Достапни линкови

„Обесете ги на дрвја“-закани кон сопственик на хостел за мигранти во Србија


Тензиите се големи во Сомбор, откако локален жител беше цел на екстремно десничарската екстремистичка група, бидејќи го отвори својот хостел за мигранти. (фотографија од датотека)

Синиша Шево лани отвори хостел за мигранти во северна Србија. Кратко потоа, група на екстремната десница ја стави неговата фотографија и други податоци на плакати, означувајќи го како предавник и упатувајќи му смртни закани. Душан Комарчевиќ

За обезбедување на место за спиење на мигрантите во неговиот хостел во Сомбор, во северозападна Србија, Синиша Шево е етикетиран како предавник од српските десни екстремисти и е цел на смртни закани на социјалните медиуми.

Неговата фотографија, како и на петмина други плус нивни лични податоци, беа на плакатите истакнати низ градот со околу 80.000 жители од страна на екстремно десничарската група „Народна патрола“, која ги обвини шесттемина дека профитирале од нелегално обезбедување на сместување на мигрантите.

Лекциите од бегалската криза да се стават во функција на евенталниот нов бран

„Ова е мал град. И кога некој ќе ве етикетира така, тоа е важно“, вели Шево за РСЕ. Полицијата соопшти дека спроведува истрага, но во меѓувреме, Сево беше принуден да го затвори својот хостел.

Србија во моментов сместува околу 5.000 бегалци и мигранти, според агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР. Земјата е на таканаречената балканска рута што ја користат мигрантите и бегалците кои избегаа од конфликти, тешкотии и прогон.

Бројот на мигранти кои илегално влегуваат во Европската унија со преминување на Западен Балкан годинава е речиси двојно зголемен, објави граничната агенција на ЕУ Фронтекс во август, додавајќи дека повеќето доаѓаат од Сирија и Авганистан.

Во Сомбор, недалеку од границата со членките на ЕУ Хрватска и Унгарија, бегалците и мигрантите се сместени во државен центар кој не е во состојба да се справи со бројките.

Бројот на приватните хостели, како оној што го води Шево, се зголеми за да ја пополнат празнината, нешто што не им се допаѓа на десните екстремисти.

Тие маршираа во Сомбор и другите српски градови и извршија други акции, вклучително и заканување на мигрантите, разгорување стравови и предрасуди во услови на веќе напната ситуација, велат набљудувачите.

На 9 октомври, низ Сомбор се појавија постери со фотографии и податоци на оние што беа обвинети од Народна патрола дека профитирале од мигрантската криза.

плакати залепени од екстремно десничарските групи во градот Сомбор против луѓе кои издаваат сместување за мигранти
плакати залепени од екстремно десничарските групи во градот Сомбор против луѓе кои издаваат сместување за мигранти

На социјалните медиуми, десничарската екстремистичка група ги шири истите обвинувања. „Граѓани на Сомбор, ова се ваши соседи кои нелегално издаваат сместување за мигранти“, напиша групата на својата страница на Фејсбук, на која има повеќе од 43.000 следбеници.

Најголемите стравови на Западен Балкан

Тоа предизвика напад на омраза, вели Шево. „Имаше коментари како: „Обесете ги на дрвја“, раскажува Шево. Други ги нарекоа „предавници“ кои „треба да бидат протерани од земјата заедно со мигрантите“. Шево вели дека неговата загриженост се зголемила откако неговата сопруга почнала да добива заканувачки пораки и на социјалните мрежи. „Отпрвин, не ги сфатив сериозно, но по некое време почнав да се грижам, особено за моето семејство“, рече тој.

На 12 октомври, оние што беа истакнати на плакатите поднесоа извештај -вклучувајќи детали за заканите што ги добиле на социјалните медиуми -до полицијата, која соопшти дека нивната жалба ќе биде проследена до локалните обвинители.

„Сега чекаме да видиме дали обвинителите ќе преземат нешто“, рече Шево. Српското министерство за внатрешни работи за РСЕ потврди дека таков извештај примила полицијата во Сомбор и дека ќе биде проследен до обвинителството за „понатамошна постапка“.

Еден ден откако се појавија плакатите, Народна патрола организираше демонстрација, со скандирање „Не сакаме мигранти“, додека неколку десетици демонстранти маршираа низ улиците на Сомбор.

Десничарските активисти ја заоструваат веќе напнатата ситуација во градот, каде што многу мигранти се принудени да спијат во паркови и на други места, поради недостаток на сместување. „Тие буквално ги вознемируваат бегалците. Тие буквално бараат причина да ги нападнат“, вели Шево.

Неговиот хостел и другите кои обезбедуваат засолниште за мигрантите се затворени од полицијата поради притисокот од десничарските активисти и поради кршење на српскиот закон.

Според српското законодавство, само мигрантите кои формално поднеле барање за азил, легално може да добијат приватно сместување. Со надеж дека ќе стигнат до ЕУ, повеќето мигранти не аплицираат во Србија.

Властите требаше да преземат цврста акција за да се спротивстават на кампањата што ја започна во Сомбор Народна патрола, изјави Радош Ѓуровиќ, член на белградската невладина организација Центар за заштита и помош на барателите на азил. „Ваквите изрази на предрасуди, дури и омраза, се незаконски и мора да се гонат“, рече тој, додавајќи:

„Лошата комуникација помеѓу службениците што управуваат со центрите за мигранти и локалното население каде што се наоѓаат овие објекти ги поттикна стравовите и предрасудите, зголемувајќи ги тензиите“.

Во Србија има 20 центри за бегалци - вклучувајќи го и оној во Сомбор - со кои раководи српскиот комесаријат за бегалци и миграција. Лошото управување на таа агенција со тие центри, според Ѓуровиќ, создаде „критична маса проблеми што се плодна почва за екстремистичките партии и движења кои дејствуваат со поттикнување страв и предрасуди“.

Тој вели дека лошото управување на бегалската агенција значело дека околу 1.000 мигранти се движат околу центарот за бегалци, не можејќи да најдат засолниште. За возврат, продолжува Ѓуровиќ, тие се жртви на оние што нудат да ги прошверцуваат од Србија по превисоки цени.

Комесаријатот за бегалци и миграција не одговори веднаш на барањето на РСЕ за коментар за ситуацијата во Сомбор. Таканаречени народни патроли датираат од 2020 година, кога за првпат се појавија во неколку српски градови, организирајќи протести против мигранти и други акции, од кои некои ги споделија на социјалните мрежи.

Во БиХ уапсени криумчари на мигранти

Дамјан Кнежевиќ, кој се идентификува како водач на групата, објави видео на социјалните мрежи во февруари 2020 година, на кое се гледа како група мажи со качулки се соочуваат со група мигранти и бегалци во центарот на Белград, кажувајќи им дека „ќе имаат проблем доколку Србинки или мажи бидат нападнати“.

Иако српското Министерство за внатрешни работи подоцна потврди за РСЕ дека полицијата ги доставила деталите за инцидентот до обвинителите, Обвинителството на Србија не одговори на барањата за коментар од РСЕ.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG