Достапни линкови

Онлајн судења - идеја која отвори дилеми


Основен суд Скопје 1, празна судница
Основен суд Скопје 1, празна судница

Иако опцијата онлајн судења во моментот е само идеја која не мора да се спроведе, ресорниот министер Бојан Маричиќ вели дека таа не треба да се отфрли, зошто е обид за ефикасно да функционира судството во услови на пандемија. Дел од стручната јавност смета дека идејата тешко ќе се спроведе во пракса

Министерот за правда Бојан Маричиќ признава дека онлајн судењата не се пропишани со законот и дека сите судови немаат техничка подготвеност за ваков тип на работа, но дека тоа е еден од начините за поефикасно дејствување на судовите во услови на пандемијата со ковид 19.

„Нашата цел со отворање на оваа тема е да се обидеме да ја задржиме ефикасноста на судството, па и да ја зголемиме, да се обидеме да ја направиме правдата достапна за граѓаните и да овозможиме судството да функционира и во овие услови. Ние секако дека нема да робуваме на таа идеја дека мора да се оствари, но не би ја отфрлиле како можност за која треба да се разговара со надлежните во судската власт“, вели Маричиќ во интервјуто за радио Слободна Европа кое ќе се емитува во недела.

Успешен пример за ваков вид судења е Основниот суд во Кавадарци, кој во изминатиот период на корона криза одржа онлајн судење. Но, оваа идеја за дел од експертската јавност не е најдобро решение и отвора неколку други прашања.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески деновиве изјави дека за високо профилни кривични дела сегашното законодавство не обезбедува основи да се судат на тој начин и поради тоа е непходно измена на процесното законодавство со двотретинско мнозинство во Собранието.

„Има многу отворени прашања што во овој момент ниту се надминати, ниту со примена на постојниве решенија може да се разрешат. Како ќе се осигураме дека во просторијата каде е сведокот нема и други лица кој што можат да му сугерират за одредени прашања“, истакна Јовески во интервју за Телевизија 24 , додавајќи дека решението треба да се бара во судење на отворено или поголеми судници.

За ресорниот министер Маричиќ прифатливи се и овие опции и постои простор за разговор, се со цел судството да функционира.

Дека онлајн судењата не се најдоброто решение се согласува и поранешниот судија и актуелен професор на Факултетот за општествени науки, Башким Селмани. Тој е уверен дека онлајн моделот нема да биде успешен во пракса.

„Мислам дека судниците се доволно широки за одржување на судења со физичко присуство. Вака со онлајн судењата може да се случат злоупотреби од страна на странките во постапките, но и од судиите и судечките совети. Еве ние имаме примери со онлајн образование, па гледаме дека не е баш успешно во делот на квалитетно образование. Мислам дека со онлајн судењата не само што нема да се зголеми квалитетот на правдата, туку повеќе ќе се комплицира и отежнува правната процедура“, вели Селмани.

И претседателот на Судскиот Совет Кирил Здравев неодамна за МИА изјави дека со цел да нема одложувања на рочишта поради големиот број заразени од корона, треба да се размислува за опцијата онлајн судења. Според него единствената препрека поради која се доведува во прашање спроведувањето на ваквата идеја е согласноста на обвинетиот за ваков тип судење.

Одложување судски рочишта токму поради состојбата со коронавирусот во последните недели можеше да се забележи и во пракса. Па така месецов беа одложени судењата за предметите „Титаник“, „Таргет -Тврдина“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Организаторите на 27 април“, поради тоа што дел од обвинетите во постапките се позитивни на ковид-19.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG