Достапни линкови

Ограничувања, забрани, кампањи - како да се заштитат децата


илустрација
илустрација

Трагедијата во училиштето во Србија отвори дебата како да се заштитат децата од насилните содржини на социјалните мрежи. Училиштата може да го ограничат пристапот до некои содржини, но експертите велат - нема да има ефект. За учениците најавите за „гасење“ на некои мрежи се бесмислени. Властите пак со кампања ќе ја подигнуваат свеста против училишното насилство.

За најголемиот дел од учениците, покрај училишниот ранец, мобилниот телефон е нешто без кое не тргнуваат во училиште. Кога некои од компјутерите во училиштето не работат, мобилните се лесно достапни и се користат како дополнителна алатка на некои часови, раскажува ученик во едно скопско училиште.

„Најчесто ги користиме мобилните за пребарување информации за некоја наставна содржина, а понекогаш на телефон решаваме и квизови. Некои наставници не дозволуваат да ги користиме телефоните, а на некои пак, тоа не им пречи. На одморите речиси сите ученици се со мобилните и си гледаме тоа што не интересира“ вели ученикот.

Дебатата за тоа колку се безбедни социјалните мрежи не е нова, но новина е што ресорното министерство за образование подготвува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, поврзани со употребата на социјалните мрежи во училишна средина.

До ова доаѓа по трагичниот масакар во училиштето „Владислав Рибникар“ во Србија во која малолетник уби осум ученици и еден работник од обезбедувањето во тоа училиште, а повреди уште шест ученици и еден наставник.

Министерот за образование Јетон Шаќири веќе најави дека е можно да се ограничи користењето на социјалната мрежа Тик–Ток во основните и средните училишта, а во игра е и евентуална „забрана“.

Ги прашавме средношколците дали социјалните мрежи се извор на насилство и агресија и што мислат за најавите за забрана на тик-ток. Еве што велат дел од анкетираните:

„Јас мислам дека социјалните мрежи не се извор на насилство, бидејќи на нив сите ги гледаме работите што не интересираат. Ако бараме насилство, нормално е дека ќе го најдеме. Исклучувањето на социјалните мрежи е глупава идеја бидејќи таму има многу извори на информации и идеи кои ни се важни“, вели Матеа Кондратенко.

„Има, има пораки на агресија и негативни работи бидејќи мрежите се слободни места за информација, кој сака, што сака, ќе стави“, вели Симон Гега.

„Најавите за забрани се тотално бесмислени. Со прохибиција ништо нема да направиме. Мислам дека е повеќе општествен проблем и проблем во нашите морали отколку проблем на технологијата“, смета средношколецот Марко Ангелковски.

Младите се против ограничувања на социјалните мрежи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:39 0:00

Спировски: И да се спроведе забрана во училиштата, младите се на телефоните

Експертите за информатичка безбедност објаснуваат дека можност за ограничување на употребата на одредени интернет содржини постои во однос на уредите во самото училиште, но дека нема можност тие да се блокираат и кај мобилните уреди на корисниците.

„Сосема е возможно да се направи тоа на системите коишто ги контролира училиштето, односно компјутерите во училниците. И тоа е сѐ. Ако се има превид дека децата се 99, 9 % активни на нивните мобилни, а не на компјутерите кои ќе ги контролира училиштето, апсолутно ништо не можат да направат тие за тоа што ученикот гледа на телефонот“, вели Божидар Спировски, експерт за информатичка безбедност.

Реалноста е додава тој, дека дури и кога на некого ќе му биде блокиран пристапот преку безжичниот интернет во училиште, ученикот секогаш може да се префрли на 4Г мрежа и од таму ќе продолжи да гледа тоа што сака.

„Имате две опции. Или да ги контролирате сите уреди директно или целиот интернет пристап во државата. Вториот пристап е тој што го користат Кина, Саудиска Арабија итн. и ред други земји и буквално го контролираат целиот пристап до интернет, односно одлучуваат што во таа држава може да се види, а што не може да се види“, дециден е Спировски.

Од друга страна пак секогаш останува отворена можноста родителот да го искористи софтверот за родителска контрола и на тој начин да ограничи или блокира одредени содржини. Експертите за онлајн медиуми велат дека софтверот за родителска контрола не може да го замени родителот, но може многу да му помогне на самиот родител да знае кога и како треба да преземе нешто за да го заштити своето дете, бидејќи е невозможно постојано да го гледаме детето што прави.

Дигитална писменост наспроти забрани

За тоа какви ефекти би дала евентуалната забрана на ток-ток или други популарни платформи, постојат поделени мислења кај експертите. Некои сметаат дека акцентот треба да се стави на дигиталната писменост и на разговор со децата, а други пак дека тоа би било добар потег.

„Користењето на оваа платформа е дискутабилно. Сметам дека самиот механизам на таа платформа е направен да креира зависност. Но, од друга страна треба да се внимава на моментот на употреба или злоуотреба на социјални медиуми. Дали ние вината ја бараме во медиумот или луѓето кои го злоупотребуваат медиумот? Дали ќе го користат медиумот сите оние кои повикуваат на насилство е работа на избор, но треба да се спречат и соодветно да се санкционираат луѓето кои го прават тоа“, вели психологот и психотерапевт Тиана Ивановска.

Во меѓувреме од МОН најавуваат кампања за подигнување на свеста особено кај младите, за важноста на мирот, ненасилно и толерантно однесување во и надвор од училиштата.

„Ќе се обидеме да допреме до сите, до учениците, наставниците и другите вработени во училиштата, родителите и старателите, да укажеме дека важен е придонесот на секој од нас во остварувањето на целта. Неопходно е да се даде предност на вербалниот дијалог помеѓу учениците и на мирното решавање конфликти. Да ја зголемиме свесноста за последиците од евентуално девијантно однесување, кои видовме дека можат да бидат катастрофални,“ се наведува во соопштението од МОН.

МОН веќе отвори и електронска адреса на која може да се пријавува врсничко насилство. Од министерството се пофалија дека веќе добиваат пријави и дека секоја од нив соодветно ќе се истражи.

Инаку последното истражување на УКИМ покажува дека 37 отсто од децата во училиштата во земјава не се чувствуваат безбедно во училиште, а 24 отсто од учениците кажале дека се жртви на физичко насилство. Дваесет и седум проценти од децата, пак, не знаат како и кому да соопштат оти се жртви на насилство, а често не знаат ниту да го идентификуваат самото насилство.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG