Достапни линкови

Првиот ревизор не смее да биде предмет на политички консензус


Според експертите државата не смее да дозволи институцијата која е главен контролор на трошењето на парите на институциите и власта да биде „обезглавена“ речиси две години. Додаваат дека изборот на оваа функција не треба да се сведе на политичка одлука

Речиси две години институцијата која е чувар на јавните пари и го контролира трошењето на парите функционира, но без директор, кој пак има голема моќ и овластувања. Државниот завод за ревизија има заменик директор, но директорското место остана празно откако политичките претставници во собраниската комисија за избори и именувања не успеаја да го изберат најсоодветниот кандидат за таа позиција. Економските аналитичари велат дека тоа што оваа институција нема долго време прв човек влијае на екипираноста, напредокот во реформите и внатрешната организација внатре во Заводот.

„Мојата забелешка е на политичкиот фокус на поставување на човек на вака важна институција. Изборот на ваквите места не смее да биде предмет на политичка одлука. Ниту една политичка елита не смее да си дозволи да остави без прв човек институција која може да придонесе и кон заштеда и кон ефикасност и кон собирање на повеќе пари во буџетот“, вели универзитетскиот професор Борче Треновски.

И според поранешниот член на Антикорупциската комисија, Ариф Муса недозволиво е една држава да нема главен државен ревизор.

„Не смее во ниту еден момент, а не пак скоро две години да нема директор на оваа институција. Таа барем до овој момент е една од најреспектабилните и неполитизирани институции. Таму нема место за политичко лице. Таму треба професионалец со високи морални вредности кој ќе ја раководи институцијата“, вели Муса.

Но, сомневањата во јавноста дека додека не се избере Главен државен ревизор може да се овозможи и незаконско работење во Заводот за ревизија, нашите соговорници ги негираат, објаснувајќи дека таму постои хиерархија и организациска поставеност, како и годишен план за работа кој фукционира.

Она на што укажува професорот Треневски пак, е екипираноста и зголемувањето на капацитетите на оваа институција.

„Многу мал дел и од јавните институции и од министерствата се предмет на ревизија на ДЗР. Се уште постои недостаток дури и во транспарентноста на постапката како се одбираат институциите кои ќе бидат предмет на ревизија. Уште позагрижувачка е состојбата со последните случувања на локално ниво, општините и неефикасното трошење на дел од средствата на локално ниво, имајќи предвид дека максимум пет општини се предмет на ревизија секоја година од ДЗР, поради недостатокот на капацитет. Има општини кои никогаш не биле предмет на ревизија“, посочува професорот Треновски.

Уште во декември 2017 година Собранието го објави огласот за нов Главен државен ревизор на кој се пријавиле 12 кандидати, но и по неколку обиди досега ниту еден не е избран на раководната позиција. ДЗР овој период ја води заменикот Насер Адеми, кој е и еден од пријавените на огласот. Опозицијата бара првиот човек на државната ревизија да биде предложен од партија која е во опозиција и таквото решение во иднина да се преточи во закон.

Годишен извештај на Државен завод за ревизија
Годишен извештај на Државен завод за ревизија

Ревизијата е еден од условите за членство во Европската Унија бидејќи оваа институција е главна алатка на Собранието за контрола во трошењето на парите на сите државни институции и на владата.

Во последниот извештај за 2018 година се наведува дека ДЗР има поднесено 21 случај до Јавното обвинителство за незаконско трошење на народните пари од страна државни институции и 2 до Комисијата за спречување на корупцијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG