Достапни линкови

Прашањето на идентитетот во фокусот на канадските и македонските уметници


Плакатот за изложбата FLUX IDENTITY што ќе се одржи во Чифте амам, во Национална галерија
Плакатот за изложбата FLUX IDENTITY што ќе се одржи во Чифте амам, во Национална галерија

Во Чифте амам, во Национална галерија, од 10 до 26 февруари ќе се одржи изложбата FLUX IDENTITY, на која динамичен дијалог на тема идентитет и неговата разновидност водат уметници од Канада и од Македонија. Автор на проектот и куратор е Светлана Младенов од „Визарт“ - Нови Сад.

По едногодишното одложување на меѓународните проекти предизвикано од светската пандемија и мерките за превенција и заштита од Ковид-19, Национална галерија на Република Северна Македонија нанов ги отвора портите за интернационалните уметници. А Бесник и Флутура Хаџилари или поточно Two Gullivers, Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перунович, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ од Канада и нашите Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски и Шќипе Мехмети се уметниците чии дела ќе бидат претставени на изложбата FLUX IDENTITY, што од 10 до 26 февруари ќе се одржи во објектот Чифте амам. Со проектот чиј автор и куратор е Светлана Младенов од „Визарт“ - Нови Сад, стручен соработник Весна Перуновиќ, а кустос-соработник од Националната галерија Ана Франговска, на виделина е изваден динамичниот дијалог на тема идентитет и неговата разновидност што го водат овие респектирани творци.

Садко Хаџихасановиќ

Тие, како што ќе биде забележано од авторите и организаторите на поставката, се фокусирани „на темата за идентитетот, разбрана во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, бидејќи денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен, туку како распарчен и раскршен, флуиден и пропустлив. Идентитетот е постојано во процес на промена и трансформација. Во денешно време, постојаните движења и миграции на населението, како и животот во имиграција, го прават потеклото на поединецот и неговата автентичност веќе нестабилни концепти. Доаѓајќи во ново опкружување, едно лице носи со себе специфичен културен идентитет што се вкрстува и се меша со различни идентитети на новата социјална заедница. И така, се создава симбиоза на различности“.

Од таму во рамките на проектот FLUX IDENTITY, како што е забележано „идентитетот ќе се разгледува од различна почетна перцепција: национална, етничка, лична, полова, економска, културна, технолошка, социолошка, антрополошка, етнолошка, верска, визуелна, професионална, дигитална, корпоративна, звучна, семејна, социјална, вредносна и слично“.

Коко Гузман

Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата FLUX IDENTITY. Тие ги развиваат своите уметнички концепти движејќи се низ проширено поле на уметност, инкорпорирајќи го во него нивниот личен дискурс, искуствената визија, различните уметнички процедури и процеси. Нивната уметничка практика се реализира преку просторни, мултимедијални и интерактивни инсталации, цртање, перформанси, видео, фотографија и дигитална уметност, се вели во соопштението за поставката.

„Сакав да направам еден дијалог на уметниците од Канада со оние од овој наш регион... од Србија, Македонија и од Црна Гора. Зошто токму со нив? Затоа што прашањето на идентитетот кое денес е многу актуелно има многу допирни точки помеѓу нас и нив, односно помеѓу земјите од Регионов и помеѓу Канада. Канада може да ни послужи како пример со оглед на тоа дека таму исклучително многу нации и многу луѓе бегалци од светот кои дошле и кои својата нова татковина ја нашле токму во таа земја. И притоа со голема толеранција меѓу сите дојденци што и нам овде и тоа како би ни било потребно. Значи, Канада е примерот кој и ние овде можеби би можеле да го следиме.

Токму и затоа што прашањето на идентитетот е толку актуелно за нас и што ние мораме да се справуваме со тие проблеми врзани со идентитетот, а знаеме дека идентитетот не е денес ништо стабилно туку дека се менува, флуиден е, пропустлив... и зависи од условите и од бројни други чинители од контекстот во кој личноста ќе се затекне и ќе се најде. Просто од судбината“, вели авторката на проектот Светлана Младенов.

Стјуарт Рид

Таа и со појаснување дека проектот е планирано да трае неколку години. Дека почнал во Нови Сад со изложба на која со канадските дијалог воделе уметниците од Србија.

„Продолжуваме со оваа изложба во скопскиот Чифте амам на која за жал, поради светската пандемија и отежнатите услови за патување, не беше можно да присуствуваат уметниците од Канада и да биде изведен оној перформанс што го замисливме. Следната станица веројатно ќе биде Црна Гора, по што би сакале завршната FLUX IDENTITY да се случи во Белград и на неа учество да земат сите уметници учесници на изложбата од трите земји од регионов и од Канада“, истакнува авторката Младенов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG