоа истото за многу пократок рок решено. Мал застој постоеше од страна на Управата но заедно со Фондот за здравствено осигурување успеавме да го надминеме сето тоа,“ вели Дончева.

Но во претставката која е испратена до Народниот правобранител е наведено дека до денеска не им е исплатена јануарската плата. Тие во неколку наврати барале одговори од Фондот зошто се доцни и честопати биле испраќани информации да бараат од други институции.

„Проблемот настанува со воведувањето на прогресивното оданочување, кое инаку е најавено уште од ноември 2018, за кое фондот за здравство ,според мене, требаше уште во тој момент да си направи проверка и прилагодување на системот, но за жал поради неодговорност или нестручност сè уште не го направи. На крајот на денот, законски ми е утврдено правото на надомест, и воопшто не би требало јас да барам објаснувања, ноза жал самата ситуација ме примора на тоа. Би Ве замолила за помош, примарно за исплата на надоместот што се доцни, и дополнително да се поведе одговорност и дисциплинска постапка према оние кои не си ги исполните работните задачи, е наведено во претставката која била испатена до Народниот Правобранител.

Според УЈП, проблемот не бил до софтверот. Од Фондот за здравство пак велат дека ги направиле потребните софтверски измени за пресметка на надоместоците за породилни отсуства и боледувања на осигурените лица со високи плати.

„Истовремено, Фондот за здравствено осигурување и Управата за јавни приходи ги прават последните усогласувања, и добивме ветување дека до крајот на денешниот ден од УЈП ќе добиеме потврден одговор за извршената усогласеност, со што Фондот ќе продолжи со редовната исплата на надоместоците за породилно отсуства и боледување, “ се вели во писмениот одговор од ФЗО.

Но од Фондот не одговорија на прашањата на колку вкупно луѓе им доцни исплатата на надомест за породилно отсуство и за боледување. Според законот за здравствено осигурување, највисоката основица на плата која осигуреник може да ја добие од државата како надомест за породилно отсуство е во износ на 4 просечни плати, односно за 2018 тој просек изнесува 89 893 денари.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG