Достапни линкови

Самоопределување со најмногу гласови на косовските избори


Косово- поддржувачите на Самоопределуање ја прославуваат изборната победа, 14.02.2021

Според податоците на Централната изборна комисија на Косово која преброи повеќе од 50 отсто од гласовите на предвремените парламентарни избори кои се одржаа денеска во убедливо водство е Самоопределување на Албин Курти.

Движењето Самоопределување, покажуваат резултатите освоило над 48 отсто од гласовите, а потоа следи Демократската партија на Косово со 18, 17 отсто, а на трето место е Демократскиот сојуз на Косово со 13, 65 отсто.
Од Самоопределување вечерва побараа од граѓаните да не се собираат на јавни места да ја слават победата и да останат дома и поради пандемијата со коронавирусот, но и поради студенето време.

Алијансата за иднината на Косово доби 7, 85 отсто од гласовите. Нејзиниот лидер Рамуш Харадинај веднаш по завршувањето на гласањето, на прес конференција, заклучи дека Движењето Самоопределување ќе биде победник на изборите, а што се однесува до неговата партија прогнозираше дека ќе освои околу десет отсто од гласовите.

Српската листа, пак, според овие првични резултати освоила 3,90 отсто од пребројаните гласови. Претседателот на Српската листа Горан Ракиќ рече дека според првичните резултати тие ги освоиле сите десет мандати во косовското собрание кои се резервирани за српската заедница.
Излезноста на изборите е 44, 51 отсто.

Инаку, вкупно 28 политички ентитети се натпреварува на денешните избори, односно 21 политичка партија, две коалиции, пет граѓански иницијативи, а сите заедно имаат вкупно 1052 кандидати кои ќе се обидат да добијат место во парламентот кој има 120 членови. Повеќе од 43 000 косовски државјани кои живеат во странство пристигнаа на гласање.

Изборите ги следеа околу 30 000 набљудувачи кои се акредитирани кај изборната администрација. Поради пандемијата со коронавирусот граѓаните мораа да носат маски на избирачките места и да држат два метра дистанца. Централната изборна комисија со своите мобилни тимови исто така им овозможи на гласачите кои се заразени со ковид19 да го исполнат своето гласачко право.

Вонредни избори на Косово - гласање
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:53 0:00

Овие избори се петти од независноста на Косово. До нив дојде по одлуката на претседателката Вјоса Османи да ги распише откако Уставниот суд донесе одлука дека гласањето во парламентот за формирањето на новата влада во јуни минатата година било неуставно.

Судот на 21 декември донесе одлука дека изборот на премиерот Авдула Хоти од Демократската лига на Косово било неуставно поради тоа што еден пратеник кој гласал за новата влада претходно бил во затвор.

И предизборните анкети покажуваа предност на движењето Самоопределување и победа со освоени од 40 до 50 отсто од гласовите. Претходно, коалициската влада предводена од лидерот на движењето Албин Курти беше само два месеца на позицијата откако и беше изгласана недоверба поради неснаоѓање со пандемијата со Ковид19. Курти доби поддршка главно на ветувањата за борба со широко распространетата корупција и на позицијата дека не треба да има компромис во дијалогот со Србија, која ја изгуби контролата врз Косово во 1999 година.

Изгледите за дијалог со Србија по изборите во Косово

Инаку, економската состојба во земјата е доста лоша, па околу една четвртина од косовската работна сила се невработени, а Светска банка оцени дека пандемијата со коронавирусот го забавило растот на земјата за 4,5 отсто.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG