Достапни линкови

Прелвукај со дела што ги рушат стегите во Национална галерија


Косовската уметница Заке Превлукај на изложбата „Нови правила“ во Чифте амам

„Нови правила“ е насловена изложбата на реномираната косовска уметница и професор на Факултетот за ликовни уметности во Приштина - Заке Прелвукај, што од 18 до 31 мај се одржува во Чифте амам во Националната галерија на Република Северна Македонија.

„Нови правила“ на Заке Прелвукај е изложба која се однесува на актуелното време во кое живееме, новиот свет во кој сме нурнати, несвесно, и на кој, сакале или не, му стануваме поклоници. Тоа е време на брз технолошки развој кој, потхранет со условите на пандемијата во која се наоѓа целиот свет повеќе од една година, од нас создаде верни следбеници кои почнаа да живеат според нови, нормално-ненормални правила.

Ова меѓу другото во својот осврт врз изложбата „Нови правила“ на прочуената косовска авторка Заке Превлукај, што од 18 до 31 мај се одржува во Чифте амам во Националната галерија, ќе го забележи куратортката и виш кустос во Националната галерија - Ана Франговска.

Таа дополнува дека Прелвукај овој клучен дискурс го обработува преку селекцијата на дваесетина дела од своето рецентно творештво во разновидни медиуми, надополнет и со многубројните суштински аспекти на денешното балканско општество (во нејзиниот случај косовското) видени низ призмата на едно критично око, а кои се однесуваат на мошне горливи социо-политички услови на егзистирање и создавање. Нотира дека важен белег за опусот на уметницата е фенимистичката доминанта, со која Прелвукај мошне храбро менаџира, и тоа од почетокот на овој милениум, во годините на поствоена и духовна криза.

Заке Прелвукај ги рушеше правилата дека уметноста е предоминантно машка професија во косовското општество и дека уметноста треба да се занимава со модернистички концепти какви што се естетика и форма. Наспроти тие закостенети правила, таа во своите концептуални дела, уште тогаш, почна гласно да говори за политички теми кои ја преокупираа тогашната транзициска косовска сцена, но индиректно третираше и пошироки регионални проблеми, како демократија, глобализам и Европска Унија. Не се плашеше од стегите на заедницата, не се срамеше од користењето на своето тело, па дури и соблечено, за да изрази особено важни аспекти за дискурсот на жената во нашиот зачаурен балкански катахрезис, пишува Франговска.

Сепак кураторката, заклучува дека и покрај сите опоненции на востановените парадигми, Заке Превлукај со својата позитивна индивидуалност и комуникативност не предизвика скандали во јавноста, умееше да избалансира во комуникацијата со публиката и да ја освои нејзината наклоност. Всушност, како што потенцира Франговска, уметницата остави белег врз развојните насоки на косовската ликовна сцена и со своето творештво, но и со својата едукаторска работа како професор на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, а голем број нејзини студенти израснаа во влијателни фигури на светската ликовна сцена.

А, Заке Прелвукај која својата официјална средба со македонската публика ја имаше на свеченото претставување во Чифте амам, овој вторник на 25 мај, по одржаниот перформанс, со појаснување:

Да создадеш екипа на невидлив отпор како жена од тоа време, значи млада, да срушиш одредени табуа не беше лесно. Но тргнав. Дали ќе изгубам или ќе победам – не ме интересираше многу. Бев согласна другите да не се согласуваат со мене. И кога веќе ја имаш таа мисла пред себе полесно е. Сепак знаев дека еден ден ќе ме бараат, и ќе ми се заблагодарат за перформансите што сум ги направила ...или со одредена смелост...затоа што навистина беше смелост во 1997 година универзитетска професорка на Косово да се појави гола на перформанс и од тоа да направи видео. И кога сето тоа отиде во јавност мислев дека мнозина ќе фрлаат камења врз мене. Малкумина ме разбраа. Но Балканот е таков. Такви би биле реакциите и овде, и во Белград, Загреб ...едноставно таков ни е менталитетот. Сите ми велеа, сега нема ниту еден маж да ти се приближи. Но, таму каде што има ризик, таму сум предизвикана. И таму почнувам да размислувам за тоа дека уметниците отсекогаш биле опозиција на сите зла. Независно од тоа дали станува збор за социјални неправди, во економијата или во начинот на менаџирањето на домот. Што е жената во домот? Јас сум феминистка на реален начин. Сметам дека жената и мажот секогаш треба да претставуваат еден континуитет. Жената не треба да го завземе местото на мажот. Јас не сум се занимавала многу со тие теми. Повеќе со оние кои претпоставуваат одредена смелост било на жената, било на мажот, да направат нешто значајно. Кога чувствуваш дека нешто треба да сториш, кога не убиваш некој... Ние уметниците сме тие кои можеме да насликаме седум срца и да не му наштетиме никому. Не е кај нас како во медицината. Така што сите оние работи што излегле како плод на мојата смелост, на имагинацијата, што сте ги виделе – различните графити, монтажите со карикатури, перформансите...сето тоа било провокација. Човек секогаш чува нешто за себе, ќе рече уметницата Прелвукај.

Заке Прелвукај дипломирала сликарство во 1991 година, на Факултетот за уметности во Приштина, во класата на проф. Нусрет Салихамиџиќ. Во 1993 година започнала да работи како предавач по предметот Монументално сликарство. Во 1997 година магистрирала сликарство, во класата на проф. Муслим Мулиќи. Три години подоцна почнала да ја води класата сликарствона тамошната Ликовна академија, како вонреден професор. Во 2010 година се стекнала со титулата редовен професор по сликарство. Одвреме-навреме предава на факултети и културни институции во различни земји.

Посебно место во нејзината творечка и едукативна кариера завзема предавањето во Диксмујд (Белгија), во Музејот на мирот – најголемиот музеј во Европа, каде што говорела пред европските пратеници и сенатори и многу други гости, на тема Политика и уметност.

Заке Прелвукај се занимава и со ликовна критика, нејзините осврти и рецензии биле објавувани во неколку локални весници. Со уметничката асоцијација „Нов Балкан“ реализирала проекти во земјата и странство, како: мурали, мозаици, јавна уметност, изложби, дебати итн. Веќе неколку години е дел од реализацијата на „Куќата на уметниците“. Многу нејзини дела се во сопственост на познати светски личности, а некои се дел од колекцијата на Националниот музеј на жени во уметноста во Вашингтон, единствена од ваков вид во светот.

Нејзините дела се, исто така, привилегија на колекцијата на галеријата NWG во Кембриџ, Велика Британија и на Националната галерија на Косово.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG