Достапни линкови

Претставата „ГЛУМиЦИ“ за почеток на новата храбра сезона на АРТОПИЈА


Сцена од претставата „ГЛУМиЦИ“ во продукција на АРТОПИЈА

Работена како интерактивна претстава во која седум актери, или автори, бараат одговори за „носењето на својот крст и верувањето“, овој четврток на сцената во МКЦ по втор пат ќе биде изведена „ГЛУМиЦИ“. Со неа АРТОПИЈА како продукција за еден поинаков бунтовен театар ја почнува својата нова сезона.

Премиерно изведена на 26 декември, во деновите кога сите настани, посебно оние од културата, ја имаа судбината да бидат покриени од пред новогодишната еуфорија и купувањето евтини соништа, „ГЛУМиЦИ“ на АРТОПИЈА, реално речено, своето вистинско крштевање и живот на сцена ќе ги започне в четврток, на 17 февруари. Со нејзината изведба всушност ќе биде отворена и сезоната 2022 на продукцијата која во изминативе шест години не разгали со исклучително храбрата серија претстави во која се: „Да го поздравиш и да ми го бациш“ на Билјана Радиноска, „Експеримент“ на Јане Спасиќ , „Ужегнатост“ работена по текст на Иван Вискочил и со Владимир Милчин како режисер и „Кожурец“ со текст и драматургија на Радиноска и на Верица Недеска. Тука се двата меѓународни проекта „Поетика на срамот“ и „Д Шииит“ работени со партнери од Италија и од Турција, учествата на регионални фестивали и награди ... и најмногу од се* заслужената доверба од публиката.

А, во пресрет на официјално втората изведба на проектот особено е значајно она што неговите автори ќе го забележат во своето обраќање до јавноста, до своите гледачи и собеседници:

Оваа претстава ја сонуваме 10 години. Почнувавме да ја правиме неколку пати. Последниот пат кога почнавме, решивме да не ја завршиме никогаш. Прашање е дали ГЛУМиЦИ е воопшто претстава за глумици или за глумци, за театарот, за сите нас во него или за него во светот, за славата, блесокот, за сето она за што мечтаеме, за страдањето, за носењето на својот крст и верувањето. Можно е да не е. Можно е да не е ни претстава. Можно е да е нешто повеќе. Не знаеме. Не знаеме ни дали никогаш досега не сме го правеле ова или отсекогаш сме го правиле токму ова. Да пробаме заедно, па ќе видиме, стои во нивниот проглас.

А, Кристина Леловац појаснува дека со Симона Спировска „отсекогаш сонувале претстава за глумиците во и вон театарот“. Дека пред повеќе од една декада почнале да го развиваат проектот, тргнувајќи од „промислувањето на професијата, на себеси во неа и на неа во светот - вредностите, традициите, хиерархиите, предрасудите што нè/ја одредуваат“.

Минатата година идејата ја споделивме со колегите од АРТОПИЈА, кои освен колеги со кои одамна се познаваме и соработуваме, ни се блиски пријатели па се согласија со нас да тргнат во нешто сосема непознато, што подразбираше пропрашување на сопствените перспективи за професијата, но и соочување со сопствените караткери, исполнети и неисполнети соништа, разочарувања и гордеења. Заедно, спонатано воспоставивме начела на метод на работа, во кој не си ги зададовме однапред значењата и формата на претставата што ја правиме, ами си дозволивме тие да произлезат од процесот. Ваквата сосема поинаква етика на работа, ослободена од хиерархии, која најмногу се потпираше на нашите меѓусебни односи, нè донесе до нов начин на создавање - низ задоволство, грижа еден за друг, препуштање, искреност, соработка, многу хумор, радикална ранливост, сочувство. Резултатот на ваквиот процес кој никако не може да биде дефинитивен,туку остава простор да се развива со секоја следна изведба, не е театарска претстава, туку 100ина минути искуство на заедништво во сигурен, заеднички простор кој го споделуваме со публиката, исто како и чувствата, размислувањата, искуствата и соништата за театар, но и свет, кој е помалку суров, а повеќе сочувствителен, вели Кристина Леловац.

И, ако тие од разбирливи причини решиле да останат анонимни се до моментот кога ќе се искачат на сцена и ќе ја започнат комуникацијата со присутните, не смее да заборавиме дека во процесот на подготовка на претставата од голема помош им биле ликовниот уметник Ненад Тонкин кој се погрижил за дизајнот на сценскиот простор и пијанистот и композиторот Дино Имери, како автор на оригиналната музика.

А, продуцентот Филип Николовски знае да каже дека втората пандемиска година АРТОПИЈА ја помина активно и продуктивно, реализирајќи две нови театарски продукции. „Кревкоста на сеќавањето“ по текст и режија на Јане Спасиќ и „ГЛУМиЦИ“, колективно авторство на учесниците во проектот. Дека обете претстави беа премиерно прикажани на сцените во Младински културен центар Скопје, каде што деновиве ќе следуваат и нивните репризни прикажувања.

Претставата „ГЛУМиЦИ“ е следна на репертоарот и ќе биде изведена на в четврток на 17 февруари, во 21:00 часот во салата „25 Мај“(поранешна Дансинг сала). Се работи за колективно авторство на седуммина актери, инспирирано од истражувачки процес кој се бавеше со позицијата на актерот/ките во уметнички и социјален контекст. Ова е интерактивна претстава, која комуницира со публиката. Претстава со променлива структура од изведба до изведба. Покрај овие две театарските претстави, АРТОПИЈА учествуваше и во меѓународниот проект „Див човек“, кој се бави со културното наследство на традиционалните карневалски обичаи. Проектот е копродукција на организации од повеќе европски држави, а лидер на проектот е португалската „Култургест“. Финалето на проектот е театарска претстава, чија премиера е закажана во Лисабон, во текот на Март, 2022 година. Секако, не застануваме тука. Очекуваме во периодот кој следи, да се нормализираат условите за работа и да се врати стандардниот капацитет на гледалиштата во изведбените сали, па да имаме можност да продолжиме со работа во полна пареа, истакнува Николовски.

Кон ова само уште информацијата дека претставата е поддржана од Град Скопје и Министерство за култура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG