Достапни линкови

Плачот на децата од домовите стивнува во згрижувачките семејства


Репортажа: со љубов против предрасудите
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:28 0:00

Репортажа: со љубов против предрасудите

Деца со забавување во развојот кои се сместени во згрижувачки семејства ги загреваат срцата кај луѓето. Некои семејства им пружаат љубов и посветеност толку мајчински и се надеваат дека еден ден ќе им станат вистинско семејство. Засега пречка е постојната законска регулатива.

„Иван од домот во Битола го земавме во многу тешка состојба. Цели ноќи плачеше, врескање, непроспиени ноќи, не сакаше да легне, седеше на кревет, така заспиваше со прсти во уста, имаше голем страв, вели Ана Илоска во чиј дом е сместен тригодишниот Иван.

Непроспиените ноќи на семејството Илиоски од Скопје и нивната искрена родителска љубов и големи напори беа причина малиот Иван кој има заостанување во развојот да се почувствува сакано и долгите ноќни плачења да ги замени со детски прегратки кон овие луѓе. До својата втора година тој бил сместен во дом во Битола, а од пред една година откако станале негово згрижувачко семејство тие направиле се да ги замолчат плачењата во ноќите на Иван.

Ана вели дека овие деца имаат голема потреба од љубов и грижа и посветеност, но оти знаат да возратат многу повеќе.

„Кога го донесовме дома тој не го поминуваше прагот, не сакаше да влезе од просторија во просторија и со сопругата лазевме, правевме се и сешто за да дојде до нас за да го гушнеме. Не знаеше лажица да држи, не знаеше да се напие сок или вода, не знаеше да ни каже ништо, имаше голема траума“, се присетува Ана.

Тие се уште го носат Иван на лекарски прегледи, но и во градинка каде децата се дружат со него и го покануваат на родендени и тие доаѓаат кај него. Но, и понатаму постои стигма кон Иван од некои луѓе од околината. Ана вели дека некои лекари се сомневаат оти Иван има аутизам и тоа може да се должи на трауми во минатото кој може да се надминат.

Невидливите ѕидови меѓу децата и околината

Семејствата кои имаат лица со забавување во развојот водат двојна битка. Да им помогнат на децата да излезат од својот свет, нудејќи им многу грижа, но и да ги срушат невидливите ѕидови надвор кои ги создаваат предрасудите за различностите.

Чекорите на деинституционализација со кои децата од домовите беа преместени во мали домови или згрижувачки семејства беа пречекани на нож во јавноста, а пример за тоа е случајот „Тимјаник“ од пред две години, кога жители на неготинското село протестираа поради отворање на мал дом за деца со попреченост.

Од Министерство за Труд и социјална политика велат дека и натаму потребни се поголеми кампањи за подигање на свеста на луѓето дека децата излезени од институциите со мала поддршка даваат големи резултати.

„Македонија е земја полна со предрасуди. И во услови кога згрижуваме деца во локалната самоуправа има реакции од комшите околу дека не се навикнати да гледаат такви деца, а тоа се деца кои немале шанса да направат повеќе во својот живот и биле запоставени од семејството и општеството и со мала подршка даваат одлични резултати“, вели Душан Томиќ, координатор за развој на социјални услоги.


Минстерката за труд и социјална политика Мила Царовска на почетокот изјавуваше дека институциите не ги заслужува ниедно дете и таа сакаше да ги изнесе децата надвор од просторот затворен во 4 ѕида во кои тие се осамени.

До пред две години 428 лица беа сместени во институции, а денес тој број е 274.

Плановите се до крајот на 2021 година да биде ставен клуч на сите вакви институции.

Згрижувачките семејства, посакуваат посвојување на децата, Пречка се законите

Ана и Сашо кои од пред една година станаа згрижувачко семејство имаат желба и надеж дека ќе се смени законската регулатива и на малиот Иван да му станат вистинско семејство, односно да имаат можност да го посвојат.

Но, од надлежното министерство велат дека за жал во моментот со законите од социјалната заштита со кои се регулирани згрижувачките семејства, не е дозволено од згрижување детето да помине во посвојување, иако додаваат дека има земји кои имаат таква пракса како што е Англија.

„Сепак во посвојувањето има посебни услови кои сите родители кои поднеле барања треба да ги исполнат и оние кои ќе исполнат најголем број од овие услови имаат најголеми шанси да добијат дете со посвојување. Преминот од згрижување кон посвојување отвара мала за можеби несакани последици и не е фер кон оние кои чекале и се борат да го остварат правото на посвојување. Згрижувачките семејства се само една форма на услуга од социјалната заштита која на дететето треба да му обезбеди краткорочна грижа и нега, се до решавање на неговиот статус“, вели Томиќ кој дополнува дека згрижувачкото семејство може да поднесе барање за посвојување, но и да исполнува критериуми за тоа.

Во земјава има 206 згрижувачки семејства. 281 семејства чекаат за посвојувања дете, а 111 се во системот за посвојување.

Илиоски потајно се надеваат дека еден ден е можно Иван да биде дел од нивното вистинско семејство зашто тешко е и за детето и за згрижувачите кога ќе се здружат и треба да се разделат, а во меѓувреме тие не се откажуваат од нивната битка за ова детенце полесно да зачекори во животот.

„Мојата желба е кога веќе се бориме за ова дете и кога е задоволно тука, исполнето е, да остане тука, кој ќе биде правниот момент, незнам. Да може по пет – десет години да ги видиме благодетите на нашата и неговата борба, за да може да се чувствуваме исполнето и среќно да знаеме дека нешто сме направиле“, вели Сашо.

Засега се чини дека Иван како да чувствува дека им припаѓа на овие луѓе гледајќи ги неговите реакции. Одушевува идејата дека ова место каде што е згрижен, е семејство во кое луѓето кои му ја пружаат својата верност и љубов, му читаат песни и го бодрат секогаш толку мајчински.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG