Достапни линкови

Петте творечки децении на Ниче Василев - сликарот на човечката присутност


Плакатот за изложбата и монографијата на уметникот Ниче Василев

„50 години сликарство“ е насловена ретроспективно-монографската изложба на македонскиот уметник Ниче Василев, што од вечерва 17 мај и во наредниот месец се одржува во Галеријата на Завод и музеј Струмица. Поставката и објавата се проекти на Здружението за култура „Транзен“.

Низ сите мои творечки години никогаш не сум создавал во конфорна зона. За разлика од некои мои колеги, јас тешко го поминував мојот авторски пат. Но, никогаш не се предадов и опстоив во таа сурова реалност. Повеќе од педесет години сум посветен на сликарството, се трудам колку можам да имам сериозен пристап и делата ги анализирам во ателјето долго, студиозно. Понекогаш на нив се навраќам и после неколку месеци. Сликите никогаш не се целосно завршени. Не ги разбирам колегите кои се жалат на тешките услови за работа. Вистинскиот творец секогаш ќе најде начин и причина да создаде нешто убаво, нешто значајно. Барањето причини за неуспехот е исто така неразбирливо. Без оглед на сите искушенија, уметникот е токму тој кој наоѓа решенија за најтешките прашања и од нив ја создава својата уметност.

Вака, во обемниот разговор со кураторот и колегата Никола Пијанманов печатен во богато опремената монографија „50 години сликарство“, говори македонскиот уметник и „сликарот на човечката присутност“ Ниче Василев.

Тој, во својата „Исповед“ печатена во книгата говори за своето детство во скромното земјоделско семејство во родното Дабиле, за немаштијата и постојаната борба со болестите, за годините на развој минати во Средното училиште за применета уметност во Скопје каде бил запазен од професорот Родољуб Анастасов од кого ги научил основите на цртежот и сликарството („Еднаш, во неговото ателје ми подари мантил за сликање и во него се чувствував како вистински уметник!“) , префрлањето од Применетата академија во Софија по само една година на Академијата во Варшава по предлог на професорот и признаен полски уметник Лудвиг Мачонг, деновите минати таму, средбата со Рената Галазка и бракот во кој им се родила ќерката Љупка, нејзината определба да тргне по неговиот пат – нешто што го исполнило потполно...

Во моето творештво и во мојот живот, воопшто, се мешаат безброј моменти, случки, зборови , совети...личности кои на еден или на друг начин се „знаци на патот“, кој го одам веќе седумдесет години, и за чудо, интензитетот на нивните бои никако не бледнее.

Сите нив ги носам во својата папка со цртежи, во кутијата со бои, во џебовите, во обелените влакна, во оваа кратка исповед, ќе напише Василев.

Ниче Василев - „Дама со гитара“

А, говорејќи за уметноста тој вели дека таа не се учи и дека за него е радост.

Уметноста не се учи. Или ја имаш во себе или не! Вие можете да ги студирате сите школи за уметност, но ако го немате талентот, никогаш нема да бидете креативен и плоден автор. Им препорачувам на младите сликари, пред сè, да се осврнат на сопствените чувства и автентичен израз. Да веруваат во сопствените можности и да ги развиваат, постојано. За мене уметноста е сè! Таа ме прави среќен, исполнет. Среќно е и моето семејство. Уметноста е радост. Таа ги прави сите подобри и посреќни луѓе, ќе рече Ниче Василев.

Од друга страна, Никола Пијанманов во обидот со збор да го отклучи творештвото на својот сограѓанин и голем македонски уметник потенцира дека Василев е првенствено сликар на човечката присутност.

Уметноста на Ниче е во постојана потрага по совршениот клуч кој ќе ги соедини бојата, светлото и цртежот (формата). Некогаш бојата ја преплавува сликата и триумфира над силуетите, некогаш цртежот ја натсликува бојата со сета своја елеганција и раскош. Оттука сликарот маестрално ги користи како медиум пастелите и моливот во боја како што своевремено Едгар Дега ги досликуваше костимите на кревките и нежни балерини со структура на изронети крилца од ноќни пеперутки. Ниче е првенствено сликар на човечката присутност, и на ентериерите во кои неповратно се втиснале сенките и формите на женските фигури, актови, еротските облини и погледите на анонимните ликови, нежните и кревки човечки судбини, преплавени со нежна меланхолија и длабоки емоции, вели Пијанманов.

Ниче Василев - Сликарот и моделот, комбинирана техника картон

Тој и со појаснување дека творештвото на Ниче Василев е секојдневна борба со сивилото на светот.

Василев е еден од оние уметници кои не мируваат, туку се во постојан грч на креација и осмислување на секојдневниот театар на животот. Неговата палета е постојано свежа, а неговиот животен простор континуирано стеснет од премногу дела. Плодните уметници од преголема креација создаваат лавиринти од платна, палети и картони низ чија мистериозна патека само тие можат да го пронајдат излезот до другата страна, до страната на совршената галерија во која се е хармонија и светлина. Гледачите се тука со мапи и каталози во кои иако е испишан точниот распоред на делата, тие лесно можат да се изгубат. Затоа што уметноста е голема и длабока како пустина и океан, а во нив уметникот е и бунар и суша и брод и бродоломник, пишува кураторот.

Во неговиот кураторски текст ќе биде забележано и следново: После творештвото на Никола Мартиноски во нашето сликарство, ретко кој сликар со толкава страст се посветил на женската фигура како Ниче Василев. Жена со петел, жената со цвеќе, жена со музички инструменти, жената модел и жената творец...сите тие се толку комотно вселени во неговите слики што личи дека отсекогаш постоеле тука, во удобноста на сликарската имагинација. Стилизацијата и перфектната преобразба на моделот во симбол, во самостоен стилски ликовен јазик, даваат една раскошна музикалност во неговото сликарство. Дека една уметност треба да постои и да биде органски поврзана со местото каде уметникот живее и твори, а во исто време да биде и светска, универзална, тоа го потврдува сликарството на Ниче. – “Дали делото создадено во Травник, Вишеград и во било која периферија на светот е помалку вредно од она создадено во Рим, Мадрид, Лондон?!” – “Не”! - прецизно одговори Иво Андриќ. Затоа што таму каде што постои уметникот, таму каде што создава, таму е центарот на светот.

Ниче Василев во своето студио во Струмица

Кон ова само уште информацијата дека на изложбата „50 години сликарство“ на Ниче Василев во салонот на Галеријата на Завод и музеј Струмица се претставени 38 дела работени во различни техники (масла, цртежи, пастели...) и селектирани од вкупното творештво на уметникот за периодот 1972 – 2022. Организатор на настанот е Здружението за култура „Транзен“, а оваа поставка се одржува во рамките на годинашното одбележување и светската манифестација „Ноќ на музеите“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG