Достапни линкови

Партиски конгреси- Заев заминува, Мицкоски ќе се освежи со нов мандат


Скопје- средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Клубот на пратениците, 29.03.2021
Скопје- средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Клубот на пратениците, 29.03.2021

Следната недела, на 12 декември, партиските членови и претставници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ ќе бираат лидери на сопствените партии. Во владејачката партија секој член има право на глас, а во опозициската гласаат делегати. Овој пат изборот во СДСМ е пошаренолик.

Фросина Ременски, Димитар Ковачевски, Властимир Алексовски и Јован Деспотовски, овие четворица имаат амбиции да го водат СДСМ во следните четири години. Рокот за пријавување истече денеска во 16 часот и тие се кандидатите кои се пријавија за претседател на партијата.

Токму поради поголемиот број кандидати овојпат натрепреварот за прв партиски човек е поинтересен во СДСМ.Во мај пак кога Заев беше резибран за партиски лидер со нов четиригодишен мандат немаше противкандидати. Откако одлучи да се повлече поради загубата на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ минатиот месец се отвори и можноста за лидер кој ќе ја преземе партијата по осумгодишното управување на Заев.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијави АДИ повеќето пријавени кандидати сега од мај е поради тоа што, како што вели никој од нив не мислел дека може да го победи Заев кој со оставката им отворил терен да си ја „измерат силата меѓусебно“.

„Сепак Заев набилда рејтинг во СДСМ, ја консолидираше, ја донесе на власт, ја одржа на власт пет години, а и досега тој немаше изгубено избори, се до последниве локални. Но, верувам дека ако се кандидираше пак Заев, бројот на кандидати ќе беше помал“, вели Муслиу.

Кој се има амбиции за лидер?

Прва кандидатура поднесе поранешната потпретседателка на СДСМ и поранешна техничка министерка за труд и социјала Фросина Ременски. Таа беше и пратеник во претходниот парламентарен состав, а партијата не ја кандидира на ланските избори. Ременски е обвинета во случајот Меѓународен сојуз. Според обвинението таа со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот Бојан Јовановски -Боки 13 на средби со оштетените бизнисмени, кои потоа биле измамени и оштетени. Судскиот процес за овој случај е во тек.

Иако прв најави дека ќе се кандидира, по неа во партијата се пријави и актуелниот заменик министер за финансии Димитар Ковачевски кој се смета за избор на досегашниот лидер Зоран Заев кој и на преговорите со Алтернатива за влегување во владата доаѓа со него. Ковачевски иако е долги години е во партијата, досега не се експонираше многу во јавноста.

Деспотовски, пак, одамна е присутен на политичката сцена, а од ВМРО-ДПМНЕ од порано му го доделија епитетот најблизок соработник на Радмила Шекеринска, доскорашната заменик претседателка на СДСМ која годинава одлучи да се повлече од партиските функции.

Иницијативата за вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ веќе не постои

ВМРО-ДПМНЕ,кои пред СДСМ го закажаа изборниот конгрес за 12 декември, гласањето овојпат за разлика од пред четири години кога првпат беше избран Христијан Мицкоски го дочекуваат во помирна атмосфера. Таму засега нема најави за повеќе кандидати, а само Мицкоски најави дека ќе поднесе кандидатура. Кај нив тоа може да се стори до самиот ден на гласање. Право на глас имаат 518 делегати.

Мицкоски досега немаше толку мирен мандат. До пролетва поранешни партиски функционери и градоначаници како Ивица Коневски и Борче Стамов стоеа зад иницијатива за свикување вонреден конгрес, кој не помина во партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ. Сега тие немаат никаква иницијатива за редовниот конгрес, а член на одборот за РСЕ кратко вели дека „иницијативата веќе не постои“.

Според аналитичарот Муслиу, главната причина за повлекувањето на разните иницијативи се изборните резултати на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, но и некои чекори што ги направи Мицкоски.

„Мицкоски покажа капацитет и пред локалните избори да ги сплоти внатрешните односи, еве го кандидираа повторно и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и од таа гледна точка тој се покажа ефикасен и ефективен“, вели Муслиу.

Јанчев, во 2018 година беше исклучен од партијата поради несогласување со политиките на раководството, а на овие локални избори повторно беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Но и конгресот во 2017 година во Валандово, на кој првпат беше избран Мицкоски не помина без турбуленции. Тогашните пратеници и истакнати партиски лица Антонијо Милошоски и Илија Димовски не отидоа на конгресот бидејќи како што наведоа тогаш се сомневале во неговиот демократски капацитет. Милошоски е се уште пратеник, а од септември лани повторно е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG