Достапни линкови

Орка Холдинг негира дека Камчев тивко се повлекува од македонскиот бизнис


 Орка Холдинг
Орка Холдинг

Го објавуваме демантот на Орка Холдинг во целост, како и одговор на наведените тврдења на компанијата по повод вчерашниот текст дека бизнисменот Орце Камчев тивко се повлекува од македонскиот бизнис.

Демантот на Орка Холдинг:

„Во однос на наводното повлекување на г-динот Камчев од бизнисите, нешто што го наведувате и директно во насловот „Камчев тивко се повлекува од македонскиот бизнис’“ со обид намерно или ненамерно да алудирате на нешто – г-динот Јордан Камчев не се повлекува од управувачката структура ниту на Клиничката Болница Аџибадем Систина ниту од управувачката структура на Орка Холдинг, туку на соодветните позиции назначува професионални менаџери кои ќе имаат извршни функции, а тој станува Претседател на Одборот на директори и во Клиничката Болница Аџибадем Систина и во Орка Холдинг. Г-дин Ѓун Ѓунсој, кој доаѓа на местото на Камчев во Клиничката Болница Аџибадем Систина е назначен од страна на Орка Холдинг, бидејќи според статутот на Болницата тоа е место и позиција на Холдингот, додека г-дин Антоније Мариноски е исто така директно избран од страна на Орка Холдинг. Невистинита е и споредбата која што ја направивте, дека Орка Холдинг била доминантен сопственик на Болницата со паричен влог од 13 милиони евра, додека турската Аџибадем како основач влегла со 6,5 милиони евра. На почетокот на соработката, двете компании имаа идентичен основачки влог од 6,5 милиони евра, а сега со договор соодносот е 53% Аџибадем наспроти 47% Орка Холдинг, но само во времетраење од 3 години.

Целосно невистинито е и дека Јордан Камчев е сопственик на дел од фирмите кои ги споменавте меѓу кои „Бет сити’“, „Пелистерка“, „Мериот“, како и дека има каква било поврзаност со фирмата „Ексико“.

Во однос на изнесените информации за сопственост на фирми надвор од Македонија, како дел од неговиот имот, не е вистина дека Јордан Камчев има фирми во Хрватска, Холандија, Србија, Косово или офшор компании во даночните раеви кои ги споменувате.

Во однос на наводните детали кои ги изнесувате во врска со истрагата за случајот „Империја“ најостро демантираме дека г-динот Јордан Камчев е осомничен за перење на 10 милиони евра.

Комплетно невистинито е и тврдењето дека за Јордан Камчев сè уште се во сила мерките за претпазливост, и дека тој тој редовно треба да се јавува во Основниот суд Скопје 1. Таква мерка за г-нот Камчев никогаш не била изречена.

Не е точна ниту информацијата дека е определена привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица туку постои мерка за забрана за располагање со удели.

Ние одговорно стоиме позади информациите кои Ви ги приложивме, а кои во целост се разликуваат од информациите кои Вие ги изнесовте во вчерашниот текст и уште еднаш Ве потсетуваме дека за било која тема стоиме на располагање да Ви дадеме одговори со цел понатамошни Ваши прецизни и точни објави во јавноста“, е наведено во демантот од Орка Холдинг.

Документ од Централен Регистар за промена на податоци
Документ од Централен Регистар за промена на податоци

Објаснување

Текстот на РСЕ се базира на податоци добиени од документи од Централниот регистар, Специјалното јавно обвинителство и Јавното обвинителство за борба против организиран криминал и корупција, како и дел пренесени информации од други медиуми кои се занимаваат со истражувачко новинарство.

Бизнисменот Орце Камчев, како што е наведено во документите од Централниот регистар кои РСЕ ги објави, повеќе не е на директорските позиции, како што се наведува и во вчерашниот текст. Компанијата тврди дека тој станува Претседател на одборот на директори во Аџибадем и Орка Холдинг .

Ненамерна грешка во пресметките е податокот од 13 милиони евра основачки влог на Орка холдинг во Аџибадем Систина, кој изнесува 6,5 милиони евра.

Во однос на тврдењата дека е невистинито дека Камчев е сопственик на други фирми во и надвор од Македонија споменати во текстот, тоа се пренесени информации од други медиуми кои се занимаваат со истражувачко новинарство, што досега во јавноста не беа демантирани.


Воедно обвинителката од СЈО Лиле Стефанова која ја водеше истрагата за случајот „Империја“ на брифинг со новинарите во февруари годинава соопшти дека Камчев е краен сопственик на „Ексико“, која е офшор компанија и преку која, според истрагата, се переле пари.

Во соопштението на Специјалното јавно обвинителство од 9 ноември 2018 година се наведува дека осомничените 13 лица се гонат поради „постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело“.

Мерка за претпазливост има изречено за Камчев, но тој не треба да се јавува во судот.

„Лицето за кое прашувате е осомничено лице во предметот Империја и со одлука на судот, а по барање на надлежен јавен обвинител од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, му е определена мерка на претпазливост - привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање, која е сè уште во сила. Дополнително, во постапка по наредба на Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите на осомничениот му е издадена времена патна исправа заради стручно усовршување во странство“, наведуваат во писмениот одговор од Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција.

Во однос на информацијата за привремената мерка за одземање на дел од имотот во соопштението на СЈО од 12 ноември 2018 година е наведено следново:

„Ја информираме јавноста дека во рамки на истрагата „Империја“ судот донесе решенија за определување на привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица ДПТУ Орка холдинг АД Скопје и ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и ДПТУУ Тимох увоз извоз ДОО Скопје“, објави тогаш на својата интернет страна Специјалното јавно обвинителство.

Додека, пак судот соопшти дека делумно го уважува нивното барање.

„Во однос на прашањата поврзани со предметот од надлежното обвинителство означен како „Империја“, ја информираме јавноста дека - судија на претходна постапка постапувајќи по барања на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за привремено одземање на имот заради обезбедување, а поврзан со конкретниот предмет, судијата определи привремени мерки и забрани отуѓување и располагање со уделите на правните лица за кои постои основано сомнение дека била прибавена имотна корист со кривичните дела за кои се води постапката“ , е наведено во судското соопштение.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG