Достапни линкови

Помилувања преку Иванов со политички договор?


Архивска фотографија- Претседателот на Ѓорге Иванов на своето годишно обраќање во Собранието

По потврдата од Кабинетот на претседателот на информацијата дека до него се стигнати барања за помилувања за случајот 27 април, правниците имаат дилема дали тој може да го стори тоа. Политичкиот аналитичари пак сметаат дека е можен и политички пазар.

Правните експерти не заземаат цврста позиција дали претседателот Ѓорге Иванов има право да ги помилува осудените во случајот 27 април. Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј, вели дека постојат две толкувања во јавноста поврзани со членот 11 од Законот за помилување.

Имено, според член 11, “Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со законот кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано”.

Овој член беше тргнат од Законот за помилување со измените во 2009 година. Но, Уставниот суд во 2016 година, одлучи да ги укине тие измени на законот со образложение дека со него “се ограничува уставното право на претседателот да помилува”.

Различни ставови за членот 11

Некои правни експерти, сметаат дека по одлуката на судот, практично овој член е автоматски вратен во законот и со него би му се овозможило на претседателот да помилува и сега. Но други, пак, тврдат дека одлуката на Уставен суд не значи автоматски дека членот е вратен, бидејќи според нив, со одлуката не може да врати норма, туку само да укине.

„Според толкувањето на Уставниот суд од неговата практика и одлуки излегува дека претседателот може да помилува и тој член кој му дава за право без посебна процедура и по негово убедување да помилува е во сила. Но, според теоретичарите, од кои според мене најзначен е професорот Светомир Шкариќ, не може бидејќи тој член не може да се врати”, вели Калајџиев.

Ако претседателот одлучи да се повика на членот 11, тогаш не е потребно постапката да оди преку Министерството за правда и во тој случај не може да се смета дека Законот за избори, за кои кампањата е во тек, би бил пречка, велат упатените.

Ќе има ли политички пазар?

Во меѓувреме, додека постојат различни толкувања во правната фела, се поставува прашањето дали политичарите може да ги користат правните недоречености за политички пазарења. Дополнително, ова се случува и во период во кој се преговара иднината на Специјалното јавно обвинителство, кое е услов за македонскиот напредок во Европската Унија, а за него е неопходна поддршката од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири потсетува дека веќе државата имаше искуство со амнестија за случувањата токму за 27 април, а поврзано со уставните измени за името.

„Никого не би требало да изненади ако Иванов се одлучи да ги помилува осудените за 27 април и мислам дека сепак на крајот ќе се сведе на политички договор меѓу главните политички чинители во земјата, а жртва на тој политички договор, секако, ќе биде правдата и правната држава”, вели Незири.

Политичарите, пак, веќе почнаа со позиционирања за ова прашање. Премиерот Зоран Заев вели дека законски не е можно претседателот да ги помилува осудените, а со исто тврдење е и министерката за правда Рената Дескоска.

Во случајот познат како крвавиот четврток 16 луѓе добија вкупно 211 години казна затвор. Највисока од 18 години ја доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, а другите беа осудени од осум до 15 години затвор.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG