Достапни линкови

Ние сме „момци за сè“, вели првата жена пожарникар во Македонија


Противпожарна служба

Последното истражување на Центарот за граѓански комуникации покажа дека недостигот од кадар и застарените возила се главните проблеми со кои се соочуваат пожарникарите во земјава. Пожарникарката Билјана Денчовска вели дека и покрај предизвиците, успешно се справуваат со секоја интрвенција.

Повеќе од 16 години, Билјана Денчовска од Скопје работниот ден го започнува во Противпожарната бригада на град Скопје. Работната униформа која со себе носи голема одговорност, тешките чизми, заштитниот шлем, се дел од нејзината секојдневна рутина.

Денчовска е првата жена пожарникарка која се вработила во Противпожарната бригада на главниот град. Денеска има уште една колешка. Горда е што токму оваа професија која во македонското општество се уште се смета за машка, ја одбрала за своја вокација.

„Мојот ден од сабајле до вечер е исполнет со предизвици. Ние сме постојано на штрек зошто не знаеме кога каде и како ќе избие каква било интервенција, дали ќе се работи за пожар, за давеник, за сообраќајна несреќа, не е важно. Ние сме тие што треба да одговорат на предизвикот, ние сме тие што треба да ги спасиме луѓето во дадена ситуација, всушност ние сме „момци за сè“, вели Денчовска.

За професионално извршување на задачите, Денчовска вели дека ја имаат потребната униформа, иако повеќето од возилата кои ги видовме во возниот парк се застарени.

„Личната опрема ја имаме комплетно и таа ни е нова. Опремени сме од глава до пети, со шлем, со чизма, со јакни, со панталони. Што се однесува до возилата пак, некои се понови, а некои се постари, не сум јас таа што треба да каже за нив, но тоа што можам да го кажам е дека ние одговараме на секој предизвик и одлично си ја завршуваме секоја задача и секоја интервенција е успешно завршена“, вели Денчовска во разговор за Радио Слободна Европа.

Пожарникарката Денчовска: Горда сум на униформата што ја носам
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

Недостигаат пожарникари, возилата се стари и по триесеттина години

Македонија има 30 територијални противпожарни единици во земјава. Последното истражување на Центарот за граѓански комуникации покажа дека ним им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Од сите 30 единици, само 4 имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум, додека шест единици имаат колку минимумот.

Најмногу пожарникари или повеќе од 200, му недостигаат на Скопје. Во Тетово недостигаат 65 пожарникари, а Гостиварската станица работи со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Во Куманово недостигаат 49 пожарникари, во Битола има кусок од 32, а во Прилеп има недостиг од 26 пожарникари.

Во однос на возилата пак, истражувањето покажува дека противпожарните единици располагаат вкупно со 241 возило, каде спаѓаат не само возилата за гасење пожар и цистерните за вода, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на возилата е 28 години, a 68 % од нив се од минатиот век.

За споредба, ланското истражување на Центарот за граѓански комуникации покажа дека тогаш имало 220 возила, просечно стари 27 години. Во изминатата година, со нови возила се стекнале само противпожарните единици во Прилеп (две нови возила од 2019 година) и во Демир Хисар (едно возило од 2017 година). Најстари возила имаат Кратово и Делчево, најнови Велес и Демир Хисар. Инаку, најмалку противпожарни возила во земјава има единицата во Македонски Брод, само две, додека по три возила имаат единиците во Демир Хисар, Берово и Делчево.

Најстари возила, во просек 35 години и натаму има противпожарната единица во Кратово, која од лани до сега го проширила возниот парк, но сепак со стари возила. Со истата просечна старост на возилата од 35 години е и противпожарната единица од Делчево, а веднаш зад нив на третото место според просечната старост на возилата е Струмица, со 33 години.

Според Законот за пожарникарство, минималниот број на професионални пожарникари во противпожарните единици е различен. Законот определува дека утврдениот број на професионални пожарникари на противпожарните единици се зголемува соодветно на бројот на жителите на соседните општини кои ги покрива формираната единица. Така на пример:

- во општините до 10.000 жители - девет професионални пожарникари,

- во општините од 10.000 до 15.000 жители - 13 професионални пожарникари,

- во општините од 15.000 до 24.000 жители - 17 професионални пожарникари

- во општините со над 24 000 жители - еден професионален пожарникар на 1.500 жители.

Од Град Скопје велат дека со буџетот за 2020 година се предвидени повеќе средства кои ќе бидат наменети за потребите на пожарникарите. Од таму ни изјавија дека град Скопје со 22,6 милиони денари ќе набавува нови униформи, ЛЗО интервентни одела и одела за техничка интервенција и шумски пожари, како и зимски обувки за пожарникарите.

Но, проблемот со опременоста на нашите противпожарни единици е долгогодишен. За него зборуваше и директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку во интервју за нашето радио пред неколку месеци. Тој тогаш изјави дека решенијата за модернизација на протипожарните единици треба да се бараат во рецентрализирање на протипожарните единици кои се во надлежност на локалната самоуправа, во една команда како што било во минатото или државата да обезбеди повеќе средства за општините, односно со законски измени за нив да се обезбеди поголем процент од ДДВ-то.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG