Достапни линкови

Први разговори меѓу САД и Иран - во ист град, но не и во иста соба


Полицајци пред хотелот Империјал каде што престојува делегација од Иран во Виена, 6 април 2021 година
Полицајци пред хотелот Империјал каде што престојува делегација од Иран во Виена, 6 април 2021 година

Во Виена обид за заживување на договорот за зауздување на иранската нуклеарна програма што САД го напуштија за време на претседателот Доналд Трамп. Вашингтон и Техеран сега се караат околу тоа кој треба да го направи првиот чекор.

Американскиот Стејт департмент ги намали очекувањата од индиректните разговори во Виена меѓу Вашингтон и Техеран за продолжување на усогласеноста со нуклеарниот договор од 2015 година, наведувајќи дека очекува разговорите да бидат тешки.

„Не го потценуваме размерот на предизвиците што претстојат. Не очекуваме непосреден чекор напред, бидејќи овие дискусии ќе бидат тешки“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на неговиот редовен брифинг.

Тој повтори дека Соединетите држави се подготвени на укинување на санкциите - но само на оние поврзани со нуклеарното прашање. Осврнувајќи се на текстот на договорот, Прајс рече:

„Оригиналната формулација е онаа што важи и денес - тоа е ограничено укинување на нуклеарните санкции за возврат на трајни и проверливи граници за иранската нуклеарна програма“.

Техеран ги отфрли билатералните разговори лице в лице, но присуството и на Иран и на САД во главниот град на Австрија е поздравено од Вашингтон како „здрав чекор напред“ кој ќе помогне да се насочат напорите за враќање на сите страни во согласност со договор.

Целта е да се постигне договор во рок од два месеца, изјави деновиве претставник на Европската унија која е координатор на средбата.

ИАЕА: Иран го крши нуклеарниот договор

Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, се повлече од нуклеарниот пакт во 2018 година и повторно воведе санкции за Иран, предизвикувајќи го да прекрши некои од нуклеарните ограничувања на договорот.

Неговиот наследник Џо Бајден сака да го заживее договорот, но Вашингтон и Техеран се скараа околу тоа кој треба да го направи првиот чекор.

„Иран и САД ќе бидат во ист град, но не и во иста просторија“, рече еден европски дипломат.

„Секако очекуваме примарните прашања што ќе се дискутираат во текот на следните денови да бидат нуклеарните чекори што Иран треба да ги преземе за да се врати во согласност со условите на договорот“, изјави деновиве портпаролот на Белата куќа Џен Псаки.

Таа додаде дека американската страна останува отворена и за директни разговори со Иран.

Специјалниот пратеник на САД за Иран, Роб Мали ќе ја предводи американската делегација, а на разговорите ќе учествуваат и дипломатите од другите земји што го потпишаа договорот - Британија, Кина, Франција, Германија и Русија.

Четирите нуклеарни сили плус Германија, т.н. 4 + 1, се желни да видат враќање на Соединетите држави, но остануваат технички и политички предизвици за сите страни кои можат лесно да го спречат секој напредок.

Иран ги ограничи меѓународните инспекции на нуклеарните постројки

Иран сака Соединетите држави да ги укинат сите санкции и отфрлија секакво „чекор по чекор“ олеснување на ограничувањата.

„Имаме само еден чекор, не чекор по чекор, а тој вклучува укинување на сите санкции на САД“, рече вчера во Техеран портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзаде.

Тој додаде дека експертите од иранската делегација ќе објаснат како Иран планира „да ги запре неговите мерки“, порачувајќи: „Тоа дали агендата ќе донесе резултат „зависи од Европејците кои треба да ги потсетат САД на нивните обврски од договорот“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG