Достапни линкови

Прајснеровиот „Реквием за мојот пријател“ - премиерно во Филхармонија


Летокот за премиерната изведба на „Реквием за мојот пријател“ на Збигњев Прајснер во Филхармонија

Оркестарот на Филхармонија, под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, овој четврток, на 24 февруари во 20 часот, премиерно ќе го изведе „Реквием за мојот пријател“ на славниот полски композитор Збигњев Прајснер, посветен на режисерот Кшиптоф Кишловски.

По исклучително шармантниот „Француски бакнеж“ на АНА КАП ТРИО со Оливие Самулиан на виола, пејачката Бети Жарден и Џијан Емин како диригент, а потем и четвртото издание од серијата камерни програми „Филхармонија за Филхармонија“, во нашата национална установа уште еден концерт што заслужува посебно внимание. Слично како оној на кој под раководство на маестро Паскал Галоа по прв пат кај нас беше изведена „Музика за 18 музичари“, најпопуларното ако не и најважното дело на американскиот композитор и минималист Стив Рајх.

А, во случајов, в четврток на 24 февруари во 20 часот, нецели четири години откако пијанистката Дуња Иванова на филмски фестивал во Прилеп свиреше дела одбрани од славниот полски композитор, ќе ни се случи премиерната изведба на „Реквием за мојот пријател“ на Збигњев Прајснер, посветен на неговиот филмски собеседник и режисер Кшиптоф Кишловски. Со Оркестарот на Филхармонија ќе раководи стариот познаник Емил Табаков од соседна Бугарија, а како солисти ќе настапат оперските пејачи Билјана Јосифов, Енди Шен Лиу (Кина/Англија), Бојан Булатовиќ (Србија), Ѓорѓи Цуцковски и Александар Стефаноски. Зад оргулите ќе биде Золтан Борбељ од Србија, соло блок флејта ќе свири Каролина Бетер (Германија/Србија), а во оваа пригода повторно ќе ги видиме и чуеме и членовите на македонскиот мешан хор „Про-Арс“, кој работи под диригентство на маестро Сашо Татарчески.

Роден 1955 година Збигњев Прајснер е еден од водечките европски композитори на филмска музика, и еден од најзначајните во неговата генерација. Неговото име е тесно поврзано со она на легендарниот полски режисер Кшиштоф Кишловски, посебно како автор на музиката во неговите класични филмски остварувања како „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава.

Токму за него, за својот уметнички собеседник, Кишловски го пишува „Реквием за мојот пријател“, првото поголемо негово дело што како носач на звук излегува во 1998 година за „Ворнер класикс“. Истата година делото ја доживува и својата светска премиера во Варшава, за да подоцна биде реобјавено на компакт диск и на винилна плоча од издавачката куќа „Сони Поланд“.

Инаку, како што ќе забележат проследувачите „Реквием за мојот пријател“ е творба напишана во девет става. Типичен е за музичкиот стил на Прајснер, полн е со експресивни вибрата, а во него се употребени и мал машки хор, гудачки квартет, органа и перкусии. Вториот дел е спротивен на првиот, помасовен е во употребата на музичките инструменти и тука Прајснер посега по голем оркестар и голем хор за да ја пренесе својата авторска и тонска визија.

Збигнев Прајнер многупати знае да каже дека неговата музика е нешто што лебди околу „граничната линија“. Дека не е ниту филмска музика, ниту класична. Нешто помеѓу.

- Создавам креации, правам креативна музика. Во „Реквиемот“ зедов голем дел од аспектите кои се типични за мојата филмска музика. Мојата музика има имиња, наслови кои ја дефинираат – „Тишина“, „Мир“... „Живот“ е приказна за нашето постоење, за она што поминало и она што допрва доаѓа. Размислувам и за смртта, за мене е важно прашањето „како да живееме и да умреме достоинствено?“ – ќе рече во една прилика Прајснер.

Прајснер, првиот дел од „Реквиемот“ го напишал додека Кишловски лежел во болница, на смртна постела.

Имаше операција на срцето и се шегуваше што ќе направи кога ќе излезе од болница. Но, никогаш не излезе. Напишав музика и за неговиот погреб, само за органа и глас. Тој дел подоцна го додадов во „Реквием за мојот пријател“. Финалниот дел е молитва за надеж, молитва за сила да продолжи животот. Делото е многу лично. Преку музиката, јас барам сила за да продолжам да живеам и во една таква болна состојба. Во мојот живот имав малку луѓе со кои сакав да го минувам времето. Еден од нив беше Кшиштоф. „Реквиемот“ е молитва, но и барање, вакво пријателство да ми се повтори барем уште еднаш во животот – објаснува Прајснер.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG